„Макстил“ прокнижи добивка од 82,4 милиони денари. Добивката пред оданочување во извештајниот период  за 2020 година изнесува  91,5 милиони денари и е неколку пати повисока од остварената во 2019. „Макстил“ АД – Скопје оствари позитивни финансиски резултати во 2020 година искажани во неревидираните поединечни финансиски извештаи, што ги прикажа преку годишниот извештај за работењето преку електронскиот систем на Македонска берза.

„Макстил“ прокнижи добивка од 82,4 милиони денари

Минатата година помина во знакот на пандемијата на Ковид-19 што неминовно изврши големо влијание како врз целокупната глобална економија така и врз светската челична индустрија. Во сите региони беше регистрирано намалување на производството на челик особено во првата половина на годината кое беше проследено со намалена потрошувачка и пад на цените на челичните производи. Воведени беа ограничувачки мерки за движење, глобалните синџири на снабдуање исто така беа погодени, а довербата на економските субјекти нарушена. Иако благи знаци на подобрување се почувствуваа во последниот квартал од годината, останува фактот дека кризата ќе предизвика долгорочни последици на челичната индустрија. Дигитализацијата, новите технологии и иновативноста придонесоа до некаде да бидат минимизирани негативните последици од пандемијата. Овие текови извршија влијание и на работењето на нашата компанија која успеа да го адаптира начинот на тековното работење на новите околности што неминовно придонесе за зголемување на трошоците од работењето.

Макстил АД – Скопје оствари позитивни финансиски резултати во 2020 година искажани во неревидираните поединечни финансиски извештаи, што ги прикажа преку годишниот извештај за работењето преку електронскиот систем на Македонска берза .

Оствареното производство на дебели лимови во 2020 во производниот погон „Валавница“ изнесува 236.522т. Тоа споредено со 264.608т. во 2019 претставува намалување од 10,6 отсто. Додека во однос на поставениот производен план за годината (273.444т.) претставува намалување од 13,5 отсто.

Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 179.833т. Тоа споредено со 239.252т во 2019 претставува намалување од 24,8 отсто. Додека во однос на планираното производсво за годината (220.000т.) претставува намалување од 18,3 отсто.

Реализацијата на топловаланите дебели лимови во количински показатели е 241.293т., што споредено со 255.740т. во 2019 претставува намалување од 5,6 проценти.

Ланската добивка неколку пати поголема од 2019

Во извештајниот период се остварени приходи од работење во износ од четири милијарди денари. Меѓу кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со дури 98 отсто. Споредено со 2019 остварените приходи од работењето (5,3 милијарди) се помали за 23,5 проценти.

Покрај разликата во испорачаните количини и поповолните ценовни односи, во извештајниот период е евидентна и разлика во структурата на испораките во полза на поголемо учество на испораките по основ на договори за преработка во однос на испораките од сопствените продажби.

Добивката пред оданочување во извештајниот период е 91,5 милиони денари и е неколку пати повисока од остварената во 2019, додека нето добивката изнесува 82,4 милиони денари.

Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција заради пренесени загуби од претходниот период.

Во текот на 2020 остварените расходи од работењето изнесуваат 3,52 милијарди денари. Трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 60 отсто. Споредено со истиот период во 2019 година остварените расходи од работењето  (5,67 милијарди денари) се пониски за 38 проценти. Главно поради намалениот обем на производство во текот на овој период како и на подобрениот извадок старо железо – слаб.

Опремата во кондиција

И во текот на 2020 година во континуитет се реализирани инвестициони активности за одржување во кондиција на инсталираната опрема и процесните линии. И тоа како за подобрување на енергетската ефикасност, така и за подобрување на севкупната економичност на работењето. И во двата сегмента нивниот износ надмина 286,8 милиони денари.

Во септември лани на компанијата и беше доделена А-интегрираната еколошка дозвола од страна на МЖСПП со којашто се минимизираат и контролираат сите можни извори на загадувачки супстанции.

Нашите очекувања за годинава која ни претстои се умерено оптимистички. Главно се темелат на прогнозата за опоравување на глобалната побарувачка на челик поддржана од фискалните стимултивни мерки за поддршка на инфраструктурните проекти.

Компанијата и во текот на оваа година ги превзема сите неопходни активности за остварувањето на поставените цели со посебен фокус на подобрувањето на условите за работа, а безбедноста на вработените останува императив. Компанијата и понатаму останува многу посветена на соработката со локалната и општествената заедница преку подршка на проекти од взаемен општествен интерес.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.