Томислав Османли: Каде е господин Шефот?
И во Новата 2021 година магазинот „Анторис“ ја продолжува соработката со писателот Томислав Османли. За почеток на оваа година, во која сите се колнеме, надевајќи дека ќе ни биде подобра од претходната, што нема да и биде многу тешко, го пренесуваме неговиот расказ „Внатрешно исчезнато лице (Каде е господин Шефот?)“, кој е објавен во рамките на наградуватата книга „Парадоксион“.
Нека не ве загрижува должината на расказот. Таа е само гаранција дека ќе уживате во хумористично-сатиричен сензибилитет во кој е пишуван…
***
Р а с к а з
Томислав Османли:
ВНАТРЕШНО ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ
(Каде е господин Шефот?)
Поминаа веќе три дена откако претседателот Устијан Поп-Трајков беше исчезнал во неговата канцеларија. Немаше објаснение за тоа исчезнување со оглед дека се случи без навестување и без посебни знаци и индиции, во точно неопределено време, некаде утринските часови на инкриминираниот ден Петок, тековната година.
Исчезнатиот шеф на државата последна го виде неговата лична секретарка, 42-годишната Хилдегард Тодевска-Шварм која тој Петок, според востановениот обичај, точно во 8:05 часот на Претседателот му сервираше чај од мајчина душица со тенка фелка лимон и три органски кекса, едвај наоѓајќи место за малиот подавалник со филџанот, на огромното претседателско биро преполно со документи, куп закони и акти на именувања што го чекаа неговиот потпис, потоа книги, знаменца, три фиксни специјални и неколку мобилни телефони, рамки со лични фотографии, статуетки и поголем број различни сувенири подарени од други шефови на држави и важни странски гости, лаптоп и два неотворени таблета, држачи со златни пенкала и пет-шест вонсериски, ексклузивни рачни часовници добиени од домашните деловни луѓе секогаш со истото објаснение, „во знак на мало внимание“…
Потоа, со незгаснатата професионална насмевка, Тодевска-Шварм се повлече во својата канцеларија, за во претседателскиот кабинет одново да влезе дури во 10:50, за да го потсети претседателот Устијан Поп-Трајков на обврската за примопредавањето на акредитивите на веќе отпоодамна наименуваниот, вонреден и во суштина сѐ уште неополномоштен амбасадор на Никарагва во нашата земја кому веќе два пати му ја одложуваа инаугурацијата поради презафатеност на Претседателот… И тогаш, Тодевска-Шварм констатира дека чајот кој сѐ уште испаруваше, останал недопрен, бисквитите некаснати; и дека Претседателот го немаше во кабинетот.
Таа, логично, си помисли дека шефот на државата, како и обично пред церемонијалните обрски, престојува во својата приватна бања, па професионалната Хилдегард Тодевска-Шварм дискретно потчукна на вратата од претседателскиот тоалет и на невиливиот шеф, како и секогаш кога тоа сакаше да го стори со пријатност, со својот стегнат алт, љубезно потпевнувајќи му соопшти: „Господине Претседателееее! Уште десет минути до акредитивитееее!“… па, според правилата од обуката за претседателска лична секретарка која ја доби на повеќемесечен специјалистички курс во една пријателска странска земја, таа ја затвори тешката врата од претседателскиот работен кабинет и се врати во својата канцеларија. Потоа – според прецизната нотација од деталниот записник составен по повод исчезнувањето на Претседателот – таа во кабинетот одново влегла во 10:57, пред самиот почеток на примањето на никарагванските дипломатски акредитиви во оближната свечена сала, и откако три пати со прекини почукала на вратата од тоалетот, исто така според инструкциите од странскиот стручен тренинг, Тодевска-Шварм внимателно ја подотворила вратата од најинтимните простории на Претседателот, почнувајќи да стравува за здравствената состојба на инаку само педесетипетгодишниот Устијан Поп-Трајков, по што „силно се изненадила“ кога забележала дека бањата била празна, но воедно „констатирала и дека претседателскиот тоалет, видно од фактичката состојба, останал комплетно неупотребуван“.
Потоа, Хилдегард како доблесна, совесна и обучена лична (па дури и лична!) секретарка, „но и со доза на личен однос кон тој оригинален човек“, како што по сопствено инсистирање, додатно нагласила во нејзината записничка изјава, „вознемирено почнала да го бара исчезнатиот Претседател на сите можни места во работниот кабинет“: најнапред под големото биро од богато изрезбано ореово дрво, во секој од повеќето темни и длабоки плакари, „ѕирнувајќи неколку пати дури и зад отворените врати на претседателскиот кабинет“, од лично искуство знаејќи дека почитуваниот Устијан Поп-Трајков „приватно, многу ја сака и ја практикува шегата“, па „не ретко прибегнува токму кон неочекувани и изненадувачки ситуации со кои веројатно сака да нѐ релаксира и забави, а на кои потем самиот мошне слатко им се смее“. Така стоше забележано во подоцна сочинетиот детален записник, но на тоа му претходеа минути и часови на неизмерни стресови и нервози. Накусо, од Претседателот немаше ни трага ни глас.
Кога тоа дефинитивно и веќе избезумено го констатира, Хилдегард Тодевска-Шварм итно го алармираше шефот на кабинетот Еразмо Филчев којшто, и онака со сенка на стар бирократ на лицето, истиот миг додатно побледе, а потоа заедно со него, се бувнаа во канцеларијата на шефот на личното обезбедување на претседателот м-р Ненад Бламски, затечувајчи го во обидот да загризе во крупното парче топла пастрмајлија, кое само што му го беа донеле неговите оперативци. На алармот од шефот на кабинетот и на личната секретарка на Претседателот, Бламски одреагира брзо и професионално, дури инстиктивно – со оглед дека и самиот помина експертски странски обуки врзани за одговорната позиција која му беше доверена од соодветната управа на Министерството за внатрешни работи, дела и кривично-правни недела, а од неодамна, и асистентура на еден од приватните универзитети, со оглед дека нешто пред тоа магистрира на стручната тема „Изненадувањето како безбедносен фактор – странски искуства“.
Така, во свеста на добро обучениот асс. м-р Бламски мигум се појави Прирачнкот за кризни состојби којшто со електронска брзина се отвори во поглавјето 133 „Исчезнување на заштитениот субјект“ на чија содржина Бламски брзо се потсети и веднаш ментално го затвори, а потоа и отфрли, како и пастрмајлијата која во отсудниот момент ја отфрли и физички и, следен од избезумената Хилдегард Тодевска-Шварм и веќе сосем обескрвениот Еразмо Филчев, излета од својата канцеларија.
На ова место сакаме да укажеме дека при таа динамична активност, магистер Бламски со крајот на добро обученото око забележа дека пастрмајлијата падна на лицето, а мастрафот шласна и се истури врз принтот од денешниот дневен извештај за успешно спроведуваните безбедносни активности кој, уредно изготвен уште од вчера, го чекаше неговиот потпис и испраќањето до надлежната управа, нешто подоцна во работниот ден. При тоа на врвно обучениот безбедносен експерт му блесна службената, административна мисла: „сега пак ќе треба да се еба’ам со пишување скроз нов извештај“, и втората, покреативна, инаку забележана и како наслов во неговиот неодамна прилично успешно одбранет магистерски труд: „Марфи сепак беше во право!“.
И беше, искрено речено! – подоцна, потонат во длабоки размисли теоретски, анализираше безбедносниот експерт Бламски – иако Марфи е странец, а ситуацијата со изчезнувањето на Претседателот беше оригинално наша, сосем домицилна! Затоа Марфи беше во право, ама на начин кој никому, дури ни на плевата странски консултанти, експерти и едукатори што се маткаа по земјичево, сé до случајот со претседателот на оваа држава, не им беше ни од далеку познат. ОК, таму претседателите можеше да ги снема, ама логично и објаснливо, главно во атентат, и тоа ти е, човече, безбедносно чиста ситуација, или при државен удар со бутање на шефот на државата во специјално обезбеден апс или пак во обичен бајбок… ама види ти кај нас; кај нас ситуацијата беше обратна: Претседателот ни исчезнува во сопствениот кабинет, без трага и без глас, како да пропаднал во земја или, боже ме прости, како да го киднапирале вонземјани.
Не треба посебно да се опишува збунетоста и возбудата која во редовите на државниот врв ја внесе исчезнувањето на претседателот Устијан Поп-Трајков, без оглед што тој, познат по повеќе љубовни и малку помал број коруптивни афери, и не беше особено омилен во јавноста, иако – од не сосем јасни причини, повеќе пати се покажа дека им одговара на нашите странски партнери, па според тоа и на раководството на владејачката партија…
Откако одново сите горе спомнати, му се испоизвинија на амбасадорот на Никарагва дека Претседателот „не се чувствува добро“ и, по неговите темпераментни латино-американски протестирања и два израза за кои се правеа дека не разбраа оти се сочни пцости на шпански, едвај го откачија испраќајќи го до неговиот автомобил со никарагвански знаменца, во кој го сместија повторувајќи му да не се грижи, дека сѐ е во најдобар ред и дека церемонијата на примањето на неговите акредитиви ќе се одржи „as soon as possible“, на што тој одговори „atraparte mi polla!“, што тие исто не го разбраа, но во секој случај, откако амбасадорот си замина, и овојпат неакредитиран, тие конечно можеа да пристапат кон телефонско алармирање на преостанатиот дел од државниот врв…
„Погледавте ли добро низ кабинетот?“ – возбудено им викаше по специјалниот телефон премиерот Јасен Розовски – „Мене минатиот пат ме испрепадна, искокнувајќи од зад државното знаме! Се смееше и, онака алергичен на сѐ, истовремено киваше од правот собран во големото полиетиленско државно знаме. Видете сега зад знамето на Унијата; тоа е свилено, а Устијан фала богу ич не е алегичен на свила!“.
Но, Претседателот Устијан Поп-Трајков, кој и самиот имаше обуки во неколку битни земји на Унијата – го немаше дури ни во тој дел од претседателскиот кабинет.
Инспектори и форензички екипи на министерството за внатрешни работи, дела и недела набрзо ја преплавија претседателската зграда: ги испитуваа вработените, гледаа во мапите и ги прегледуваа тајните ходници и пасажи на кабинетот и на целата зграда, фотографираа, пиеја кафе врз кафе, па кога работата се одолговлече, свртеа и на виски, па собираа отисоци и друг матријал (еден инспектор дури собра златен часовник од претседателското биро, ама утредента, по дојавата на надобудната Шварм виде-не виде, го врати на место), и сѐ со цел макар да го осветлат, ако веќе не и да го решат мошне непријатниот случај. Тие како искусни професионалци знаеја дека вакви крупни случаи кај нас не можат да ги решат дури и нашите експертски странци. Или странски експерти, сеедно!
*
„Требаше бе повеќе да внимавате на него. А не да не знате каков е! Цел мандат само проблеми прави!“ – нервозно извика Јасен Розовски откако ја спушти слушалката од специјалниот телефон по разговорот со потпретседателот на комесарот на Унијата, инаку потврден пријател на земјата, почитуваниот Кристијан Вандеркопф.
„Розовски, тоа навистина го рече колегата Вандеркопф, или се работи само за ваш коментар?“ – бирократски пипаво и лепливо праша министерот за надвоешни работи.
Премиерот го пречу злобното прашање. Инаку, тој го беше собрал тесниот владин кабинет токму во претседателската канцеларија на необјаснливо исчезнатиот Устијан Поп-Трајков.
„Тоа сега е најмалку важно“ – смирувачки искоментира министерот за внатрешни работи, дела и недела, кој се сметаше за десна рака на Розовски, обидувајќи се да остави впечаток дека застанува на страната на видно вознемирениот премиер – „Сега треба да го решиме случајот, а прашањето на вина ќе го оставиме за подоцна!“
Совесната Хилдегард Тодевска-Шварм дискретно шмркна покажувајќи искрена, дури и лична загриженост за состојбата, шефот на обезбедувањето Ненад Бламски невино ги собра усните и незаинтересирано погледна преку прозорецот, а шефот на кабинетот Еразмо Филчев немоќно ги рашири рацете, во знак на немо исчудување, и потоа тивко, но сепак чујно, додаде: „Повеќе од ова не беше возможно“.
„Оди кажи им го тоа на оние од Унијата! Еве, веќе почнаа да ми тријат сол на глава!“ – нервозно шетајќи по просторниот претседателски кабинет викаше премиерот Розовски – „Кај најде, бе, сега да ни го приредува ова! И баш сега! Кога сме пред крајот од почетокот на преговорите за влегување во Унијата?!“.
Премиеро Розовски со право беше вознемирен. Тој очекуваше токму наредната недела по којзнае кој пат да отпатува во седишето на Унијата и одново, но овојпат со повеќестрано и прилично сериозно навестен позитивен исход, да ја подотвори етапата на почетното финализирање на преговорите за статусот на земјата кон нејзиното пристаување… итаканатаму… важно, во големиот сојуз на напредните држави на континентот.
„Даааа…“ – со кренати веѓи и карактеристичниот, sordo и монотон глас, со еден вид стратегија на пајак, се надоврза министерот за надворешни работи, инаку член и кандидат на коалициската партија во владата без чии два пратеника Розовски не можеше да обезбеди парламентарно мнозинство – „Ова лесно може да ни го одложи процесот на кој толку напорно работевме… дозволете да кажам: особено јас. Господа, киднапирање на шеф на држава, знаете, онаму, Горе, сигурно е дека ќе го сфатат како израз на недоволни капацитети на една власт…“
„Како, бе, киднапирање?!“ – енергично извика премиерот Розовски сакајќи веднаш да ја скине пајаковата мрежа која околу него и овој пат почна да ја плете министерот за надворешни.
„А да прогласиме воена состојба?“ – конечно успеа да дојде до збор министерот за повеќенационална одбрана.
„Ти затни ја муцката!“ – му се вдаде премиерот Розовски – „…и оди конечно заврши го курсот за вонредни состојби оти ќе ни пропадне грантот од Унијата што го искамчив специјално за тебе!“
Министерот на мултиетничка одбрана на тоа тактично се повлече, не сакајќи додатно да го иритира премиерот кој, сите знаеја, беше негов баџанак, и кој поради таа деликатна семејна релација, и пред се’ поради навалувањата на сопругата и нејзината постара сестра, за мир в куќи на баџанакот му обезбеди од цивилно лице на служба во армијата ангажиран со договор за дело за набавка на вентили, сифони и водоводна галантерија по касарните, да стане министер за одбрана, секогаш гледајќи да му овозможи едукации и специјализации, меѓу другото и за што помалку да го гледа било дома, во владата, а најмалку пред микрофоните кајшто се истакнуваше со изјави на кои прес службата мораше да дава исправки…
„Премиерот е, јас би рекол, во право“ – како и обично, смирувајќи ги возбудените страсти и со блага инклинација кон шефот на владата, како и обично, инсистирајќи на она свое „јас“, изјави неговата десна рака, министерот за внатрешни дела и недела и потоа, обидувајќи се да каже и нешто поодредено, додаде: „Во секој случај, ова е сериозна работа која ние темелно треба да ја испитаме!“
„А од кај, жив ти леба, знаеме дека е киднапирање? Од каде?!“ – не престануваше возбудено да вика Розовски мислејќи на подлата сугестија од sordo министерот кого тој никогаш не го потценуваше, зашто знаеше дека додека си рекол „провизија“, „кекс“ или само „секс“, пајакот можеше на екс да му сплете и опасна домашна, не само меѓународна мрежа – „Може сам си заминал! Се сеќавате ли, бре луѓе, дека лани пред меѓународната средба на воени експерти од регионот, ни ја спрашти со онаа швалерка за која откако се врати, ми бараше директорско место во агенцијата за технички напредок!“ – по што во просторијата се чу зајакнатото цимолкање на доблесната Хилдегард Тодевска-Шварм која и тогаш доживеа прилично голем стрес барајќи го ненадејно исчезнатиот претседател, но и присетувајќи се дека именуваната личност беше нејзина втора братучетка која Претседателот ја запозна при посета на братучетката, дојдена во секретарската канцелари пред кабинетот „на кафе кај роднината“, па испушти уште две брзи воздишки, кога ја долови сликата на насмеано загледаниот Устијан, долгите и убаво обликувани нозе на нејзината братучетка…
„Тогаш, Премере, јас веднаш ви јавив каде се беше упатил Прет…!“ – брзо одреагира шефот на обезбедувањето Ненад Бламски.
„Па, што не јавиш и сега!“ – наврапито го прекина превозбудениот премиер.
Министерот за внатрешни дела му даде строг знак на Бламски да замолчи, а на премиерот благ ишарет да биде внимателен, на што Розовски едвај се совлада и задушен од нервозата која веќе го преплавуваше, клапна на претседателската фотелја ја разлабави краватата и само одмавна со рака.
„Премиере, многу убави ти личи местово!“, се обиде, како и секогаш утнато, да му се додвори баџанакот.
„Да бидеме достоинствени во овие тешки моменти за државата“, дискрено и патетично повика на одмереност бледиот Еразмо Филчев кој добро знаеше дека малку потешки зборови најдобро можат да ја смират општата возбуда…
„Абе ај престани да збориш како да умрел човекот!“ – викна Розовски од претседателската фотелја, мислејќи тука пред сé на министерот за надворешни – „До пред неколку саати жив и здрав…“
„…сега исчезнат во непознат правец!“ – се обиде да направи шега министерот за надворешни – „Патем не ви сугерирам да седнувате на таа фотелја. Сѐ уште е рано за тоа,,,“
„Да“ – се јави дипломатски Еразмо Филчев – „внимавајте Премиере, мислам дека инспекторите пред малку ја премачкуваа со прашок за отисоци!“, на што Јасен Розовски стана и со дланка неколку пати се распраши по задникот, по што се чу некакво придушено и далечно кивање.
„Момент! Ова ми личи на кивањето на претседателот!“, вчудовидено потстана личната секретарка Тодевска-Шварм, најнапред смирена со нема гестикулација од шефот на кабинетот, а потоа и од Министерот за мултинационална одбрана:
„Добро сега… да избегнуваме сентиментални изливи во вакви ситуации!“, рече тој и погледна под око кон Розовски.
„Така е!“, овој пат за чудо му потврди Розовски.
И само што го кажа тоа, дојде нова изјава:
„А, ако се работи за план за несакано самоубиство?“ – се обиде да каже нешто и м-р Ненад Бламски и откако врз него падна презрителниот бесен поглед на премиерот, додаде – „Мислам… малку треба за човек да се штукне од умот“
„Ти да ќутиш! Мене таквите како тебе во Службата ќе ме штукнат од умот“ – одново му се вдаде неговиот инокосен шеф, министерот за внатрешни работи и сл. – „А, колку за твојата одговорност, тоа топрв’ ќе го дикутираме!“
„Абе какво самоубиство!“ – викна премиерот – „Чоекот си нарачал чај, најнормално као и секој ден…“
„Да, ама од мајчина душица!“ – неочекувано се јави Хилдегард во општиот раговор.
„Да, де! Што врска има од која тревка чај пиел !“ – се сецна премиерот.
„Па, затоа што обично Претседателот пие боливач, знаете поради уринарната инфекција која повремно му се јавува…“ – објасни Трајкова-Шварм – „Мајчина душица пие кога е вознемиерен! “
„Ееееее!“ – своето монотоно sordo се јави министерот со еден вид пајакова ономатопеја.
„Што, бе, ’ееее!’?!“ – не додржа Розовски – „Кој нарачува топло чајче ако има намера да се убие?! Кој!“
„Па каде е тогаш човекот?“ – со прашање му возврати министерот, забрзано почнувајќи да каса откако увиде дека Розовски е фатен во општата мрежа – „Белки не испарил како, боже ме прости… мајчина душица!“
„Испарил, испарил!“ – итро му одговори Јасен Розовски – „И не му е прв пат. Каде беше на коференцијата на организацијата за безбедност и соработка кога требаше да ја отвори? Испари! Ти му го читаше говорот, така?!….“
„Јас предложив да го читате Вие“ – одговори министерот продолжувајќи ја својата плетка – „Но со оглед дека говорот беше на англиски, морав да презема јас…“
„А на меѓународниот форум за човекови права? Каде беше тогаш драгиот Устијан? Испари! Кој читаше тогаш? Јас! На отворањето на саемот за информатички мебел? Он испари, на место него читав – јас! На прес конференцијата по неговиот сопствен избор за претседател? Едвај го вратив од испарувањето само да каже два-три збора благодарност; и кој збореше… пак јас! Така ли беше, или не?!“
Во тој момент во просторијата, сосем неочекувано, забрзано чекорејќи се втурна министерот за култура:
„Вистина ли е, колеги драги?! Само што ги дознав непријатните вести. Кажете дека не е вистина! Ве молам кажете ми дека не…“ – ширејќи ги рацете во ôд, егзалтирано на кабинетската сцена настапуваше министерот за култура, до неодамна втор кореограф во националниот балет.
„Ти, бе, што мајка бараш тука?! Кога културата била вклучена во тесен владин кабинет?“ – го пресече среде настапот премиерот Розовски, превидувајќи го последователниот предупредувачки ишарет на својата политички Десна рака, министерот за внатрешни работи и други дела.
„Извинете господине Премиер, но јас не барам никаква мајка, туку мојот вујко. Вие знаете дека претседателот Устијан Поп-Трајков е брат на мајка ми Добрила. Мене живо ме интересира што да ѝ кажам на моја Добрила за исчезнатиот брат. Освен тоа, претседателот на државата требаше да го отвори Саемот на модна култура и јас сега навистина не знам што да правам“ – со полуплачлив тон рече министерот за култура.
„Не знаеш, а?! Е баш сега за тоа зборев!“ – му се внесе Розовски во лицето – „Ако веќе го нема вујко ти, тука сум сѐ уште јас! Јас, бе, ќе го отворам и тој саем!“
„Па, да!“ – не издржа коалицискиот министер и тивко, колку да го чујат само најблиските, монотоно го поткасна премиерот – „Кога веќе не е на англиски!…“
„А ти“ – продолжи Розовски – „подготви ми го текстот и пази да не се повторат оние балетски изрази како на театарскиот фестивал лани, дека во театарот правиме мајсторски пируети, а во културата напредуваме со еленски скокови.“
„А што фали на тие изрази, молам! Па сѐ е тоа музичко-сценска дејност.“ – навредено рече министерот за балетска култура.
„Тоа што не сакам и писателите да ме плукаат како глумците и режисерите после оној музичко-сценски говор!“ – бесно откина Розов.
„Како што милувате!“ – тивко и каприциозно рече министерот за култура и по неуспешниот настап, со неколку чекори изведувани en arrière, се повлече меѓу епизодните учесници во овој колективен настан.
Министерот за внатрешни дела и недела недоветно ги крена веѓите и – во намера да ја да ја премости напрегнатата атмосфера која веќе се закануваше со распад на коалицијата, со нужно паѓање на владата и што е најважно со губењето на неговото министеско место – навидум спокојно праша:
„Издадовте ли соопштение дека Претседателот е на краток одмор и тоа во земјава?“
„Издадовме господине министре! Сѐ е во најдобар ред!“ – застанувајќи во став мирно му изреферира шефот на личното претседателско обезбедување асс. м-р Бламски.
Во најдобар ред, а?! “ – не издржа Јасен Розовски и му се истури на шефот на обезбедувањето – „Ти мене лично ќе ми одговараш што сѐ е во ваков најдобар ред, разбра ли?!“
„Разбирам!“ – војнички строго одговори магистер Бламски, иако за миг му се стемни пред очи, најмногу поради постојаните навреди од премиерот, а во добар дел и поради тоа што утрово остана гладен, па почнаа да му играат навежбаните бицепси, да му се стискаат стомачните мускулни плочки, во лицето му јурна крв и за миг (ама, сепак, само за миг!) ги заборави сите странски кризни обуки и инструкции, и преплавен од поривот да му скокне на Розовски и да го грабне за врат со едната рака, а со другата да го толчи по залижаната тиква, сѐ додека и тој не стане црвен наместо розов; па, за да се смири, силно ги стисна разиграните бицепси, трицепси и глутеуси и длабоко во себе изрече пцост која не е пристојно тука да се спомнува ни како внатрешен текст и интимна мисла.
Сепак, на крајот комплетно се совлада знаејќи дека доколку го изначука премиерот, во ова атмосфера може да ја падне и владата, а со тоа и неговиот договор со деканот на Факултетот за право и безбедност на најновиот приватен универзитет „Нов дом“, најнапред да докторира на проширената тема „Изненадувањето како безбедносен фактор – странски искуства, 2“, а откако би го унапредил син му од курир на кабинетот, во канцелариска служба, Бламски да биде избран, директно за редовен професор на „Нов дом“.
„Соопштението веќе е објавено во средствата за јавно информирање“ – со инстикт на искусен бирократ, тука за среќа се јави Еразмо Филчев користејќи се со старата терминологија зашто, единствено тој немаше поминато обука за висок администратор во странство, туку имаше завршено виша административно-политичка школа во поранешниот систем. Падне ли владата, за него беше сеедно, ќе оди час поскоро во пензија која особено како што течеше мандатот на непредвидливиот Устијан Поп-Трајков, тој сѐ почесто си ја посакуваше. Хилдегард, со која особено по нејзиниот развод со странскиот специјален едукатор Себастијан Шварм, го врзуваше колегијална блискост базирана за опитот дека секогаш е добро да си близок со личниот персонал на претпоставениот, особено на Претседателот, искрено го советуваше да издржи уште извесно време, зашто во кабинетска работа според општа оценка тој е како риба во вода, а неговото искуство му е неопходно и на кабинетот, како впрочем и неговото покровителство, нејзе лично.
„Се извинувам!“ – повторно се јави министерот за надворешни – „А ако, спротивно од соопштението, се испостави дека одморот на Претседателот е… подолг?“
Премиерот Розовски сакаше да му одговори директно дека во тој случај слободно може да му се фати за подолгиот одмор на Претседателот, и дека освен тоа веќе нема да биде министер за надворешни, ни член на владата, туку лево сметало во некоја од агенциите, па ако не му се допаѓа, слободно може да му плукне под барокниот прозор… но! – за љубов на владејачката коалиција и на својата премиерска позиција, рече само: „Во секој случај имаме уште два дена од викендот за расчистување на немилиот случај! Ајде сега, секој по својата работа.“
И со оглед дека веќе беше ручек-време, секој од нив си замина дома, не давајќи да им се расипе претходниот план за петочното попладне и за викендот кој штотуку им почнуваше – како ним, така и на народот на државата со која тие, благодарејќи пред сѐ на странските обуки и остручнувања – како-така, горе-долу и на тоа слично, раководеа.
*
Помина еден месец откако претседателот на државата исчезна во својот кабинет, а сите обиди да се пронајде не само тој, туку каква било трага во врска со неговото исчезнување останаа попусти. Секоја недела шефот на претседателскиот кабинет Еразмо Филчев добиваше задача, и неа педантно ја реализираше, до медиумите да испраќа соопштенија за продолжениот неколкудневен, потоа и целосен годишен одмор на претседателот Устијан Поп-Трајков. Во последното соопштение истата вест беше надополнета и со пропуштената причина за продолжениот одмор: „поради исцрпувачката работа на претседателот на државата“. По катастрофалната посета на премиерот Розовски на седиштето на Унијата, на која одново беше одложен почетокот на крајот од преговорите за идното зачленување во Унијата за што исчезнувањето на Устијан беше земено имено како главен аргумент:
„Што правите со исчезнатиот претседател?“ – само што ја отвори средбата со Јасен Розовски и неговата делегација за крајот на почетокот на преговорите за придружување во Унијата, рече Кристијан Вандеркопф, инаку наш осведочен пријател во високите структури во странство, со топол, доверчин тон.
„Сѐ уште нема ништо. Човекот исчезна како да се стопил со воздухот“ – со ист тон му одговори нашиот премиер.
„Не можете да бидете дури ни идни членови на нашата Унија до колку вака ноншалатно си ги губите претседателите и тоа во текот на процесот“, пријателски му рече Кристијан Вандеркопф, при што наиде на дискретното одобрување на коалицискиот пајак од домашното министерство за надворешни работи кој пак тој процес и го водеше.
„Ние мислевме… да ве замолиме да ни испратите експерти да го испитаат случајот“ – со нелагодност рече Розовски.
„Нови експерти?!“ – ги крена гласот почитуваниот Кристијан Вандеркопф – „Па немаме веќе ресурси да ги плаќаме… Поради бројот на нашите стручњаци кои работат кај вас постои опасност да го пробиеме и предвидениот буџет од ставката „надзор и помош со преткандидатите за идно вклучување во нашиот голем Сојуз.“
„Па сега…“ – пропелтечи премиерот Розовски – „ако откривањето на претседателот Устијан е толку важно, можеме ние да ги платиме вашите експерти, само вие согласете се…“
„Како тоа, дали е важно!“ – спокојно, но енергино отсече нашиот најголем пријател Кристијан Вандеркопф – „Клучно е. Со тоа покажувате цврстина на безбедносниот систем, на страна одговорноста во зачувувањето на непомерливите уставни институции и вредности…“
„Секако, секако!“ – неуверливо рече Розовски кревајќи го погледот во воздух и во обид да покаже како Устијана го појма како уставна вредност – „Мислам дека ќе ни требаат експертски обуки и на тој план. Ние сме спремни да ги платиме…“
„Ќе видам што можам да сторам, имам човек кој добро ја познава ситуацијата кај вас на теренот и е експерт за кризни ситуации “ – рече Кристијан Вандеркопф со пијателски и доверлив тон со кој и досега ги беше освоил симпатиите на нашите делегации – „Вие знаете дека за вас неколку пати сум ја заложил и сопствената политичка кариера, нели?…“
„Ние повоторно ќе умееме да ви возвратиме!“ – дипломатски внимателно одговори пајакот со својот монотон sordo глас.
„Да, нема проблем…“ – веднаш прифати Јасен Розовски – „Ние за тоа уште еднаш ќе ви платиме“ … со што ги предивика презривите погледи на странецот и на – домашниот пајак.
Ете, така заврши таа средба на која ни беше одреден нов рок за почеток на крајот на преговорите… по пронаоѓањето на Претседателот на државата, кој веќе подолго време беше една особена, чисто кабинетски исчезната, уставна вредност.
Еден од тие денови кои власта во републиката ги живееше без својот прв човек и кои, по укажувањето на почитуваниот пријател Кристијан Вандеркопф почнаа да се именуваат уставна криза, што, рака на срце, не се ни чувствуваше во јавниот живот, во кабинетот на премиерот Јасен Розовски се најави популарниот астролог, јасновидец и медиум Коки Лунов. Беше тоа веднаш по враќањето од неуспешните преговори со Унијата, значи во вистински момент, имено токму во време кога Розовски сериозно размислуваше на нацијата да ѝ ја соопшти горчливата вистина дека е останата без претседател, којшто – си го диктираше во себе клучниот дел од соопштението – „дамно е заминал во сѐ уште непознат правец, па сходно на тоа не е познато кога ни дали од таму воопште и ќе се врати“.
Планираше пресврт во кој прво ќе го смени министерот за внатрешни работи што божем му е Десна, а во суштина работите си ги води на своја рака, потоа да го казни Ненад Бламски, тоа говедо со фалц-магистратура обвинувајќи го „за комплетно губење на шефот на државата“ и да го опичи и потресе барем со една условна казна, па да му врати и за најновите озборувања против него, и за стресовите што со небудноста му ги приреди. Потоа замислуваше да ја зацврсти коалицијата со оној пипав ама опасен пајак кому ќе му ја понуди својата позиција во замена за поддршка на неговата кандидатура за иден претседател на републиката, и потоа, на тие основи и комбинаторики и демократски процедури што му изгледаа добро смислени, да ги распише изборите за нов претседател, имајќи се тука предвид, се разбира, себе си како единствен кандидат.
Во тој план астрологот Крсте Лунов совршено се вклопува, со оглед дека може да изработи хороскопи и јасновидства во кои ќе го најави неговото доаѓање за шеф на државата, а пред тоа, во четири очи да му ја претскаже иднината… без оглед што во било таков случај, тоа особено во овие околности, и онака зависи само и единстено од него, од моќниот Јасен Розовски и од специјалните фондови за итни и битни состојби што ги има секоја, а особено оваа сиромашна држава…
Затоа, како ладен туш му дојде исказот на астро-медиумот.
„Ние имаме претседател!“ – викна уште на прагот Лунов влегувајќи наврапито, со развејан маслосан мантил и со широко ококорени очи гледајќи го премиерот, па кревајќи ја притоа раката со прстот вперен кон таванот со позлатени штукатури, додаде: „Претседателот е сѐ уште во својот кабинет! Тој никогаш не го напушти!“
„Ама ти за тоа ли си дојден?“ – не дозволи да се збуни Розоски, веќе опитен во вакви ситуации „Да ми правиш смутови и заебанции, или да ми помогнеш?!“
„Вистината е најголемата помош која можам да ти ја пружам“ – викаше медиумот.
„Добро, ај смири се. Седни малце и напиј се нешто. За што си, за виски, за коњак?“ – рече премиерот.
„Вињак. Ако има вињак, може една чашка“ – рече медиумот седнувајќи и откако го доби пијалокот, сосем ја смири првичната егзалтација.
„Ај сега кажи што имаш, па јас да ти кажам што планирам!“ – без заобиколување му рече премиерот.
„Планот ќе ти се оствари !“ – извика медиумот театрално станувајќи притоа – „Ќе бидеш?….“
„Даааа?“ – се вслуша Розовски – „А што ќе бидам!“
„Ќе бидеш – што ќе бидеш! Еве јасно те гледам на високо место?“
„Колку високо“ – препредено праша премиерот
„Колку Ајфелова кула! Може да одиш за амбасадор во Париз….“
„Ај добро, седи, смири се па да напрајме договор ко луѓе!“ – му рече Розовски вешто криејќи го разочарувањето од исказот на јасновидецот – „Може уште една?“
„Може. Дупла. Добар ти е вињакот – ми ги раздвижи сите визии. Некако не гледам доволно високо… а за тоа сум дојден“ – помирливо рече медиумот.
„Па, јасно човече!“ – одговори Розовски – „Го знам тоа од искуство! Ајде сега кажи што имаш да кажеш. Како знаеш дека Устојан е во кабинетот кога кабинетот е празен?“
„Тоа ли е аргумент?!“ – рече медиумот и го дрмна дуплиот вињак.
„Што сакаш да кажеш?“ – не разбра Розовски.
„Па тоа дека кабинетот беше уште попразен кога Устојан беше стандардно присутен во него!“
„Каков-таков, тогаш немавме уставна криза“ – рече премиерот – „Сега мораме да се извлечеме од неа… Жив ли е Устијан?“
„Ехааа!“ – потврди Лунов – „Жив, здрав и радосен! Си го прави ќеифот, и тоа фино-лепо качен таму…“
„…Пак кај онаа ороспијана ?!“
„Ц-к! “ – одрече на традиционален начин Крсте Лунов – „Качен е на брод!“
„И он избегал, а, мамицата мамина да му ја онадам! Ко и другите сигурно е на море кај комшиите?!“ – несигурно потпраша Розовски.
„Οχι!“ – симпатично одрече Медиумот и ја подаде раката со празната чашка кон премиерот – „Останат е во кабинетот! Ја таму јасно го гледам, ја во неговион кабинет дури можам да го намирисам! “
„Е, нема више пиење!“ – отсече Розовски и ја повлече веќе подаденатa рака со подиспразнетотo шише вињак.
*
Единствено Хилдегард Тодевска остана во просторијата и чистејќи го отечениот нос, погледна во богатата штукатура која го обрабуваше таванот на кабинетот, на некој чуден начин чувствувајќи го присуството на Претседателот. Таа не можеше да прифати дека Устијан Поп-Трајков веќе не е на служба. Духот на Претседателот барем за неа, сѐ уште престојуваше во кабинетот. Во нејзиното чувствување, тој сјаеше како кристалите од големиот полилеј набавен во странство со посредство на нејзиниот поранешен сопруг кој умееше да води љубов брзо и солидно како да наплатува хонорари за консултантки услуги, но исто така и да смени и брак, и место на престој, работа и, евентуално, на живеење.
„Хилди!“ – наеднаш се зачи познат глас.
„Претседателе!“ – извика и потстана Хилдегард.
„Но, тофа сум јаз, туша моја!“ – одново се јави гласот и дури тогаш доблесната Хилдегард Трајкова се врте и на вратата го виде својот екс-сопруг Вили Шварм.
„Што бараш ти тука?!“ – рече со извесен непријатен призвук во гласот сеќавајќи се дека тој, еден дамнешен ден ја напушти без каква било најава, токму како сега Устијан државата. Но таа не беше државата, таа имаше чувства, неколкумесечен заеднички живот со него, потреба за некого да готви, конечно како и секоја здрава жена, таа имаше и свои специфични телесни потреби…
„Така ли пречекува сопствени сопруг, моје траго liebe!“ – не дозволи да се изненади тој – „Осфен тоа, кога зитуационен ќе ви се прафат kompliziert како сега, тука е секогаш твој старo тобрo Вили да помогне!“
„На што мислиш?“ – со професионална дискреција одговори неговата екс-сопруга.
„Мислам на исчеснуфање на ваш прец’дадел Uzdian Von Traykoff“ – весело одговори Вили Шварм и притоа намигна: „Кога него нема, време е за да појави Вили!“
„Те молам, тебе не ти е местото тука!“ – енергично рече Хилдегард и се обиде да го врати преку влезот во претседателскиот кабинет.
„Абa либе моје, мене ми треба само говор на Уздијан во врска сценариото „б“ во случај на фашиот прекин на finalisierte преговори во Унијата.“
„Не доаѓа предвид!“ – строго рече Хилдегард и се обиде да го истурка поранешниот сопруг, но наиде на неговата енергична и цврста прегратка.
„Да беше нашиот претседател тука, ќе видеше ти дали вака ќе се однесуваше!“ – рече Хилдегард пред плач.
„Aber Hildi, Уздијан сам ќе ми дадеше свој ковор…“ – нежно ѝ прошепоти Вили во увото и в миг ѝ ги покрена сите шумови, извици, страсти, пофтежи, пафтежи, желби и дамари… додавајќи во уште еден секси-шепот – „…Јаз давам експерско мислење und korrektur!“
„Апсолутно!“ – нејзе дури ѝ се стори дека го слушна гласот на исчезнатиот шеф на државата.
Во тој момент заѕводи телефонот на Вили Шварм со мелодија од филмот „Казабланка“ на која Хилдегард и тој толку пати водеа брза и ефикасна љубов.
„Ќе кренеш, ли бе, liebe?“ – шепотеше Хилда во неговата прекратка.
„Nein!” – одговори Вили и знаејќи дека Кристијан Вандеркопф веднаш ќе сфати дека е ангажиран со некаква акција и дека секако ќе му се јави подоцна, ја притисна Хилди во прегратката со едната рака, додека со другата цврсто ѝ ја стисна крупната дојка.
„Свири го тоа повторно, Вил!“ – рече занесено Хилдгарад и се препушти на неговите брзи и ефикасни прегратки и стисоци додека новиот повик на Вандеркопф пак ja свиреше слаткaта фраза од „Казабланка“, а кабинетот почна да се шири и да се менува во еден романтичен простор и боите да му бледнеат како на фотошоп, сѐ додека не се претвори во егзотична црно-бела мароканска кафеана, а на Хилдегар во главата ѝ шумолеше од шепотите на Вили, музиката од филмот, шумовите на бранови, фиукањето на медитерански маестрали, плискањето на крвта од нејзините сопствени дамари, и заедно со сета таа папазјанија од слики и звуци, од – иако е непристојно така да се каже – мераклиските извици на Устијан: „Напред, Вили! Удри, брат!“…
*
И откако кабинетскиот перформанс Казабланка заврши, единствен со среќен крај во оваа, така да се каже, вонуставна приказна, а Вили си ја местеше кошулата а Хилди бујната и обезредена коса, во кабинетот ненајавени влегоа премиерот Розовски и медиумот Крсте Лунов кој со испружени раце и со вџашен поглед, почна да вика:
„Тука е. Го чувствувам неговото присуство! Просто можам да го намирисам!“
„И јас, страшно мириса на прчојна!“ – возбудено се надодаде и премиерот – „Ама каде е, каде е Претседателот?“
„Не знам, не знам“ – го надвикуваше астрологот и чудотворниот медиум – „Само чувствувам само дека е тука.“
„Entschuldigung“ – спокојно рече Вили Шварм кон премиерот – „Јаз знам каде е господинот претзедател Уздијан!“
„Каде?!“ – се свртеа премиерот и медиумот едновремено.
„Ова е мој конзултантес-прајс и зметка во Unionbankgeselshaft.“ – Вили Шварм му подаде една картичка со величина на визитка – „Примате ОК, хер Канцлер Рософски?“
„Розовски“ – го исправи Хилдегард, така да се каже, на кирилица и со точна акцентуација, на третиот слог одзади.
„ОК, ОК, прифаќам!!!“ – ја чапна картичката и возбудено повтори Розовски исто така на нашето национално писмо – „Сега кажете каде е претседателот Устијан!“
Вили Шварм се сврте кон големото претседателско биро и раширувајќи ги прстите од дланката, слично на илузионист вртеше со десната дланка, а потоа ја нурна меѓу бројните предмети и од таму извади едно мало шише со минијатурна галија во него.
„Ете Уздијан!“
„Ај не се заебавај!“ – се замати Јасен во погледот – „Ова не е приказна за Аладин, туку за мојот шеф на државата!“
„Aber, ja! Погледајте внимателно“ – рече Вили со ведар и смирувачки тон, со кој уште еднаш го освои заблудениот, вљубен поглед на својата поранешна сопруга, и му го доближи шишето на премиерот.
Во шишето, на палубата од галијата, облечен во бели куси панталони и во морнарска маица во сини риги, радосно мавташе Устијан Поп-Трајков и гушкајќи ја втората братучетка на Хилдегард која радосно ѝ мавна на роднината, додека Устијан му довикуваше на Розовски:
„Тука сум бе, Куртооо! И немам намера да се враќам. Шетаме со друштвово – од кабинетов до Корзика и Сицијалија, па до Малта и до Казабланка и назад… и си уживаме! Овде ти е – една милина! Ти таму распишувај избори, преземи го кабинетов, само не ми го пипај шишево, зашто тогаш ќе морам да ви се вратам! Вака нема никому да пречам! А немам веќе ни алергии. Кај ќе имаш алергија вака бебедно пикнат во внатрешноста на шише. Ја сум ви внатрешно исчезнато лице. Накусо, јас сум ти еден среќен човек.
А и ти си. Дури ќе можеш за нешто и да се консултираш со мене. И фала богу што дојде Вили, за конечно да ме пронајде! Значи, Вили, другарче, јави му на Вандеркопф дека поднесувам неотповиклива оставка, ете, од здравствени причини, оти подобра причина од оваа – здравје! Мене сега ме интересира само ова, крузингов на галија, а на кормилото на државата зад себе го оставам овде присутниов Јасен Розовски. Ваков-таков, подобар од него нема да најдете. А може и оној пајак од министер, иако тој е порасипан од Јасена. Вие конечно ќе си видите кого ќе наместите на моето место. А на Вандеркопфа порачај му, ако сака да си го намали стресот, ама и кариерните очекувања, го чекам на бродов и него; иако знам дека тој сѐ уште има крупни амбиции…“
„…и свој јахт во Lübeck, на наши северно ефропски море!“ – дообјасни Вили, им мавна на присутните и тргна кон излезот, пред сѐ за да го извести својот шеф за успешно завршената мисија.
„Вили, ќе се вратиш ли бе, liebe?“ – тажно, со придушен очајнички извик, но сепак достоинствено, по него рече Хилегард Трајковска-Шварм.
На што тој се сврте, го крена палецот во воздух во знак на позитивно настроение и оптимистички одговор.
„Сфекако Хилди!“ – додаде Вили Шварм – „Само не снам точно кога! Тука сум, кога повторно ќе ви притребам. Мислам дека се гледаме скоро, за ваши нови избори. Auf Wiedersehen, liebe Hildi! “
Во просторијата завладеа молк кој, за да не дозволи пак да се наруши, сега во суштина поволната атмосфера, продуктивно го прекина астрологот Лунов:
„Во тој случај не би било лошо да се напиеме нешто“ – и му се обрати на домаќинот во шишето – „Гос’н Поп-Трајков, извињавајте, да не ви се наоѓа некое вињаче во барчево ?“
„Се наоѓа, бе брат, како не! Овде сѐ има. Ние на крстарењево, моментално си м’скаме румче. После, ќе свртиме на италијанско винце. Вие таму слободно пијте, грицкајте, лапајте све што таму ви се наоѓа!“ – викна Устијан од своето шише повторно вратено на бирото во претседателскиот кабинет – „И не забравајте: од овде, ја стално ќе бидам со вас!“
Расказот е дел од наградената книга
ПараδΩξicoN / Парадоксикон (ВиГ Зеница, Скопје, 2020)