Кај компаниите мора да биде присутна желбата и ентузијазмот, а потоа создавање на услови за да може да се изведува стручна настава за учениците. Ова е ставот на Драган Петров, обучувач во автомобилската компанија „Дрекселмајер“. На друго, повисоко ниво, смета дека за успешна иднина во создавањето нови кадри е соработката меѓу образовните институции и компаниите. „Дрекселмајер“ има склучено договори со техничките факултети, а започнале соработка и со општествени смерови. Целта е компаниите да примаат што повеќе студенти на пракса. Но, не само од дуално образование, туку и да се зголемува квалитетот на образованиете генерации и од средно и од високо образование. Петров го објаснува процесот како учениците во „Дрекселмајер“ ја поминуваат практичната работа.

Драган Петров, обучувач во автомобилската компанија „Дрекселмајер“

„Кај нас на почеток, имаме запознавање со материјалот, со учење на однесување. Имаме вежби со мерни инструменти, користење на рачен алат, хидраулика, пневматика. И тука е делот каде учениците одат во производство да го применат нивното стекнато знаење и да соберат плус искуства. Односно, да видат како сето тоа функционира во реалноста. Паралелно, имаме кабинет само за учениците – дел за електро, дел за машински. Во втора година со учениците работиме само вежби. Додека во трета и четврта година е комбинирано – еден дел е тука, еден во производство. Лани учениците не одеа во производство поради ковид – 19. Но, оваа година, со некои построги мерки и наши анализи, одлучивме децата да не губат многу. Одреден период се во производство со обучени ментори и со намалено времетраење“, појаснува Петров.

На компаниските ментори, задачата е да ги обучива учениците за вежбите, но, и за корпоративната култура. Во „Дрекселмајер“ вели Петров, не обрнуваат внимание само на вежбите, туку и на однесување, за да бидат попрофесионални и поспремни во иднина.

Работна атмосфера во „Дрекселмајер“

Дневник на активности

Секој ученик има свој дневник кој го пополнува секој ден. Учениците започнуваат со припрема за вежбата и поставување на алат. Во зависност од вежбата, се прави припрема на работната маса, постојат одредени точки кои треба да се следат, а тоа се работи со присуство на ментор. На крај се раскренува масата, се запишува што се работело.

„Секоја вежба си има своја тежина. Го следиме нивниот напредок и евалуација со цел да направиме подобри инженери. По завршувањето на праксата, ние им понудуваме работа. Не како обични работници, туку како сетери, работат во истото поле што сме ги обучувале. Дел остануваат, дел продолжуваат на факултет. Оваа година доделивме целосна стипендија за факултет, имаше ученици кои останаа тука, го следиме и нивниот развој. Имаме одлични повратни информации“, објаснува Петров.

Компаниите, генерално заинтересирани за млад кадар

Прашалникот кој Министерството за образование и наука го испрати во декември лани до над 450 компании од бизнис заедницата, покажува нивна висока заинтересираност за прифаќање на ученици. Високи 85% од компаниите одговориле дека би примиле ученици на практична обука. Но, речиси половина од нив, односно 53% рекле дека немаат соработка со средните стручни училишта.

Анализа на Министерство за образование и наука

Во изминатиот период се одржани 19 средби на локално ниво, со цел да се дознаат потребите на компаниите и нивните интереси. МОН спроведе и кампања за средно стручно образование, а по уписните рокови е направена и анализа на запишани ученици во средно стручно образование. Податоците покажуваат дека во учебната 2020/2021 година, бројот на ученици запишан во стручно изнесува 6 075. Во тековната 2021/2022 година, нивниот број е зголемен за 6% и изнесува 6 491.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.