Пандемијата со ковид-19 продолжува да има негативно влијание врз животите на луѓето на многу начини. Еден од нив е во сферата на образованието. Досега, постојат неколку анализи за првичниот одговор на државата против пандемијата. Но, досега не е направена проценка за ефектите на ковид-19 врз младите поврзани со образованието.

Пандемијата создаде нарушување на образовните системи, зафаќајќи ги скоро сите ученици и студенти во земјата. Физичката дистанца од училницата (во Северна Македонија почна на 10 март, 2020) бараше нови технологии и опрема, надзор од родителите и учење нови наставни методи.

Учениците ја изгубија мотивацијата – родителите  се соочуваа со зголемен обем на работа. Тоа е затоа што остануваа дома за да им помагаат на децата со училишните обврски. Некои семејства беа соочени со опасност да изгубат работа заради потребата да се грижат за своите деца. Други, пак, се соочија со предизвици да ја обезбедат потребната опрема за онлајн образование. Студијата на Центарот за делиберативна демократија насловена „Млади и ковид-19 во Северна Македонија -потреби, предизвици и последици“, покажува поразителни податоци за оваа категорија граѓани.

Образовни предизвици на младите

Најголемиот предизвик со кој се соочуваат младите во однос на образованието доаѓа од условите за учење и работа од дома (за 61 %). Учењето на нови технологии е исто така важен предизвик за 36 % од нив. Високи 18 % се соочуваа со закана да не можат да го завршат своето образование. Истражувањето открива и дека 11 % од испитаниците го прекинале своето образование поради пандемијата. Дополнително, за 40 % од испитаниците кои се на училиште, пандемијата има негативно влијание врз континуитетот на следење на часовите и активностите.

Квалитетот на образовниот процес (60 %), правичноста во оценувањето (60 %) и способноста за учење (59 %) имаат негативно влијание врз повеќето од испитаниците кои уште се во образование.

Така, на прашањето „Кои се предизвиците со кои се соочивте во образовниот процес за време на онлајн наставата?“, повеќето од нив укажаа на недостаток на мотивација (74 %), лоша интернет-врска (54 %) и лоша наставна програма/план (50 %). Во однос на тоа дали стекнале нови вештини, научиле нешто ново благодарение на онлајн семинарите, обуките и курсевите достапни за време на пандемијата, 35 % одговорија со „донекаде да“, додека 24 % не ги користеа тие онлајн активности поради недостаток на информации и незаинтересираност (16 %).

Зголемени домашни обврски, зголемено чувство на летаргија

Дури 84 % од младите имале помалку контакт со пријателите. Повеќе од половина (57%) од испитаниците се соочиле со предизвикот од зголемување на домашните обврски. Речиси исти одговори доаѓаат и на прашањето за намалени семејни приходи. Половината од испитаниците, пак, имале проблем со одржување баланс помеѓу домашните и работните обврски. Дури 40 % од младите имале пречки во кариерата.

За 16 % од испитаниците пандемијата имала донекаде негативно влијание во однос на работата (намален број на работни часови, финансии, обем). А за 8% имала крајно негативно (губење на работата). Од друга страна за 13 % пандемијата имала и донекаде или доста позитивно влијание. Од тие што ја изгубиле работата 60% рекле дека влијанието на губењето на работата врз семејниот буџет било многу големо, а 6 % дека било многу мало.

Најголем дел од испитаниците (38%) се соочиле со тешкотија да ги платат комуналните услуги, 35% да платат кредит, 35 % да подмират неочекувани банкарски трошоци. Дополнително 29 % немале пари за облека, 28 % немале средства за да обезбедат храна.

Младите и слободното време

Истражувањето покажува дека скоро 50% од младите го поминувале времето за време на пандемија најчесто пред ТВ, гледајќи филмови и серии. Најчесто сурфале на интернет 38% од испитаниците, а 29% поминувале квалитетно време со семејството.

Негативниот ефект на пандемијата врз животот на младите во Северна Македонија може да се прочита и во одговорот на прашањето за мотивите на младите за иселување од државата – дури 73 % изјавиле дека би се иселиле како последица на пандемијата. Кај дури 65% од испитаниците нивото на вознемиреност / анксиозност и паника се зголемиле за време на пандемијата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.