Најголем дел од прометот се остварува во трговијата, додека преработувачката индустрија има најголем удел во додадената вредност.

Во секторот индустрија, градежништо, трговија и останати усужни дејности се регистрирани  58.765 деловни субјекти. Тие се пазарно ориентирани и оствариле вкупен промет од 1.387.046 милиони денари и додадена вредност од 300.053 милиони денари. Додека  за ангажираните 400.629 вработени лица, издвоени биле 148.827 милиони денари во 2019 година, објави Државниот завод за статистика.

Најголем дел од прометот се остварува во трговијата

Според објавените податоци најголем промет е реализиран од секторот трговија на големо и на мало со 40,9 отсто. По него следат секторот преработувачка индустрија со 28,7 отсто, градежништвото и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 6,7 отсто и секторот транспорт и складирање со 5,8 отсто.

Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27,6 отсто. Потоа следува секторот трговија на големо и на мало со 24 отсто. Значително учество во додадената вредност има секторот градежништво 9,8 отсто. Додека подеднакво учество од 7,9 отсто имаат  секторите транспорт и складирање и информации и комуникации.

Во однос на големината на претпријатијата, доминираат со 90,5 отсто микропретпријатијата со помалку од 10 вработени. Најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31,3 отсто од вкупно вработените, тие создале 21 отсто од вкупната додадена вредност.

Големите претпријатија со учество од само 0,3 отсто и со ангажирани 26,3 отсто од вработените создаваат 34,1 отсто од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор. Главно, во секторот преработувачка индустрија 14,1 отсто.

Сепак, според податоците, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија со 10 до 249 вработени. Тие со ангажирани 42,4 отсто од вработените создадоа 44,9 отсто од вкупната додадена вредност во  деловниот сектор.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.