Зоран Кардула по професија е електроинжинер, а графички дизајнер по професија. Сепак, најмногу е познат како активист и борец за правда. Сликарството,, со кое се занимава 30-ина години, како и дизајнот, за него се јазик со кој може да го искаже она што не може преку зборови. Секојдневно е активен и речиси и да нема значаен настан, локално или глобално, но главно од културната сфера, кој не е овековечен преку прекрасното дело на Зоран Кардула, на општо воодушевување на публиката, која го следи преку социјалните мрежи…

Оние кои ја следат Вашата работа се децидни дека Вие сте ликовен хроничар на нашето време. Речиси и да не постои важен културен настан за кој Вие немате адекватен ликовен одговор. Ми се чини дека феноменално уживате во она што го правите?

– Обожувам да го работам ова. Тоа ми доаѓа како терапија, а дополнително е и моја професија. Работам како графички дизајнер и во пауза помеѓу работа ги работам илустрациите како за своја душа. Се обидувам на ликови кои ми имаат оставено впечаток да им посветам  илустрација, како благодарност за нивните дела. Со оглед на тоа дека навистина уживам во изработката на илустрациите никогаш не ми е тешко и секогаш наоѓам доволно време.

Од она што сте го работеле во последно време, на што сте посебно горди?

– Посебно сум горд на проектот кој го работев со уште 33 дизајнери и уметници, а е посветен на мојата ќерка Ерато. Тоа е илустрираната книга Гуш и Бац со 47 зборчиња изговорени на јазикот на мојата ќерка и преведени на многу јазици. Се радувам што барем малку овој проект го ја крена свеста за постоењето и потребата од прифаќање на децата и лицата со аутизам. Доволно сум возрасен и искусен да прифаќам да работам само работи кои ми се допаѓаат без да ја гледам финансиската добивка.
Едноставно сакам да уживам во тоа што го работам.


Во годината на Новиот бран, 40 години подоцна, Вие ги оживеавте ликовите со кои „играше рокенрол цела Југославија“. Колку тоа музичко движење вам ви беше важно во животот?

– Новиот бран не е за мене само правец во музиката, уметноста… Тоа е нешто повеќе. Тоа е период кој стварно влијаеше на мојот развој, пубертет, бунт против некои норми, но во креативна смисла. Време кога со нетрпение ги чекавме да излезат Џубокс, Полет, Итд… Да прочитаме нешто ново. Време кога седевме со касетофоните, спремни да снимиме некоја песна, а да не се појави реклама на сред песна. Време кога се нарачуваа плочи и касети (во Крушево немаше музичка продавница), и со денови без прекин да ги слушаме. Тоа е време кога уметноста ја конзумиравме на секој чекор. Време на дружење, журки… Се сеќавам кога излезе албумот на „Електрични оргазам“, со истиот наслов толку многу ме бендиса што си купив 2 касети, за да имам една резервна ако другата ми се оштети. Некако го живеевме животот во стилот на Новиот бран, како што оди и песната на „Параф“ – „Мој живот је нови вал“.

Би сакал новите генерации да го доживеат нешто такво, тоа кога се беше музика филм, уметност, кога се радувавме…

Во нивна чест направив и еден серијал од 12 актери на новиот бран (тоа е ден мал дел, но се надевам дека ќе има и втор дел) и точно се поклопи со годишницата 40 години од нивното појавување. Одлично поминаа илустрациите. Ја вратив малку мојата генерација и постерите на едно време на младоста на радоста на музиката и уметноста.

Колку секојдневието и денешницата се добар материјал да бидат овековечени во илустрација?

– Секое време и секој ден е добар материјал да се овековечи со илустрација. Последните години беа бурни и се случуваше дневно да направам по неколку илустрации. Едноставно, не можам да премолчам некои случувања, а јас најдобро реагирам преку креатива.

Со делата кои секојдневно ги промовирате на социјалните мрежи докажувате она што многу современи уметници го тврдат, а тоа дека и современата технологија нуди совршени алатки за создавање уметност.

– Апсолутно се согласувам и навистина уметноста наоѓа нови начини, нови техики, да се се искажеш, ни и нови алатки со кое што ќе ја промовираш. Живееме опкружени со технологија и нормално е тоа да има влијание и во уметноста. Јас се повеќе се насочувам кон дигиталната графика (тука ми се делата со портрети на жени, комбинација од туш техника и дигитален колорит), но секако и комплетната дигиталната илустрација. Активен сум доста по социалните медиуми каде се промовирам. Тие навистина ми овозможија доста луѓе да се запознаат со мојата работа. Луѓе низ целиот свет. Но, морам да спомнам дека се уште не користам мобилен. Некако успевам да функционирам без мобилен, и дека сега за сега одлично се снаоѓам.

Какво искуство носите од соработката со Скопскиот џез фестивал, за кој пред некоја година го илустриравте главно идејно решение на плакатот?

– Сите знаеме што значи Скопскиот Џез Фестивал и која е неговата големина. За мене беше огромна чест што бев повикан да го дизајнирам плакатот за СЏФ 2019 година. Сметам дека тоа е предизвик на секој дизајнер и уметник. Одлична соработака со Оливер Белопета и Костадин Шурбановски, професионалци во вистинска смисла на зборот, и затоа фестивалот е таму каде што е. Нашата соработка продолжи и со плакат за ОФФ-Фест 2020 година. Секогаш кога се работи за вакви големини е големо задоволство и можност да понудите нешто добро и да се покажете во најдобро светло.

Има ли Зоран Кардула неостварени амбиции во уметноста – нешто што би сакал да работи, а до сега немал шанса?

– Би сакал да можам да направам изложба по мој ќеф.

(Делата на Зоран Кардула можете да ги видете ТУКА)

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.