Групата „Макпетрол“ лани со 2,5 пати помала добивка. Односно, добивката е помала за 60,37 проценти во однос на 2019 година. Иако, Групата во 2020 година оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 383,69 милиони денари, таа е помала од претходната година. Остварената добивка во 2019 година изнесуваше 968,18 милион денари. Ова се настанатите значајни промени од консолидираниот финансиски резултат на „Макпетрол“ АД и подружниците за 2020 година објавени во Образложението доставено до Македонска берза.

Групата „Макпетрол“ лани со 2,5 пати помала добивка

Пад на приходот од 26,57проценти

– Во 2020 година  „Макпетрол“ АД Скопје и подружниците остварија вкупен приход во износ од 16,93 милијарди денари. Тој е помал од минатогодишниот за 6,13 милијарди денари, односно остварен е пад од 26,57 проценти. Во структурата на приходите, најголем удел со 98,8 отсто имаат приходите од продажба. Од  нив 96,9 отсто се остварени со продажба на домашниот пазар, а само 1,9 отсто се остварени со продажба на странски пазар.

Минатата година остварени се вкупни расходи во висина од 16,54 милијарди денари. Износ што е намален во однос на 2019 година за 5,54 милијарди денари или за 25,09 проценти.

Во 2020 година Групата оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 383,69 милиони денари. Ланската добивка е помала за 60,37 проценти, односно, за приближно 2,5 пати  во однос на 2019 година. Тогаш остварената добивка изнесуваше 968,18 милион денари.

Рестриктивните мерки ја турнаа потрошувачката

Основна причина за намалување на остварените приходи и консолидираната добивка е намалување на прометот на стоки и услуги. А причината за таа состојба е пандемијата предизвикана од вирусот Ковид–19.

Како резултат на ширењето на заразата во државата, со цел истата да се стави под контрола, беа донесени бројни мерки: вонредна состојба, се воведе полициски час со различно времетраење во работните и неработните денови.   Се затворија граничните премини, аеродромите, туристичките и угостителски објекти, градинките и образовните установи, трговските центри и молови, авто школите, теретаните, обложувалниците и сл.

Се пропишаа низа ограничувачки мерки, како забрана на јавни, спортски, рекреативни, културно – уметнички и многу други настани и собири.

Поради претходно наведените рестриктивни мерки, покрај здравствената криза се јави и економска криза во поголем обем, која најмногу ги погоди дејностите од областа на транспортот, угостителството и туризмот како и најголемиот број микро, мали и средни трговски друштва.

Мерките, неизбежно, имаа големо негативно влијание врз работењето на Групата, а особено врз „Макпетрол“ АД Скопје. Со воведувањето на полицискиот час и со останатите споменати рестриктивни мерки, „Макпетрол“ АД Скопје се соочи со пад на потрошувачката во сите сегменти од своето работење

Намалени приходите од странските пазари

Според анализата на Макпетрол најнегативно влијание од воведените мерки се искажа кај прометот на млазното гориво, односно извозот, коешто со мерката за затворање на аеродромите, од 27.196 тони во 2019 година се намали на 8.914 тони во 2020 година.

Со тоа и приходите од продажбата на странски пазар се намалени од 1.258 милиони денари во 2019 година на 323,07 милиони денари во 2020 година.

Во однос на резултатите на подружниците на „Макпетрол“ АД Скопје, образложува дека во споредба со 2019 година, има нивелирање на загубите. Зголемени добивки на Макпетрол Пром-Гас и Макпетрол ДОО Београд, како и намалената загуба на Телевизија Макпетрол Телма ДООЕЛ, се скоро целосно пребиени со падот на добивката на „Петролмак“ Солун.

Групата, со големиот ангажман на менаџментот, како и на сите вработени, обезбеди услови за рентабилно работење на истото. Особено е важно да се истакне дека, со воведување и придржување до строгите превентивни здравствени протоколи, на сите локации на кои што Групата ги врши дејностите, во ниту еден момент не се загрози здравјето на вработените и здравјето на потрошувачите.

  И покрај кризата инвестирањето продолжува

„Макпетрол“ АД Скопје започна со исплата на дивиденда на 24.8.2020 година во бруто-износ од 202.758.000 денари. Односно 2.000 денари во бруто- износ по акција.

– Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис;

Во 2020-та година процесот на инвестирање продолжува и покрај кризата.

Во вкупните вложувања на Групата, најзначајни се вложувањата во постојани средства на матичното друштво „Макпетрол“ АД Скопје кои изнесуваат 293,3 милиони денари.

– Друштвото лани нема промени во кредитната изложеност поголеми од 30 отсто, а Групата, за време на деловното работење во севкупниот извештаен период, не дошла во ситуација да има доспеани, а ненамирени обврски по кој било основ (кредити, обврски спрема добавувачи, јавни давачки и плати на вработени).

 – Очекувања за претстојниот период

Во извештајниот период остварена е консолидирана добивка помала од планираната за 2020 година, поради претходно наведените причини. Очекувањата за деловната 2021 година се во согласност со Планот за работење.

Со мерките кои што ги презема менаџментот на Групата немаше отпуштање на вработени.  Бројот на вработените остана стабилен и во време на кризата.

Општествено одговорна компанија

„Макпетрол“ АД Скопје како општествено одговорна компанија, донираше 1.000 таблети, за учениците во 20 основни училишта ширум државата.

Друштвото реализираше и низа активности за потпомагање на здравствениот сектор , донирајќи соодветна медицинска опрема. Го стави на располагање и хотелот „Макпетрол“ во Маврово. Државата го користеше како карантин за граѓаните кои се вратија од странство во својата татковина.

Но тука не застануваат активностите на Макпетрол АД. Таа во соработка со клиниката, донира две паралелни сензорски врати на влезот на ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.