„Мерцедес“ сака да му го земе тронот на „Тесла“

„Мерцедес“ сака да му го земе тронот на „Тесла“. Брендот „Мерцедес“ подготвува нов електричен модел, кој би требало да дебитира на 15 април. Тоа е моделот што се очекува да го преземе тронот од „Тесла“ како целосно електрично возило со најголем дострел.

Моделот EQS, што прв ќе биде претставен, е едно од осумте електрични возила што германската компанија планира да ги произведува од 2022 година на три континенти, изјави извршниот директор на Mercedes benz, Маркус Шефер, за Блумберг.

„Мерцедес“ досега честопати беше критикуван за својот конзервативен пристап, бидејќи досега тие не ја прифаќаа технологијата на електричните автомобили.

„Ја зголемивме флексибилноста на сите фабрики ширум светот за да можеме да произведуваме електрични и хибридни возила во сите нив, покрај оние со класични мотори со внатрешно согорување. На овој начин, ние ги следиме барањата на нашите клиенти и развојот на пазарот. Ни требаше време да се подготвиме, но сега сме подготвени “, изјави Шефер.

Германската компанија има намера да го произведе моделот EQS, којшто во лабораториски услови достигна автономија од над 700 километри со едно полнење. Факт што далеку го надминува претходниот рекордер, најлуксузната варијанта на „Tesla Model S“. Овој теслин модел, според американските регулатори има автономија од 407 милји, или 655 километри.

„Мерцедес“ покрај моделот EQS, планира годинава да претстави уште еден, EQE седан, како и компактни модели EQA и EQB.

Компанијата исто така, планира и теренски верзии на моделите EQS и EQE, кои ќе се произведуваат во САД.

Во меѓувреме, првото електрично возило на Мерцедес, SUV EQC,  со домет од 450 километри, е конструирано на модифицирана платформа што се користи за возилата со мотори со внатрешно согорување. Меѓутоа, новите модели ќе користат специјална платформа, позната како EVA (Electric Vehicle Architecture).

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.