Американците, Милгром и Вилсон – добитници на Нобелова награда за економија за 2020 година. Пол  Р. Милгром и Роберт Б. Вилсон  ја добија Нобеловата  награда за „подобрување на теоријата на аукција и измислување нови формати на аукција“. Научниците Милгром и Вилсон работат на американскиот Универзитет Стенфорд во Калифорнија.

Кралската академија на науките на Шведска објави дека откритијата на Милгром (72) и Вилсон (83) „им биле од корист на продавачите, купувачите и даночните обврзници низ целиот свет“.

 

Бенефит за продавачите, купувачите и даночните обврзници

„Овогодинешните лауреати, Пол Милгром и Роберт Вилсон, го проучуваа функционирањето на аукциите. Тие исто така ги искористија своите проучувања за изнаоѓање нови формати на аукција за стоки и услуги, кои тешко се продаваат на традиционален начин. Од нивните откритија бенефит имаат продавачите, купувачите и даночните обврзници низ светот“, се вели во соопштението на Академијата.

Петер Фредриксон, претседател на Комитетот за Нобелова награда, истакна дека оваа година лауреатите во економските науки започнале со фундаментална теорија, а потоа ги искористиле своите резултати и практично на глобално ниво. Според него нивните откритија се од голема корист за општеството.

„Двајцата американски економисти имаа одлучувачко влијание врз теоријата на аукции и нејзина примена. Тие помогнаа во развојот на моделот за првата аукција на спектар на фреквенции во САД, што беше спроведено од страна на Управата за регулирање на телекомуникациите на САД во 1993 година. Со тоа беа поставени стандари за наддавање околу телекомуникациски фреквенции, што се користат ширум светот и постојано се унапредуваат,“ образложил Ахим Вамбах, претседател на Центарот за европски економски истражувања (ЦЕВ) прнсе ДВ.

Минатата година добитници на Нобелова награда за економија беа Абиџи Банерџи, Естер Дуфло и Мајкл Кремер за нивната работа за намалување на сиромаштијата во светот.

Нобеловата награда ја доделуваат шведските и норвешките институции како признание за академските, културните и / или научните достигнувања.

„Некласична“ Нобелова награда

Нобеловата награда за економја не е поврзана со волјата на изумителот на динамитот и патронот на наградите Алфред Нобел. Таа е воведена од Шведската централна банка во 1969-та година поради што не се смета за класична Нобелова награда. Но и покрај тоа се доделува заедно со останатите Нобелови награди, на 10 декември, денот на годишнината од смртта на Нобел.

Годинава свечености по повод официјалното доделување на Нобеловите награди во Стокхолм и Осло, поради корона-пандемијата ќе се одржат во помал формат.  Величествената церемонија, за доделување на наградите овојпат  ќе се одржи онлајн на која ќе се приклучат наградените од нивните матични земји. Добитниците ќе ја добијат наградата пред крајот на годината.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.