НЛБ Банка лани со профит од 27,7 милиони евра. Тоа е нето добивката на Банката која е намалена во однос на претходната 2019 година за 7,9 проценти. Инаку бруто добивката на Банката заклучно со 31.12.2020 година изнесува 1.857.334 илјади динари (30,1 милиони евра). Таа е намалена за  9,3 проценти во однос на истиот период претходна година.Ова се податоците од Анализата на финансиските резултати на НЛБ Банка АД Скопје за 2020 година, објавени на СЕИ Нет на Македонска берза

НЛБ Банка лани со профит од 27,7 милиони евра

Како што стои во анализата – И  покрај променетите деловни услови, Банката во 2020 година продолжи со активности за зголемување на понудата за клиентите со нови продукти и платни сервиси. Беа понудени МКлик мобилен кредит, потрошувачки кредити за енергетска ефикасност за физички лица и кредити за регионална конкурентност за мали и средни претпријатија од кредитната линија на ЕБРД.

-Навремената и брза реакција на ново настанатата ситуација и донесе на Банката значајни постигнувања како: вредност на вкупна актива над 96,5 милијарди денари (1,5 милијарди евра), вкупно бруто кредити над 57 милијарди денари (940 милиони евра) и вкупен број на клиенти над 800 илјади.

Награди за добрите практики

Банката активно учествуваше во реализација на владините мерки за поддршка и помош на населението. Даде и свој значаен придонес кон општеството преку реализација на низа општествено корисни мерки за олеснување на финансиското оптоварување во време на криза. Реализира успешни проекти и донации на оние на кои им беше најпотребно.

Инвестирањето во дигитализација и нови технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во 2019 година, во текот на 2020-та беа наградени од:

– Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2019 каде НЛБ Банка АД Скопје, четврта година по ред, e избрана за Најдобра банка во Cеверна Македонија;

– Финансискиот магазин Finance Central Europe  ја прогласи НЛБ Банка АД Скопје за Најдобра банка во Северна Македонија по ROE (поврат на капитал) 2020.

Раст на билансната сума за 9,5 отсто

Заклучно со 31.12.2020 година билансната сума изнесува 96.545.213.000 денари. Односно таа се зголеми за 8.368.266.000 денари или 9,5 проценти во однос на 2019 година.

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 17.583.530.000 денари. Тие бележат намалување од 4,2 отсто во однос на 2019 заради намалено вложување во благајнички записи. Намалувањето на вложувањата во благајнички записи е резултат пак на одлуката на НБРСМ од мај 2020 година за намалување на вкупниот лимит за запишување на благајнички записи кај НБРСМ. Банката ги користи овие инструменти за управување со вишокот на ликвидност и поддршка на профитабилноста.

Кредитите и побарувањата од банки бележат зголемување од 77.622 000 денари во однос на 2019 година или 18,3 отсто.

Вкупните кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 57.977.711.000 денари. И тие бележат зголемување од 6,0 отсто во однос на истиот период од претходната година. И покрај новонастанатата ситуација со КОВИД-19 со земјата, кредитирањето кај домаќинствата и правните лица се зголеми, со поголема динамика на раст кај домаќинствата и тоа во сегментот кредити за домување и потрошувачки кредити.

Во извештајниот период Банката изврши и редовен билансен отпис на кредити со 100 отсто исправка согласно домашната регулатива.

Вложувањата во хартии од вредност, зголемени

Вложувањата во хартии од вредност, лани изнесуваат 16.367.473.000 денари. Тие бележат раст од 50 отсто во однос на 2019. Тоа е резултат  пред се на зголеменото вложување во еврообврзници и државни записи. Вложувањата во хартии од вредност со рок на доспевање над три месеци Банката ги користи за управување со вишокот на ликвидност и поддршка на профитабилноста.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на претходната година се намалени за 28 отсто. Намалувањето се должи на редовни годишни исправки на вредноста на нефинансиските средства во согласност со регулативата на НБРСМ.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа 79.434.666.000 денари. Тие во однос на 2019 година се зголемени за 7.098.599.000 денари, или за 9,8 проценти. Зголемувањето на депозитите се должи на нови клиенти од сегментот домаќинства кои се приматели на пензии, плата и други видови примања. Потоа од нови клиенти кои ги користат физичките и електронските платни сервиси на Банката и нови клиенти од сегментот нефинансиски правни лица. А, исто така и од зголемувањето на приливот на средства на сметките на постојните клиенти во домашна и странска валута.

Обврски по кредити се намалени за 221.926.000 денари, или за 34,4 отсто. Тоа  се должи на редовни отплати по наменските кредитни линии кои Банката ги користи за потребите на клиентите. Субординираните обврски се зголемени за 0,4 проценти во однос на 2019 година.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 15,2 проценти и изнесуваат 13.412.845.000  денари. Во извештајниот период Банката ги зголеми резервите со распределба на 177.648.000 денари од добивката од 2019 година во сопствените средства на Банката со што дополнително ја зајакна капиталната позиција над законските и регулаторните барања.

Биланс на успех

Нето каматните приходи, за 2020 година се пониски за 1,6 отсто споредено со истиот период претходната година. При тоа приходите од камати се пониски за 4,4 отсто, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и вложувања во хартии од вредност. Додека расходите по камати се пониски за 19,9 отсто главно поради пониски каматни стапки, преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.

Нето приходите од провизии се повисоки за 1,7 отсто споредено со истиот период 2019 година. При тоа приходите од провизии се зголемени за 0,8 проценти. Тоа е резултат од зголемени приходи од ПОС терминали и повисоки приходи од брокерско работење поради зголемен обем на тргување со хартии од вредност.

Расходите за провизии се намалени за 0,8 отсто. Тоа произлегува од одлуката на НБРСМ за времено укинување на надоместоците за вршење на кеш услуги.

Останатите некаматни приходи се повисоки за 32,7 отсто во однос на 2019 година. Достигнаа сума од 469.615.000 денари. Главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население. Исто така и од остварена капитална добивка од продажба на превземени средства како и зголемени приходи од курсни разлики.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 4.505.693.000 денари и се повисоки за 1,9 отсот во однос на истиот период претходната година.

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.927.863.000 денари и се намалени за 0,7 отсто при што:

  • -трошоците за вработени се пониски за 0,6 отсто,
  • -трошоците за амортизација се повисоки за 17,1 отсто,
  • -останатите расходи од дејност се пониски за 3,9 проценти во однос на истиот период претходната година.

Заклучно со 31.12.2020, беа издвоени исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 673.070.000 денари. Односно  57,5 проценти повеќе во однос на претходната година соодветно на структурата, квалитетот и порастот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 47.426.000 денари.

Бруто добивката на Банката  лани изнесува 1.857.334.000 денари . Таа е намалена за 9,3 отсто во однос на истиот период претходна година.

НЛБ Банка лани со профит од 27,7 милиони евра. односно со нето добивка од  1.704.271.000 денари (27,7 милиони евра), заклучно со 31.12.2020 година. Односно намалена за 7,9 проценти во однос на истиот период претходна година.

Очекувања за претстојниот период

НЛБ Банка АД Скопје, како втора системски значајна банка и трета банка по големина во Р.С.Македонија, постојано го следи развојот на кризата, влијанието на банкарските финансиски позиции и следствено проактивно ги прилагодува своите деловни операции.

Во 2021 година година останува фокусот на Банката да биде насочен кон справувањето со пандeмијата КОВИД-19. Како клиентски ориентирана Банка која редовно превзема мерки за заштита на своите клиенти и ги нуди најоптималните решенија. Банката, како современа и креативна, ќе продолжи да ги следи светските технолошки трендови. Воедно насочувајќи ги своите ресурси кон позитивните придобивки од кризата како што се забрзаната дигитализација и развојот на нови бизниси, проследено со континуирано унапредување на банкарските процеси.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.