Акциите на Комерцијална банка најтргувани во првиот квартал од 2021 година на пазарот на капитал.Тие остварија вкупен промет по сите основи од 11,98 милиони евра. По нив следат акциите издадени од НЛБ Банка АД Скопје, па акциите на „Алкалоид“ АД Скопје. Ова се дел од главните акценти за периодот јануари – март 2021 на домашниот пазар на капитал, што ги нотира Македонска берза.

Акциите на Комерцијална банка најтргувани во првиот квартал од 2021 на пазарот на капитал

Главни акценти во првиот кварталл од 2021

Вкупниот берзански промет по сите основи во првиот квартал од годинава изнесува околу 43 милиони евра. Тој е намален за 36 отсто во споредба со истиот период лани кога вкупниот промет изнесуваше 68 милиони евра. Основна причина за ваквото намалување е екстремно високиот промет со акции во март 2020 година. Минатогодишниот мартовски промет беше реакција на големата ценовна осцилаторност што настана како последица од избувнување на пандемијата.

Консеквентно, прометот со акции во БЕСТ системот во првиот квартал од 2021 година изнесува околу 21 милиони евра. Сума која е за 49 отсто помала во однос на истиот период во 2020 година.

Ваков тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции којшто во првиот квартал од оваа година изнесува 91. Додека просечниот дневен промет во првиов квартал од 2021 година достигна околу 493 илјади евра.

Од друга страна, подеталната aнализа на прометот со акции од редовно тргување во БЕСТ системот оствaрени во првите квартали во последните пет години покажува дека прометот во првиот квартал годинава, со исклучок на ланскиот прв квартал, е втор најдобар резултат во последните пет години.

Исто така, за одбележување е многу високото зголемување на прометот остварен од тргување со обврзници, кој бележи пораст од 995 отсто YoY (Year-over-year). Ова, пред се, се должи на новата емисија на обврзници на денационализација во вкупна номинална вредност од 11,5 милиони евра, после едногодишната пауза.

Од аспект на структурата на прометот во изминатиов квартал, околу 68  одсто од прометот е остварен од тргување со котираните компании. Преку блок трансакции е остварен околу 31,6 отсто промет. Додека многу мал процент (0,22 проценти) е реализиран од тргување со некотирани компании.

 

МБИ10

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните десет акции на Македонска берза, во првиот квартал од оваа година бележи пораст од 2,98 проценти во однос на последната вредност на индексот на крајот на 2020 година.

Доколку се анализира по месеци после порастот во јануари (4,07 отсто) и февруари (2,25 отсто), во март индексот бележи пад од 3,23 проценти.

Највисоката вредност на индексот во овој квартал изнесуваше 5.150,20 индексни поени. И тоа на 17. фебруари 2021 година. Додека најниската вредност на индексот беше 4.710,31 поен на 04. јануари оваа година.

И најтргувани и акции со најголем пораст

Акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје бележат најголем пораст (9,25 отсто) во овој квартал. Потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје (8,23 отсто) и Стопанска банка АД Скопје (4,11 проценти).

Само кај три акции, елементи на МБИ10 се забележува надолна корекција на цените во првиот квартал од оваа година. Ова го покажа анализата на ценовните движења на поединечните акции од актуелниот состав на МБИ10 индексот.

Во продолжение е прикажана ценовната перформанса на сите елементи на МБИ10 во првиот квартал од 2021 година.

Најтргувани хартии од вредност во анализираниот период се акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 11,98 милиони евра. По нив следат акциите издадени од НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 3,40 милиони евра.

А тројката на најтргувани ја заокружуваат акциите на „Алкалоид“ АД Скопје со вкупен промет од околу 3,21 милиони евра.

Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот за првите три месеци од годинава изнесува 93 отсто. Тоа е вообичаено висока концентрација на класичното тргувањето во овие акции.

66 отсто од котираните компании со добивка

До крајот на март беа објавени и неревидираните финансиски резултати на котираните компании за 2020 година. Од 98 котирани компании, 66 регистрирале добивка, 29 загуба, додека три компании не доставиле финансиски извештај. Вкупната прикажана нето добивка на котираните компании за 2020 година е намалена за околу 0,21 процент споредено со 2019 година.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.