Работничките права и новинарството во пандемијата се соочуваат со истите проблеми како и пред тоа. „ Голема е иронијата на судбината на новинарите кои секојдневно се борат за туѓите права, а ретко или речиси воопшто не се борат за своите права. Ова е целосно необјасниво прашање, вели Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.“

Работничките права и новинарството во пандемијата се речиси идентични како и пред неа. И пред и за време на корона кризата, новинарите се соочуваат со истите проблеми. Пандемијата од ковид-19 не придонесе за помало или поголемо кршење на работничките права – нивото е исто како претходно. Ова го истакна Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари на годишениот онлајн Истражувачки филмски фестивал.

 

Дискусија: Пандемијата и работничките права на новинарите

„Добивавме поплаки за институциите како организатори на настани кои не ги почитуваат протоколите за заштита од ковид. На почетокот новинарите немаа обезбедена заштитна опрема, работеа од дома или во смени. Во однос на работничките права –  нема ни подобрување, ни влошување, исто е. Се кршат на неколку исти основи – право на одмор, прекувремена и неплатена работа. Анкетата на ССНМ поакажува дека има големо незадоволство од платите и хонорарите. Дури 2/3 од анкетираните рекле дека не се задоволни од примањата за работата. Проблемите се исти од претходно“смета Дуридански.

На дебатата беше истакнато дека кризата влијае на секојдневната работа на новинарите, ограничени да присуствуваат во живо на прес конференции. Според новинарката на „360 степени“, Ивана Настеска, на површина излезе клучната улога на локалните новинари. Но, и новинарите како теренски работници, не се имуни на ковид-19. Иако на почетокот на кризата огромен дел од нив немаа на располагање маски, ракавици и средства за дезинфекција. Тоа се случило по реагирањето на Синдикатот на новинари.

Новинарката на телевизија „24 вести“, Христина Беловска, и самата беше позитивна во време на изборниот процес во земјава.

 

Ќе се наметне прашањето – кој ќе остане, а кој ќе си замине од новинарството, смета Беловска.

„Кога дојде период за гласање, се’ уште бев во болницата Козле со три годишната ќерка, каде бевме сместени поради корона вирусот. Почнав и да се подготвувам за изборниот ден. Имаше можност и да се гласа од дома. Ми дојде идеја дека токму 15-ти јули за мене претставува голем предизвик да го остварам правото во специфични услови. Но, и како новинар да им покажам на гледачите од прва рака како изгледа гласање под маски, кое за прв пат се практикува во земјава. Тоа видео денеска на Фејсбук страницата на „24 вести“ има преку 140 000 прегледи“, раскажа Беловска.

Но, и подоцна кога се вратила на работа, како судски известувач, вели дека се соочувала со специфични ситуации. Во судници со големина од 20 квадрати, биле сместени новинари, обвинети, судии, обвинители. Ваквите ситуации ги нарекува нетипични за известување, но, од друга страна и стресни. Тоа го покажува и нејзиното неодамнешно истражување за работата на новинарите во време на пандемија. Дури кај 62 проценти од испитаниците, новинарската работа негативно влијаела врз менталното здравје.

Финансиски проблеми во новинарството 

Откако почна пандемијата, секнаа рекламите. Немаше голем број на откази досега, но, во голем дел од медиумите, новинарите се соочија со намалени плати. Отпуштањата беа на ниско ниво, веројатно поради државната помош за медиумите, смета Дуридански. Негово предвидување е дека доколку нема државна помош, следната година ќе се појават и првите бранови на отпуштања.

„Иако Синдикатот генерално е против влевање државни пари во медиумите, очигледно мора да постојат исклучоци, особено во вонредни услови на криза. Сепак, ако има државна помош, таа треба да биде условена. Односно, да биде за новинарите, а не за медиумите, вели Дуридански.“

Според Беловска, пак, во иднина професијата ќе се соочува со прашањето – кој ќе остане, а кој ќе си замине. Таа вели дека поради состојбата, едно лице покрива повеќе работни обврски, па во некои редакции се се’ помалку потребни монтажери и сниматели, со што работата паѓа на теретот на новинарите. Нејзините проценки се дека кризата допрва ќе ги погоди сите аспекти на работничките права, а медиумите кои нема да можат да ја пребродат кризата, ќе згаснат.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.