Осмата еврообврзница-ново задолжување за отплата на стар долг. Република Северна Македонија вчера ја издаде осмата по ред еврообврзница во вредност од 700 милиони евра. Еврообврзницата е со рочност од седум години и истата е издадена по историски најниска каматна стапка од 1,625 проценти.

Истата ќе се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. А, остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит. Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата.

Инаку, Еврообврзницата од 2014 година е издадена со каматна стапка од 3,975 отсто со рочност од седум години, или за 2,35 процентни поени повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега.

Исклучително поволна каматна стапка

Исклучително поволната каматна стапка, и покрај ковид-кризата, е резултат на прудентните макроекономски политики и зачуваниот кредитен рејтинг на земјата. Задржувањето на кредитниот рејтинг, а со тоа и довербата на инвеститорите, се должи на преземените политики и четирите пакети мерки за соочување со ефектите од кризата. Високата доверба на инвеститорите, како што соопштија од Министерството за финансии се манифестира и преку големиот број на заинтересирани инвеститори за купување на еврообврзницата. Односно над 130 инвеститори сакале да запишат двојно повисок износ од понудениот. Или кажано со други зборову побарувачката била над 1,6 милијарди евра.

Како што потенцираа од Министерството за финансии на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори. Односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 милиони евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори.

Во споредба со другите економии- нашата со поголема доверба

-Ако  се направи споредба со други економии од регионот и пошироко кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка од голем број од нив, вели министерот.

Така на пример, минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра. Од кои едната со каматна стапка од 1,75 отсто додека другата од 1,125 отсто. Исто така минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65 отсто. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75 отсто и 5,875 отсто. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253 отсто. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253 отсто.

Од сите осум- оваа со најниска каматна стапка

Според министерот, каматната стапка што се постигна на вчерашната аукција е убедливо најниска во однос на сите претходно издадени еврообврзници. Таа изнесува 1,625 отсто, или за 1,125 процентни поени помалку од еврообврзницата од 2018 година која досега имаше најниска каматна стапка од сите наши обврзници.

Во однос на еврообврзницата издадена во 2009 година, која е со најголема каматна стапка од сите македонски еврообврзници, ново издадената има камата пониска за 8,25 процентни поени.

Инаку, земјава претходно има седум пати излезено на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзници:

  • -2005 година со камата од 4,625 отсто%,
  • – 2009 со камата од 9,875 отсто,
  • – 2014 со камата од 3,975 отсто,
  • – 2015 со камата од 4,875 прроценти,
  • – 2015 година со камата од 5,625 отсто,
  • – 2018 година со камата 2,75 проценти
  • -и 2020 со камата од 3,675 проценти.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.