Три бронзени медали за македонските средношколци на Олимпијадата по информатика во Сингапур.  Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2020) во Сингапур годинава се одржува по 32-ри пат, овој месец од  13 до  23, во облик на онлајн натпревар.

Годинава на Олимпијадата учествуваат вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Официјално настанот се одржи во Сингапур во организација на Националниот универзитет на Сингапур. Во квалификациите за овие натпревари секоја година учествуваат над 400 000 натпреварувачи.

 

Македонија на ИОИ 2020 ја претставуваат четворица средношколци водени од двајца професори. И тоа  натпреварувачите Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шекеров и Тео Китановски. Водени од лидерите м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои три бронзени медали.

 Македонските ученици -вистински амбасадори

Бронзените медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп; Андреј Шеќеров од Скопје; и Андреј Величковски од Куманово.

-Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех покажува дека со несебичното повеќегодишно волонтерско ангажирање на неколкумина професори од Здружението, можно е да се постигнуваат врвни резултати на интернационално ниво. И наместо да сме рангирани некаде кон крајот на одредени листи, можеме да сме далеку повисоко, вели Миле Јованов, претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина. А исто така и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ. Досега македонските натпреварувачи имат освоено два сребрени и 21 бронзен медал. Неодамна и јуниорите освоија бронзен медал на Европската олимпијада по информатика.

За Олимпијадата

Меѓународната олимпијада по информатика (ИОИ 2020) е најпрестижниот натпревар по компјутерски науки за основци и средношколци низ целиот свет. Натпреварот е еден од петте меѓународни научни олимпијади што се одржуваат годишно. Годинава на IOI 2020 домаќин е Факултетот за компјутерски науки на Националниот универзитет во Сингапур (НУС). Натпреварот е реализиран под покровителство на компанијата Acer и поддржан од Министерството за образование на Сингапур и Бирото за изложби и конвенции во Сингапур (SECB).

Leave a Comment