Загубите на вода се огромни и недозволиви. Oпштините имаат најголеми загуби на вода во водоводните системи. Според Државниот завод за ревизија, во дел од нив, загубите на вода стигнуваат и над огромни 70 отсто. Иако, според препораките на Меѓународната асоцијација на води прифатлива е загуба на неприходувана вода до 30 отсто. Токму на таа тема како да се намалат загубите на вода, за рационалното користење на водата и нејзиното менаџирање, намалување на трошоците, разговаравме Бојан Ристовски, првиот човек на компанијата „Аквасеив“.

Господине Ристовски, колку јавните претпријатија на териоторија на Македонија водат сметка за рационално користење на водата?

Кога се говори за рационално користење на водата во Македонија, недвосмислено доаѓа до израз проблемот со загубите на вода во водоснабдителните системи (технички термин – “неприходувана вода”). Toa e еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат комуналните претпријатија и општини во Република Македонија. Неприходувана вода претставува разлика меѓу внесената количина вода во системот и онаа фактурираната.

Неприходуваната вода укажува на недомаќинско стопанисување

Македонија е држава со задоволителни количини водно богатство со кои постојано се фалиме, а во исто време безобзирно и го расфрламе. Така во една реченица може да се опише состојбата во комуналните претпријатија во Македонија кои ја вршат услугата водоснабдување. Кај нив, просечната вредност на неприходувана вода за 2019 година изнесува 64 отсто од произведената количина вода. Или изразено во количини – околу 175 милиони метри кубни вода. Тоа практично значи дека од 100 м3 вода кои протекуваат од изворот на вода, околу 36 м3 стигнуваат до крајниот корисник и се фактурираат (наплатата е уште помала), додека другите 64 м3 се губат по пат на најразлични начини.

Неприходуваната вода е клучен индикатор на успешност во поглед на  оперативните и финансиски перформанси на водоводните претпријатија. Високо ниво на неприходувана вода укажува на претпријатие во коe нема добро владеење, автономија, отчетност, и технички и менаџерски вештини потребни за да се обезбеди сигурен сервис.

Загубите на вода се огромни и недозволиви

Иако проблемот со неприходуваната вода е добро познат во рамки на комуналните претпријатија (многу помалку кај општините),  нивниот менаџмент, генерално, посветува релативно мало внимание на овој проблем, или практично го игнорира.

Сепак, согласно мојата перцепција и повеќе од 25-годишно искуство во областа на намалување на загуби на вода, и постојано присуство во регионот и пошироко, можам да кажам дека во последно време се забележува зголемување на свеста за постоењето на исклучително сериозниот проблем со загубите на вода кај дел од раководствата на комуналните претпријатија и општините.

Со загуба на вода, освен комуналните претпријатија, се сретнуваат и сите крајни корисници на вода. Тоа се комерцијални објекти, индустриски капацитети, болници, касарни, училишта, институции и индивидуални потрошувачи.

Многу сопственици на куќи и одговорни лица во институциите и индустриските капацитети за прв пат стануваат свесни за дефект на водоводната инсталација на нивниот имот, институција или фабрика кога ќе ја добијат својата најнова сметка. Голем процент од истекувањата се одвиваат под земја и можно е да се потребни месеци пред да станат визуелни на површината на земјата. Во време на недостаток на вода и зголемени трошоци за комунални услуги, доколку истекувањето на водата се идентификува со помош на методологии и специјални инструменти во раните фази, тогаш може да се избегнат високите сметки за вода и зголемените финансиски трошоци.

Кога говориме за институциите, сите оние финансисрани од министерства, владини агенции и општини, се соочуваат со голема потрошена количина вода и енормни сметки за вода, пред се поради дефекти на водоводната мрежа и неисправни санитарии. И покрај тоа, огромните финансиски средства за вода кои се одлеваат од владините и општински буџети, не ја допираат свеста на надлежните кои ги водат овие владини агенции и свеста за заштеда на вода и рационализација на потрошувачката на вода скоро и да не постои (со мали исклучоци).

Загубите на вода се огромни и недозволиви

Големината на неприходувана вода кај комуналните претпријатија- алармантен

Со години наназад, губитоците на вода се огромни, стигнуваат и до две третини од произведеното. Како да се рационализира трошењето и намалат загубите?

Не само што загубите на вода (неприходувана вода) се огромни и недозволиви, се забележува и тренд на нивен раст. Податокот за големина на неприходувана вода кај комуналните претпријатија во Македонија е алармантен и некако станува историска традиција на нивно игнорирање.

Се тргнува секогаш од претпоставките дека комуналните претпријатија имаат се уште доволни количини вода за испорака до своите корисници и не е се уште загрозено квалитетното водоснабдување. Иако постојат општини со прекинато водоснабдување или дискутабилен квалитет на водата. Од друга страна, општините, како сопственици на комуналните претпријатија, покажуваат слаба едуцираност и интерес за оваа проблематика. Немаат волја за склучување и евалуација на менаџерски договори со директорите на комуналните претпријатија, со јасно назначени индикатори кои треба да се постигнат и одржат за одреден временски период.

Дополнително, секоја година комуналните претпријатија, согласно нивната законска обврска, доставуваат годишни извештаи и секоја трета година бизнис планови и планови за прилагодување на тарифи за водни услуги до РКЕВУ. Од нив јасно може да се види дека, генерално, нема подобрување во перформансите на комуналните претпријатија. Пред се, во поглед на индикаторот на успешност – неприходувана вода и барем солидно исполнување на инвестициите, кои патем речено, се вградени во тарифата за водни услуги одобрена од РКЕВУ.

Кога на сето ова ќе се додаде и покажаната инертност и недоволно познавање на проблематиката на загуби на вода од страна на ресорните министерства и инспекциските тела, станува јасно зашто се уште комуналните претпријатија и општините се така удобни во неисполнување на својата обрска – намалување на неприходуваната вода. Ова јасно укажува дека се неопходни итни мерки и донесување на стратегија за намалување на неприходуваната вода на државно ниво. Воедно и итна мобилизација од страна на комуналните претпријатија, општините, регулаторот, владата, инвеститорите и донаторите во смисол на техничка помош, консалтинг и финасирање со цел намалување на загубите на вода.

Загубите на вода се огромни и недозволиви

Посветеноста и желбата на менаџментот на претпријатието- клучна за надминуванје на проблемот

Од каде треба да се почне со итните мерки. Сугестиите за донесување на стратегија за намалување на неприходуваната вода на државно ниво  да се преточат во практиката?

Голема улога во подобрување на едукацијата на раководниот и технички персонал на комуналните претпријатија и зголемување на свеста за значењето од намалување на неприходуваната вода се очекува од АДКОМ. Асоцијација на даватели на комунални услуги преку нивниот тренинг центар, кој ги следи и покрива потребите на комуналните претпријатија за било какви обуки од доменот на нивното работење. Тука влегува и се поголемиот интерес на меѓународните асоцијации и донатори за финасирање на вакви и слични проекти.

За успешна битка со неприходуваната вода не се доволни напорите само на техничкиот персонал, туку мора да се вклучи целокупното комунално претпријатие со сите свои ресурси. Но, од првенствено значење е посветеноста и желбата на менаџментот на претпријатието да работи на оваа проблематика. Колку и да имате технички и инженерски кадар расположен да работи на ова поле, без подршка од менаџментот, и воспоставена мотивациона шема, напорите остануваат без резултат.

Сите оние комунални претпријатија кои поседуваат опрема за третирање на загуби на вода, добиена во рамки на најразлични проекти или купена од сопствени извори, неопходно е истата да ја стават во функција (најчесто стои неискористена во магацините на претпријатието). И секако да обезбедат дополнителна теоретска и практична обука на својот персонал. Оние пак помалите, или оние кои сакаат зголемени активности, треба да размисливаат за ангажирање на специјализирана компанија која за нивни потреби ќе работи на анализа и намалување на неприходуваната вода во своите претпријатија.

Генерално, пред било какви инвестииции во оваа област, комуналните претпријатија треба да ги дефинираат приоритетите. За да се одговори на ова прашање, како неминовност се наметнува изработката на т.н Воден Биланс согласно IWA (International Water Association). Преку него може да се согледаат големината и компонентите на неприходуваната вода изразени и во монетарна смисла. Секако и преку проекти за мерење на протоци и притисоци во рамки на водоснабдителниот систем и утврдување на големината на техничката и комерцијална загуба на вода.

Намалувањето на техничките загуби на вода – приоритет

Доколку претпријатието не обезбедува континуирано 24-часовно водоснабдување или покриеноста на водоснабдувањето не е 100 процентно, или пак има висока производна цена на водата, тогаш намалувањето на техничките загуби на вода е приоритет.

Согласно моето искуство како консултант на различни проекти во Македонија и пошироко во регионот, токму тука се случуваат најголемите грешки на комуналните претпријатија, општините, министерствата. А, не се исклучок и меѓународни финансиски институции, кои инвестираат во одредени сегменти без преземање на предходно посочените активности за приоритет на мерките за намалување на компонентите на неприходуваната вода. Од таму произлегува најчесто и отсуството на очекуваните ефекти. Се прибегнува кон рехабилитација или замена на секции од водоводната мрежа. Тоа се прави без било какви критериуми или извршени мерења.

Голем број предходно настанати дефекти и констатирано-измерено ниво на загуби на вода или изработка на нови извори на вода и внесување на дополнителните количини вода во систем со постојни дефекти (без предходно лоцирање на присутните дефекти и нивна санација за обезбедување на дополнителни количини вода).

Кои се најчестите причини за губитоци на вода?

Загубата на вода (неприходувана вода) е збир од  техничка и реална загуба на вода. Тоа се дефекти на магистралните и дистрибутивни цевководи, дефекти на приклучните цевки и дефекти на споевите и арматурите.  Но, исто и на комерцијалните – привидни загуби на вода (илегални и нерегистрирани приклучоци, нерегистрирана количина вода поради неисправни водомери, злоупотреба на хидранти, злоупотреба на чешми во заеднички простории на колективни стамбени згради,). Тука е и комуналната потрошувачка -нефактурирана легална потрошувачка (истекување на вода кај јавните чешми, фонтани и сл,. Користење вода за полевање на зелените површини, миење на јавните површини и користење на водата од противпожарните служби. Па разликата од сумата на посебните водомери во секој стан и покажувањето на главниот водомер пред колективните стамбени згради, сопствената потрошувачка на комуналните претпријатија која свесно не се фактурира).

Комерцијалните-привидни загуби на вода и нефактурираната легална потрошувачка можат веднаш да се намалат доколку постои посветеност на управувачкиот тим на комуналните претпријатија и општините и политичка согласност. Додека техничките – реални загуби на вода е проблем кој бара посебен пристап, сознание и анализа во рамките на самото претпријатие. Дополнително, обучен персонал и специјална опрема за лоцирање на местата на дефект и третирање на загубите на вода.

„Аквасеив“  за ефикасно користење на водата

Aquasave“ е компанија која соработува со државни и приватни компании, во и надвор од Македонија.Подготвувата студии за ефикасно користење на водата и намалување на потрошувачката. Идентификувате места на истекување на вода и нејзино помало искористување. Како тече еден ваков процес?

„Аквасеив“ ДОО Скопје е специјализирана компанија која нуди советување и услуги во областа на заштеда на водните ресурси на комерцијални и индустриски објекти, jавни институции, општини и комунални претпријатија, како и индивидуални лица во Македонија и пошироко, во регионот.

Ние сме специјализирани во примената на методологии и техники за намалување на загубите на вода. Нашите услуги вклучуваат откривање на истекувања, лоцирање на цевки, анализа на потрошувачката на вода, управување со притисокот.

„Аквасеив“ ДОО нуди реализација на сите фази на животниот циклус на проектите во оваа област. Почнувајќи од истражување, анализа и дизајн, преку развој и планирање. Па сè до имплементација, согласно најдобрите светски практики и стандардизираната методологија пропишана од страна на Меѓународната асоцијација за води – IWA (International Water Association).

Нашата експертиза, меѓу другото, вклучува:

  • Мониторинг на проток и потрошувачка на вода и анализа на загубите на вода
  • Систематско испитување на водоводни и топловодни инсталации и прецизно одредување на местото на дефект
  • Визуелен преглед на канализациони цевки со камера
  • Аудит на потрошувачката на вода и предлози за нејзино намалување
  • Лоцирање на траса на непозната метална и неметална водоводна и топловодна инсталација и изготвување на подземен катастер
  • Лоцирање на затрпани капи од затварачи и хидранти и капаци од шахти
  • Мерење и меморирање на притисок во мрежа
  • Намалување на загубата на вода преку редукција на притисокот на минимално дозволено ниво
  • Продажба на санитарии и уреди за заштеда на вода

Иако нашите клиенти се многу различни-сите нив  ги поврзува една заедничка работа. А, тоа е да бидат поефикасни во користењето на водата и во тој процес да го спречат одлевањето на вода под земја (комунални претпријатија). Или пак, да не плаќаат непотребно повисоки сметки за вода која не ја потрошиле за свои потреби (индивидуални потрошувачи и комерцијални објекти), а со тоа да заштедат пари.

Истовремено, преку намалување на загубите на вода, покажуваат висока еколошка свест за заштеда на водата како значаен природен ресурс.

Обезбедување на здрава и хигиенски исправна вода- скапа работа

Колку е реална опасноста од евентуални рестрикции или недостиг на вода на долг рок во Скопје? Може ли водоводниот систем со сите негови слабости да опслужи се’ поголем број на граѓани и потреби? 

Прашањето за обезбедување на здрава и хигиенски исправна вода за пиење е се поактуелно во цел свет и тоа пред се во смисла на нејзино се порационално користење. Таа задача станува се потешка поради ограниченост на водните ресурси, климатските промени и се поизразените сушни периоди.  Трошоците  за производство и дистрибуција на вода стануваат се поголем инвестиционен и експлоатационен трошок, а се намалуваат финансиските фондови. Додека поради брзата индустријализација и урбанизација на населените места, квалитетот на површинските и подземните води се доведува во прашање.

Решенијата за надминување на предходно изнесената ситуација се бараат во примена на нова технологија, во изнаоѓање  нови извори на вода за што се потребни големи финансиски средства. Па оттука се наметнува прашањето кој е најбезболниот начин за надминување на настанатата ситуација.

Од технички и економски аспект се покажало дека тоа е намалување на загубите на вода (неприходувана вода) во водоводните системи и нивно доведување до економски прифатливи граници.

Загубите на вода се огромни и недозволиви

Загубите на вода се огромни и недозволиви. Со намалување на загубите на вода во водоводните системи како и нерационалната потрошувачка на вода, се доаѓа до значајни количини вода со кои може да се задоволат моменталните побарувања за вода (и притоа да се зголеми фактурираната количина вода и приходот на претпријатијата) без поголеми инвестициони вложувања. А, од друга страна треба да се намалат оперативните и годишни трошоци (во смисла на инфраструктура, струја, хемиски средства, работна сила) и да се одложат капиталните инвестиции во добивање нови количини вода.

Светските искуства укажуваат дека инвестиционите вложувања во нови капацитети од  1 l/s вода, се 10-40 патти поголеми во однос на намалување на загубите на вода за 1 l/s. Со тоа се одложуваат инвестициите и се обезбедуваат нови количини вода за наредните неколку години. Губитокот на вода, не само што ги зголемува оперативните трошоци на претпријатијата, туку може да доведе и до проблеми во редовното водоснабдување на населението во градовите. Одреден број комунални претпријатија веќе се соочуваат со нередовно (прекинато) водоснабдување. Или уште повеќе, недостаток на квалитетно водоснабдување (релативно понизок притисок од законски пропишаниот) во одредени делови од градовите. Колку порано овој проблем се осознае и се земе како приоритет, толку полесно ќе биде за претпријатијата и за градовите да го решат, или од друга страна да се соочат со очекуваниот недостиг на вода во иднина.

Дополнително, тренд кај комуналните претпријатија години наназад е постојано намалување на фактурираните количини вода. Главно како резултат на помалата потрошувачка на вода и мерките кои корисниците на вода ги превземаат во поглед на намалување на загубите на вода.

Во однос на комерцијалните субјекти, институции и домаќинства, откривањето на скриените дефекти во интерните водоснабдителни системи доведува до значително намалување на потрошената количина вода, а тоа подразбира помали сметки за вода и заштеда на пари. Дополнително, на тој начин е елиминирана можноста од појава на хаврии и настанување на штета по имотот на компаниите и домаќинствата. Од една страна, ова претставува помали приходи за комуналните претпријатија, а од друга, кај оние претпријатија кои немаат доволни количини, е добра основа за задоволување на потребите за вода на оние домаќинства и фирми на кои им е повеќе од потребна.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.