ВВ „Тиквеш“ со преполовена добивка во 2020 во однос на претходната година. Винарска визба  со најголем број меѓународни награди за своите вина во текот на 2020 гоидина оствари оперативна добивка во износ од 75,8 милиони денари. Оваа добивка е намалена за 58 проценти во споредба  со претходната година.

ВВ „Тиквеш“ со преполовена добивка

Винарска визба „Тиквеш“ АД Кавадарци, како што стои во образложението кон консолидирани резултати во 2020 година објавено на Македонска берза, забележала намалување од 10,7 отсто кај вкупните приходи. Практично, намалување од 193,7 милиони денари. Намалувањето на приходите се должи на намалените приходи генерирани од домашниот пазар (за 19,9 отсто). Бруто добивката бележи намалување од 16,7 отсто.

Освен категоријата трошоци за продажба и маркетинг која бележи зголемување за 6,3 милиони денари, сите останати категории на трошоци бележат намалување. Зголемени се и  останатите оперативни приходи за 11,3 милиони денари. Аналогно на тоа остварената оперативна добивка во износ од 75,8 милиони денари  е намалена за 58 проценти во споредба со претходната година. Односно во 2019 година оперативната добивка била 179.826.000 денари.

ВВ „Тиквеш“ во 2020 година оствари нето добивката од редовното работење пред оданочување во износ од 70,2 милиоони денари. Ланската добивка е намалена за 52,9 отсто во однос на 2019 година кога изнесувала 149.298.000 денари.

Во 2020 година, компанијата вложила 73,7 милиони денари во материјални и нематеријални средства. Значителен отпис поголем од 30 отсто од вредноста на средствата споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи не бил реализиран.

Бизнис план за 2021 година

 Во 2021 година ВВ „Тиквеш“ АД Кавадарци планира раст на волуменска продажба од 16,4 отсто и раст на вкупен приход од продажба од 24,6 проценти. Односно,друштвото за годинава  предвидува бруто приходи од 1.876 милиони денари. Тоа во основа би претставувало зголемување од 13,8 отсто споредено со 2020 година. Во вкупната реализација во обем, домашниот пазар се планира да учествува со 43 отсто. Додека извозните пазари да учествуваат со 57 проценти.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.