Награди за вицешампионот и националниот победник на „Европскиот квиз на парите“. Македонската банкарска асоцијација, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ги наградија учениците со најдобри резултати на Европскиот квиз на парите и нивните ментори.

Активностите во сферата на финансиската едукација се и мора и натаму да бидат еден од приоритетите. Тоа се потврдува и во текот на ковид-кризата, којашто и покрај нејзиниот карактер не ги запре активностите за поттикнување повисока финансиска писменост.

Конкретна потврда е годинешното издание на „Европскиот квиз на парите“, коешто заради пандемијата се одржа преку онлајн-платформи. На националниот натпревар учествуваа близу 500 ученици. Најбројни на големото европско финале беа учесниците од  Македонија. Тоа уште еднаш потврдува дека вложувањата во финансиската едукација во изминатиот период даваат резултати, особено кај помладата популација.

И годинава- големо признание за финансиската писменост во земјава

Награди за вицешампионот и националниот победник на „Европскиот квиз на парите“ беа доделени на средбата на Македонската банкарска асоцијација (МБА) и Народната банка со најдобрите ученици кои учествуваа на овој квиз.

Тие го наградија европскиот вицешампион Христијан Андовски од средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес. А, исто така наградидобија и учениците коишто остварија најдобри резултати на националниот натпревар – Едон Хамбари,  Андреј Шумански и Антонио Јорданоски. На средбата беа и нивните ментори Мерита Таири, Александра Бошковска-Спасовска и Илчо Јорданоски.

Повторувањето на успехот на европско ниво од страна на младиот велешанец Андовски, уште еднаш потврдува дека интензивното вложување во финансиската едукација на младите од земјата, веќе дава видливи резултати на полето на финансиската писменост.

Минатата година, кога нашата земја за првпат учествуваше во Европскиот квиз на парите, европски вицешампиони беа Викторија Панова и Марко Инѓилизов од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, коишто претходно беа победници на националниот натпревар.

Ученикот, Андовски ја имаше искористено можноста што годинава ЕБФ ја даде заради глобалните околности со пандемијата на ковид-19, во финалето на Европскиот квиз на парите, преку онлајн-пристап да можат да учествуваат сите заинтересирани, вклучително и учениците коишто претходно не учествувале во националните натпреварувања. Второто место во Европа, тој го освои во конкуренција на голем број натпреварувачи од 28 држави.

 Доделени наградите за остварениот успех

Честитајќи им за постигнатиот успех, на натпреварувачите и на нивните ментори им беа врачени и симболични подароци од МБА и Комисијата за хартии од вредност, како и од Народната банка.

Претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева, меѓу другото, нагласи дека МБА, сите нејзините членки и нејзините соработници секогаш ќе даваат максимална поддршка и поттик на младите луѓе коишто покажуваат интерес за продлабочување на своите знаења од областа на финансиите и економијата.

„Големо е задоволството кога успешно ќе се реализира еден ваков голем проект. МБА вложува во едукацијата на младите, зошто тие се нашата иднина. И сите ние со збогатување на нивните знаења и образование треба да допринесеме до останат тука. Колку повеќе младите се едуцирани за финансиите, толку повеќе бизнисите или финансиските одлуки кои во иднина ќе ги започнат или донесат ќе бидат успешни.

Повторувањето на успехот на европско ниво потврдува дека интензивното вложување во финансиската едукација на младите од земјата, веќе дава видливи резултати. И тоа, како преку интересот на младите за стекнување знаења во областа на финансиите, така и преку подигнување на нивото на нивната финансиска писменост.“ – истакна Стевкова-Штериева.

 Централната банка поддржувач на младите

На средбата во Народната банка, честитајќи им на учениците и нивните ментори за постигнатиот успех, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка останува посветена на остварувањето на својата стратегиска определба и мисија да биде поддржувач и поттикнувач на младите луѓе коишто преку едукација и истражување сакаат да ги продлабочуваат своите знаења од областа на економијата и финансиите.

„Драго ми е што со активностите во сферата на финансиската едукација коишто Народната банка ги иницираше пред неколку години, успеавме да поттикнеме сестрани вложувања во оваа сфера. Зашто вложувањето во финансиската писменост значи и вложување во стабилноста и развојот на финансискиот систем и економијата во целина. Фактот што веќе две години по ред, нашата земја учествува на најголемото европско натпреварување во сферата на финансиската едукација за млади и притоа две години по ред, наш претставник е европски вицешампион, нѐ обврзува натамошните вложувања и напори за поттикнување на интересот за финансиската едукација и финансиската инклузија да бидат поголеми. Но, во исто време и да продолжиме да ги поддржуваме овие млади луѓе коишто во времето што е пред нас би требало да бидат едни од двигателите на финансиските текови во нашата економија.“ – порача Ангеловска-Бежоска.

Таа изрази и задоволство што и преку вложувањата во финансиската едукација, банките ја потврдуваат својата улога на општествено одговорни носители на економскиот развој.

Инаку, учеството на нашата земја на Европскиот квиз на парите е во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии.

Leave a Comment