„Балкан прајд турс“ е релативно мала организација која работи за промоција на туристичките капацитети на земјата. Целта на компанијата е да создаде одржлив модел на развој кој ќе се поврзе со општествената одговорност на компаниите. Влатко Сулев е експерт за туризам и генерален менаџер во „Балкан прајд турс“. Тој лоцирал три најголеми потреби за кои смета дека им се неопходни на вработените во компаниите. А тоа се: да доживеат искуство, да бидат активни и да бидат вклучени.

„Тоа е тренд во западниот свет веќе 15 години. Сега е присутен и кај нас. Потреба да се излезе од секојдневието, да се посети семејство кое живее традиционално во внатрешноста на државата, да се проба нивната храна. Да се запознае некој што работи со локални занаети. Мораме да биде активни. Планинарење, возење велосипед, кајакарење… Сите тие активности ни се потребни на нашето тело“, вели Сулев.

Моделот кој го нудат ги поврзува потребите на современиот човек. А од друга страна го развива претприемачкиот дух,со што на локалните луѓе им дава верба и мотив да сфатат дека едно обично хоби, може да прерасне во микро бизнис кој може да расте. Модел кој се слева во една мисија – развивање на претприемништвото и развивање на домашниот туризам.

„Како тур оператор кој работеше исклучво на странсите пазари, од годинава сме дел и во Македонија, исклучиво во делот на друштвени патувања“, вели Сулев.

За создавањето на нов „рецепт“ на тим билдинг во „Балкан прајд турс“ е задолжена Ленче Андовска, која ги организира друштвените патувања. Покрај најголемите туристички дестинации, таа се труди да пронајде и локации кои се помалку развиени и имаат локални приказни за кои вреди да се слушне. Според Андовска, една од најизразените човечки потреби е да се организираат активности во природа, сметајќи дека тоа е клучно за здравјето на вработените.

Поразличен тим билдинг на вработените во компаниите организира и платформата „Кајак.мк“. Приказната за „Кајак.мк“ ја започна Ѓорѓе Камов, кој е бренд менаџер и управител на компанијата. Во период од една година од основањето, ја промени визијата за локалниот туризам. Организирањето на тим билдингот, вели Камов, подразбира и активности на вработените преку зазеленување на природата. Дали вработените ќе пошумуваат на терен или компанијата ќе донира средства за пошумување е прашање на личен избор.


„Ние имаме луѓе кои се надлежни за спроведување на акциите. Работиме во регионите Свети Николе, Велес, Ресен и Демир Капија. Овие региони имаат најслаби врнежи од дожд и имаат потреба од зеленило. За да посадиме повеќе дрвца, потребни се и повеќе компании кои ќе се приклучат на акцијата. Вашите вработени добиваат тим билдинг патување, а на крајот се враќаат назад горди што направиле нешто за иднината. Ова се покажа како успешна мисија“, раскажува Камов.

Во последните два месеца, вработените во компаниите пошумиле територии со 5 405 дрвца. Акциите се спроведуваат со „Национални шуми“. Стремежот на Камов е да се започне и со обновување на шумата во Беровскиот регион, каде летово изгореа огромни површини со дрвја.

„Ако успееме да реализираме што повеќе тим билдинг патувања, ќе успееме да дадеме поддршка на повеќе локални семејства кои вложуваат во туризмот. Со тоа се добива промоцина на туризмот кој е на пауза поради ковид -19, промоција на локалните херои ја подигнуваме еколошката свест со спроведување на акциите за чистење и пошумување“ смета Камов.

Своите излагања учесниците ги споделија на настанот „Корпоративен пристап во менаџирањето на човечките ресурси преку градење општествената одговорност и јакнење на тимскиот дух“, во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.