„Некстсенс“- бренд препознатлив во светот. „Патот кон стекнување доверба во брендот и вредноста што ја нуди компанијата не е лесен. Граден е низ годините со многу инвестиции во знаење, со многу работа и учење. Со цел да се стекне ново знаење, поголемо искуство, да се биде секогаш во тек со најновата технологија. Работевме посветено на градење на реноме за да се добие поголема зделка, сериозна понуда и да се допре до големите играчи на светскиот пазар“. Ова во интервју за „Анторис“ магазинот го споделува Саша Гавриловиќ, директор за развој на бизнисот од „Некстсенс“. Компанија која годинава одбележува 20 години од постоењето.

Саша Гавриловиќ - бизнис менаџер, „Некстсенс“

Саша Гавриловиќ, Директор за развој на бизнисот во „Некстсенс“

„Некстсенс“ годинава одбележува значаен јубилеј – две децении од основањето. Ретроспективно гледано, колку беше тежок и трнлив патот да се стигне до ова ниво – реномирана компанија на домашниот, но и светскиот пазар?

Веќе две децении сме целосно посветени на развој на иновативни технологии и водење на организациите низ процесот на дигитална трансформација. Нашите напредни ИТ решенија ги движат процесите во огромен број компании и институции ширум светот, во Европа, Азија и Африка. Гледано од денешен aспект, горди сме на тоа што како тим на исклучителни професионалци го постигнавме – изградивме стабилна, реномирана компанија. Препознатлива и ценета на интернационалниот пазар по својата експертиза во развој на напредни решенија за комплетна дигитална трансформација. Нашето реноме го градевме континуирано низ годините, со визија и амбиција да станеме лидер во регионот и пошироко. Водечката позиција ја достигнавме побргу одошто очекувавме. Но, не случајно и на среќа, туку со многу работа, учење и вложување во квалитет и нови технологии.

Почетоците на „Некстсенс“ беа исполнети со многу предизвици. Компанијата започна со работа во кризна година, во која се случуваше вооружениот конфликт во нашата земја. Во такви услови  иницијалните планови мораа брзо да се менуваат и прилагодуваат на новонастанатата кризна состојба. Како и секоја мала компанија со големи амбиции, на почетокот беше тешко да се дојде до поголема зделка, да се добие сериозна понуда, да се допре до големите играчи на светскиот пазар.

Специјализанти за развој на системски решенија и платформи за дигитализација

Предизвиците со кои се соочувавме ни беа „мотив повеќе“ да направиме „чекор повеќе“. Пред 20 години, „Некстсенс“ започна со работа со мала, компактна група на ентузијасти и визионери. На почетокот бевме Microsoft сертифициран центар за обука, позиционирани како експерти со применето знаење и искуство. Низ годините станавме златен партнер на Microsoft и го достигнавме нивото на платиниумски партнер на Symentec.

Започнавме како компанија специјализирана за изработка на веб-базирани решенија за организациите и институциите, веб хостинг, ИТ безбедност и поставување на ИТ системска инфраструктура. По само неколку години веќе осмислувавме и изработувавме решенија. И тоа од типот на е-бизнис платформи, системи за онлајн колаборација. Благодарение на знаењето и искуството што го „таложевме“ низ годините, прераснавме во компанија специјализирана за развој на системски решенија и платформи за дигитализација. Oд типот на дигитални решенија за е-Парламент и е-Влада, систем за електронски набавки, платформа за испорака на електронски услуги на институциите и граѓаните и многу други. Постојано ја следиме новата технологија и барањата на пазарот и соодветно ја зајакнуваме нашата експертиза во различни области. Со појавувањето на смартфоните и таблетите, стана актуелно користењето на мобилни апликации. Изградивме завидно портфолио на домашни и странски мобилни апликации.

Креиравме продуктно портфолио на реномирани и светски признаени решенија за целосна дигитална трансформација и примена на електронски услуги од доверба. Решенија за дигитално потпишување, временски печат, верификација и електронска испорака на документи, платформа за колаборација со е-документи, електронска идентификација – Nextsense Signing Suite се вградени во повеќе од 70 различни апликативни системи на реномирани компании и институции. Нивната примена овозможува значително зголемена ефикасност, поедноставување и контрола на процесите и гарантирано зголемена безбедност на документите. Без можност за злоупотреба, а притоа се остваруваат и значајни заштеди.

Денешното реноме на „Некстсенс“ е резултат на многу работа, учење, стекнување искуства, вложување во нови технологии, градење на здрави и одржливи релации со нашите постојни клиенти. Како и континуирано стекнување доверба кај нови клиенти. Успехот го мериме преку задоволството и довербата што ни ја укажуваат нашите клиенти, тие се нашата движечка сила. А довербата ја стекнуваме со постојано поместување на границите на примена на новата технологија и со градење партнерски однос на соработка. Од денешна перспектива гледано не е лесно да се стекнат клиенти и да се задржи нивната доверба со години. Нашите клиенти се реномирани компании и институции кои речиси две децении континуирано ни го доверуваат процесот на дигитална трансформација.

За нашиот успех низ годините говорат признанијата и наградите на интернационално ниво кои ги добиваме во континуитет, како потврда за иновативноста и квалитетот на нашите решенија. И до денес сме барани како прв избор од страна на многу влади, парламенти и компании ширум светот.

Дигитална трансформација на фирми и државни институции

Како компанија, работите на дигитална трансформација на фирми и државни институции за промена на начинот на работа од хартиена во дигитална. Во домашни услови, колку може за истите да се каже дека го применуваат овој процес?  

Во текот на овие две децении нашите решенија се имплементирани, беспрекорно функционираат и постојано се надградуваат во голем број реномирани компании, банки, телекоми, продажни ланци, меѓународни корпорации, влади и владини институции, парламенти ширум светот. Нашиот пристап на работа е специфичен. Користејќи го богатото искуство и експертиза, на клиентите им предлагаме стратешки, системски решенија. Изградени врз основа на креирање на „големата слика“ за организацијата и визија за идни надградби и проширувања на процесите.

Компаниите ги користат нашите продукти и платформи за е-бизнис, е-колаборација и дигитално потпишување, корпоративен репозитар на документи (е-архива) и многу други решенија со кои хартиените процеси се трансформираат во целосно дигитални.

Во дигиталната ера, од суштинско значење е сите државни институции да обезбедат брзи, безбедни и сигурни дигитални услуги, да ги задоволат потребите на сите засегнати страни: државните органи, лицата кои носат одлуки, административни работници, граѓани и деловни субјекти.

Токму затоа, во текот на овој период многу софтверски решенија се имплементирани од „Некстсенс“ во државните институции. Решението за е-Парламент, кое повеќе од 10 години го користи нашето Собрание, платформата за е-Седница (e-Cabinet) за онлајн колаборација која ја користи Владата.  Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на Бирото за јавни набавки, решенијата за дигитализација кои ги користи Службен весник, информациски систем за АВРМ.  Системот за електронско издавање на транспортни, градежни дозволи и урбанистички планови во Министерството за транспорт и врски. Потоа, системот за е-концесии на Министерството за економија, системот за целокупно работење на Фондот за здравство. Исто така и системот за целокупно работење на Агенцијата за вработување, Националната платформа за интероперабилност, Националниот регистар на население и многу други.

Преку 1300 услуги се публикувани во Каталогот на е-услуги

За време пандемијата, „Некстсенс“ го изработи системот за е-Рецепт. Со него, граѓаните не треба да одат кај матичен лекар по рецепти, туку може веднаш во аптека, за себе или за членовите на семејството да подигнат лек. Тоа е резултат на ефикасно креираниот систем во кој ги поврзува матичните лекари со ФЗОМ и аптеките. Да го споменам и неодамна промовираниот Регистар на вистински сопственици, изработен за потребите на Централниот регистар.  Како алатка во борбата против организираниот криминал, и уште многу други решенија имплементирани во државни институции и компании.

Во текот на минатите две години воспоставена е Националната платформа за дигитални услуги. Оваа Платформата им овозможува на јавните институции да креираат, објавуваат и испорачуваат е-услуги преку интегрираниот еко-систем. Составен од меѓусебно поврзани компоненти, со кои сите институции обезбедуваат централизиран пристап до информации. Тие пак се основа за испорака на услуги кон корисниците во дигитална форма. Во моментов преку 1300 услуги се публикувани во Каталогот на е-услуги. И 150 нови е-услуги од 18 различни владини институции се креирани и се достапни електронски на Националната платформа за е-услуги. Предноста на Платформата е тоа што овозможува брзо и едноставно да се креираат нови услуги. Таква е услугата за издавање на дозволи за движење за време на полицискиот час. Овозможи целосно дигитализиран процес на издавање дозволи, без користење на хартија. Импресивни 31.000 дозволи беа издадени за првите седум дена.

Според бројот на интегрирани решенија, со право може да се каже дека нашата држава е позиционирана како лидер во дигитализацијата во регионот. Ова признание во неколку наврати е потврдено на Дигиталните самити за Западен Балкан организирани на иницијатива на ЕУ во рамките на Берлинскиот процес. Основата за целосна дигитализација на институциите е поставена. Сега е потребно институциите своите услуги да ги креираат во каталогот на дигитални услуги за да можат да бидат достапни за клиентите.

Огромна работа е завршена. Поставен е интегриран систем, со конфигурабилни компоненти достапни за користење од страна на сите институции, од министерства, па се‘ до агенции и локални институции. Сега потребно е да им се помогне на институциите во целост да го заживеат системот и целосно да ги дигитализираат процесите. „Некстсенс“ стои на располагање да го помогне процесот на целосна имплементација, за да се искористат сите бенефити од дигитализацијата.

Улогата на иновациите – подигната на историски највисоко ниво

Како функционирате со постоечките протоколи за работа по појавата на пандемијата?

Сите препораки и протоколи се транслирани во интерни процедури за работа и максимално се почитуваат од страна на вработените. До сега немаме ниту еден случај на пренесување на инфекцијата внатре во компанијата од еден на друг вработен. Токму поради тоа што се преземени сите можни мерки на безбедност и заштита, кои вклучуваат целосна континуирана дезинфекција на просториите и на работните места, мерење температура, како и голема дистанца на работните места на тие што доаѓаат физички на работа. Секако, маските ни се задолжителен „акцесоар“. Работниот процес тече континуирано, без никаков застој. Целосно сме им на располагање на сите наши клиенти. Сите системи развиени од „Некстсенс“ се одржуваат редовно и во целост. Интензивно се работи и на развој на нови продукти, нови решенија за дигитализација на процесите. Како за компаниите, така и за владините институции и парламентите.

 Дали пандемијата до ковид-19 ги закочи планираните активности или пак отвори нови можности за соработка?

Глобалната пандемијата на почетокот предизвика досега невиден шок кај сите субјекти. Неизвесноста што ја донесе, поремети доста од договорените и планирани инвестиции. Голем дел од компаниите „кренаа рачна“, односно ги паузираа инвестициските проекти. Ова секако лошо се одрази и на проектите во областа на ИКТ во текот на минатата година. Се увиде дека всушност со дигитализацијата на сопствените услуги и процеси владите и компаниите можат активно да учествуваат во превенцијата на ширењето на вирусот и да ги доведат овие услуги на едно повисоко ниво. Сведоци сме на еден забрзан процес на дигитализација на целото општество во кои улогата на иновациите е подигната на историски највисоко ниво.

Телекомите, банките и поголемите корпорации забрзано се трансформираат користејќи ги нашите решенија за далечинска колаборација и дигитално потпишување со своите клиенти и партнери. И во услови на криза имаме и наплив на барања за нашите глобално докажани решенија. Односно за е-парламент и е-влада од голем број држави во светот. Сите институции забрзано се прилагодуваат на новонастанатите околности. Дигиталните алатки од типот на е-гласање, е-колаборација со документи добиваат на тежина и се‘ повеќе се барани. Во наредниот период  услугите за електронска идентификација и услугите од доверба, користењето на дигиталниот потпис, интереоперабилноста на услугите да бидат главен двигател не само за домашната индустрија, туку и за креирање безбедни прекугранични трансакции.

„СтопКорона“- апликација за следење на контакти и изложеност на вирусот

 Како општествено одговорна компанија, и подаривте на државата мобилна апликација „СтопКорона“ во борбата против ширењето на ковид-19. Почетокот тргна добро, но, теориите на заговор го зајакнаа скептицизмот – отворајќи го прашањето за безбедноста на личните податоци? Како и зошто се случи тоа?

Уште во првите денови по отпочнувањето на кризата, се фокусиравме на изнаоѓање решенија со кои, користејќи ја нашата експертиза на полето на дигиталната трансформација, ќе помогнеме во ублажување на последиците од пандемијата. Свесни за опасноста од ширење на вирусот врз здравјето на граѓаните, економијата на државата и особено оптоварувањето на здравствениот систем, ги истражувавме позитивните светски искуства во оваа област. Дојдовме до идеја да направиме мобилна апликација со цел мобилизирање на заедницата во заедничкото дејствување за детекција на ширењето на вирусот. Како комплементарна мерка со активностите на Министерството за здравство при откривање на евентуално заболени лица од ковид.

Мобилната апликација „СтопКорона“, заедно со порталот и позадинскиот систем се изработени за само 10 дена.  Сакајќи што побрзо да дадеме придонес во справување со последиците на кризата, со помош на технологијата. Идејата беше да го дигитализираме процесот на собирање на информациите за изложеноста на вирусот. Со тоа ќе им помогнеме на епидемиолозите дел од мануелната работа на собирање на податоци да ја добијат во дигитална форма, преку систем.

Во однос на прашањето за безбедноста на личните податоци, потенцираме дека апликацијата е изработена согласно највисоките светски стандарди. Односно, со механизми за целосна заштита на личните податоци. Податоците кои се разменуваат преку мобилната апликација се целосно анонимизирани шифри. Шифрите се праќаат на безбеден сервер во Министерството за здравство, исклучиво доброволно и со експлицитна согласност на корисниците.

Начинот на функционарање на апликацијата е во целост усогласен со препораките на ЕУ за изработка на апликации за следење на контакти и изложеност на вирусот. Затоа, „Некстсенс“ својата технологија за следење на изложеноста ја направи достапна бесплатно и за други земји. Веднаш по Македонија, и Унгарија ја стави во функција нашата мобилна апликација – кај нив наречена „ВирусРадар“.

Во меѓувреме, технологијата за детекција на изложеност на „Некстсенс“ предизвика интерес кај поголем број држави. Но, и од реномирани медиуми меѓу кои ВВС радио, Радио Слободна Европа, полскиот фестивал Outriders. Главна тема на интерес беше токму безбедноста на мобилната апликација и нејзиното прифаќање од страна на граѓаните. Нашиот пристап беше сосема транспарентен. Кодот на апликацијата беше доставен до МИОА, за да се овозможи увид од страна на експертската јавност.

Темата за заштита на личните податоци, но и сензитивноста на граѓаните од нивно „следење“ придонесе „теориите за заговор“ да наидат на плодна почва. И да внесат несигурност кај граѓаните. Сето тоа услови сосема неоправдан скептицизам околу заштитата на личните податоци и страв од „следење на контактите“. Ова не е случај само кај нас, туку и во многу други високо развиени држави, каде што не се успеа да се види „големата слика“. А тоа е целта на апликацијата, и таа да заживее и да ги даде посакуваните резултати. Во услови на страв и паника од ширењето на вирусот, главното внимание беше насочено кон личната заштита на граѓаните. Од некоја друга временска дистанца очекуваме да се препознае вистинското значење на апликацијата. Но, и разликата која може да ја направи технологијата доколку  масовно се користи за заштита на целото наше општество.

Награда за заслуги во областа на ИКТ иновативноста

 Токму за „СтопКорона“ и апликацијата „VirusRadar“ кон крајот на минатата година ја добивте престижната глобална награда која ја доделува Светската алијанса за информатичка технологија и услуги – за исклучителни достигнувања во областа на ИКТ иновативноста. Колку оваа награда Ви отвори нови можности на европскиот пазар?      

Светскиот конгрес за ИКТ  се одржa во ноември 2020 во Пенонг, Малезија. „Некстсенс“, во конкуренција на огромен број компании и иновативни решенија од преку 80 земји ја доби престижната глобална награда за заслуги во областа на ИКТ иновативноста. Тоа е наградата Virtual WITSA Global ICT Excellence Merit Award 2020 за своето решение Nextsense Contact Tracing Technology и мобилните апликации СтопКорона! и ВирусРадар.

Благодарни сме на МАСИТ што го номинираше ова наше решение. Но, и на реномираната WITSA која ги потврди вредноста и значењето на Nextsense Contact Tracing Technology и го награди нашето решение. Со наградата, нашето решение беше промовирано како пример во светски размери како технологијата. Комбинирана со супериорно техничко знаење, тимска работа и силна посветеност кон помагање на заедницата, може да придонесе во борбата против светската пандемија.

„Некстсенс“ со ова решение постави високи стандарди и позитивна практика со која се мотивираат и другите компании во светот да ја користат технологија во функција на заедницата.

На наградата гледаме како признание и дополнителна потврда за технолошката супериорност која ја обезбедуваме на интернационално ниво. Наградата можеби не носи директни придобивки за освојување нови пазари. Но, индиректно претставува додадена вредност и меѓународна потврда на нашите дигитални решенија.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.