Рекордни 706 апликации за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст. Овие 706 домашни компании аплицираа на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст на ФИТР кој беше затворен денес. Ова е рекорден број на доставени апликации во рамките на било кој досегашен јавен повик кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој.

Рекордни 706 апликации за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст

Поддршка за домашните компании

Како што информираат од Фондот, за време на повикот кој траеше 60 дена, за потенцијалните корисници беа одржани 20 инфо сесии. А, апликацискиот пакет го презеле дури 1588 компании.

Главната цел на овој инструмент на ФИТР е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза. Односно, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за нивна трансформација. На повикот освен микро, мали и средни претпријатија, можност да аплицираат имаа  и приватните здраствени установи (ПЗУ).

Вкупниот буџет на јавниот повик е шест милиони евра. Односно од 2.500.000 денари за микро претпријатија до 5.000.000 денари за мали, и до 10.000.000 денари за средни претпријатија. Преку овој повик, ФИТР обезбедува 70 проценти од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие или 60 отсто за средни претпријатија.

Примарна селекција

За компаниите кои аплицирале, следи процес на примарна селекција на предлог проектите. Оценувањето ќе го вршат домашни стручни лица од 22 области на експертиза.

Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација (35 поени),  квалитет на проектот (10 поени), капацитет на проектниот тим (10 поени) и влијалние на проектот со по 45 поени.

Предност при оценувањето на предлог проектите ќе имаат компаниите кои имаат жени управители и доаѓаат од различни региони. На тој начин ќе се поттикне рамномерниот регинален развој како и женското претприемништво.

За  апликантите кои ќе бидат одбиени, ФИТР воведе нова менторска програма. Така тие ќе можат да ги доразвијат своите проекти и да аплицираат повторно во иднина.

Комитетот за одобрување инвестиции

Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ). Тоа  е  независно тело составено од петмина меѓународни експерти. На нивно барање опционално е предвиден и пичинг (јавна презентација) на предлог-проектите.

За селектираната листа на предлог-проекти, тимот на ФИТР ќе врши административна проверка, односно дали апликациската документација е потполна. Потоа следува донесување на финална одлука од страна на Комитетот за одобрување инвестиции, според дефинираните критериуми.

Покрај Ноел Грегор Патерсон Џонс и Вибху Шарма, чиј мандат започна во 2019 година, пред два месеци Комитетот доби тројца нови членови. Тоа се Марвин Лиао, Ашер Сидики и Гунтер Фелингер.

Лиао кој беше избран за нов претседател на КОИ, бил извршен директор во „Yahoo!“ повеќе од една деценија. Тој е поранешен партнер на „500 Startups“ и  Бизнис Ангел со над 19 години искуство во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи.

Марвин инвестирал во 500 стартапи од 2014 година. Додека, Ашер Сидики има над 20 години искуство во корпоративен развој. Реализирал зделки вредни околу осум милијарди американски долари. Тој бил исто така дел од „500 Startups“ во САД но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Ашер својата кариера ја започнал како претприемач во Велика Британија и САД кон крајот на 90-тите.

Третиот од новите членови на КОИ, Гунтер Фелингер е генерален Секретар на CEE BC – Австрија. Последните 28 години, Гунтер патува и придонесува за трансформација на бизнис секторот во Централна и Источна Европа. Тој одлично ги познаваа економиите и предизвиците на младите претприемачи и нови бизниси во регионот. Гунтер по 11 години живеење во Албанија, Црна Гора и Косово, од 2016 година е позициониран во Киев.

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.