Кога пред 10-15 години легендарниот Која (Душан Којиќ – „Шарло Акробата“, „Дисциплина кичме“), го прашаа како гледа на „Новиот бран“, тој кажа дека гледа како на „Стариот бран“, што за него, како на автентичен учесник во ова неформално движење, тој всушност тоа и беше.

За нас – „останатите“, и по цели 40 поминати години – „Новиот бран“ (Нови вал, Нови талас), останува ист – силен, возбудлив и свеж.

За тоа чувство да не држи и понатаму, треба да сме и благодарни на „Croatia Records“, најголемата дискографска куќа во регионот, која за јубилејот – „40 години Нови вал/ Нови талас – 1981-2021“, подготви нешто навистина неверојатно…

Имено, на 22-ри јануари 2021 на музичкиот пазар во регионот повторно ќе се најдат некои култни албуми од времето на музичкото движење познато како „Нов бран“.

Како ексклузивни реизданија на винил, по цели 40 години, таман да станат антологија, светлината на денот повторно, ќе ја здогледаат: култниот „Пакет аранжман“, единствениот албум на „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и дебитантските остварувања на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“, кое ќе излезе еден месец подоцна.

Сите изданија ќе содржат досега необјавени фотографии, интервјуа со живи сведоци од тоа време, некои од членовите на споменатите бендови, текстови на музички критичари и новинари, скенирани документи од богатата архива на Југотон/ Croatia Records и секако ремастеризирани снимки од оригинални ленти, направени од искусниот Горан Мартинац. Графичката реставрација на оригиналните изданија и дополнителниот уметнички дизајн беа направени од врвниот графички дизајнер Дарко Кујунџиќ.

Винилите кои повторно излегуваат се во различни бои, па, така, добиваме црвен „Пакет“, бел „Шарло“, жолт „Оргазам“ и бел „Хаустор.

Оваа 2021 година, од која сите многу очекуваме, „Croatia Records“ слави 40 години од новиот бран, најважното рок движење во нашиот регион, кое засекогаш ја обележа музичката сцена.

„Новиот бран“ беше многу повеќе од рок движење – бунт што го смени текот на музичката сцена, создаде нов звук и идентитет, но исто така гласно зборуваше за теми што дотогаш не постоеле во музиката.

Тоа беше бран од минатото кој целосно беше разбран дури во иднина, па со нетрпение се чека она што следува – прослава на 40 години од овој голем историски момент.

Според првичните информации, фановите се подготвени да се вратат во 1981 година, кога излегоа некои од најголемите албуми во историја на регионалната музика.

Еден вид најава за овие реизданија е компилација од „Нови вал/ Нови талас – 100 оригинални песни“ компилација на шест компакт-диска која штотуку излезе…

„Сè започна во втората половина на седумдесеттите години од минатиот век, кога панк пристигна на овие простори – музика која во голема мера ги освои Велика Британија и Америка, а подоцна и светот. А потоа, под влијание на панк, осумдесеттите донесоа НОВ БРАН – музичко движење на релација Љубљана -Загреб – Белград, што ја смени културата на југословенскиот простор. Веруваме дека слушајќи ја оваа компилација ќе добиете вистинска ‘звучна слика’ за времето од пред четириесет години, време кое донесе нови уметнички слободи, идеи, нова креативност и чие влијание се протега до денес“, вели уредникот на изданието Олга Кепчија, уредник во белградското радио „202“.

Дарко Рундек, пак, за оваа неверојатна збирка песни на тема „Нов бран“, напиша…

„Ретко се случува во земја на социјализам да се совпадне потребата за политички момент со образовани и талентирани млади луѓе, кои се желни за акција, а тие да се движат во иста насока. Веднаш по смртта на Тито, наместо да потоне во поделби и национализми, Југославија беше врзана од жед за креативност, живот и слобода. Драго ми е што можев да учествувам во него, колку што знаев и умеев. Беше возбудливо!“

Никој како нив - Шарло Акробата

Паралелно со објавување на винилите, за што владее огромен интерес, „Croatia Records“најавува почеток на работа на документарен филм кој за тема го има значењето на новиот бран за тогашната југословенска и денешна регионална музичка сцена.

По објавувањето на сите овие содржини и нивната регионална промоција, дизајнерскиот тим Бахрах & Криштофиќ, односно Сања Бахрах Криштофиќ и Марио Криштофиќ, во соработка со „Croatia Records“ ќе ja реализираa CD компилација „Heroine novog vala“ која ја вклучува работата и голем придонес на жените во новиот бран, рок и популарна музика во осумдесеттите години.

Новиот бран – тој повторно се буди, а и крокодилите повторно доаѓаат – како парафраза на песните на „Шарло Акробата“ и „Електрични оргазам“.


И по 40 години подоцна, „Новиот бран“ е идентично свеж, сè уште силно наполнет со пораки, музички и креативно брилијантен, но за жал и без некои драги луѓе кои многу придонесоа и без кои тој сигурно немаше да постои.

Во чест на сите нив! Никој како нив!

фото: Горан Вејвода
и Croatia Records архива

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.