„Фолксваген“ ќе гради шест фабрики за автомобилски батерии во Европа. Германскиот концерн има намера новите фабрики за производство на батерии за електрични автомобили да ги заврши до 2030 година. „Фолксваген“ се одлучи на овој чекор со надеж дека ќе се намали цената  на електричните автомобили, а и дека ќе се реши  проблемот со недоволна количина батерии на пазарот. Едноставно, германскиот концерн „Фолксваген“ има амбициозни планови со електронските возила. Одредени аналитичари во авто индустријата ваквата постапка на „Фолксваген“ ја оценуваат како следење на „Тесла“.

„Фолксваген“ ќе гради шест фабрики за автомобилски батерии во Европа

Европска мрежа на станици за брзо полнење на батериите

Паралелно со тоа се планира и создавање на европска мрежа на станици за брзо полнење на батериите на возилата. Со помош на сопствената мрежа на фабрики кои произведуваат батерии, германскиот концерн сака да се вклучи во популаризација на електронските возила.

Со поголема понуда, цените на ваквите автомобили треба да паднат. На тој начин најголемиот европски производител директно го напаѓа американскиот ривал „Тесла“.

Како што беше потврдено од „Фолксваген“ во понеделникот, тој концерн со седиште во Волфсбург ќе соработува со компании како „Нортволт“ од Шведска. Партнерите веќе започнаа со изградба на првата фабрика во Салцгитер, Германија. Втората ќе биде во градот Скелефтеа на северот на Шведска. До 2030 година производството треба да започне на уште четири локации.

Шефот на работничкиот совет на „Фолксваген“, Бернд Остерлох и премиерот на покраината Долна Саксонија, Стефан Вајл (двајцата членови на Надзорниот одбор на „Фолксваген“) сакаат  да се гради и друга дополнителна фабрика на територијата на Сојузна Република Германија.

Јасна стратегија

Стратегијата на Фолксваген е јасна: да се решат неколку проблеми со еден потег – пред сè, стабилно снабдување на долг рок. Слично на бизнисот со производство на чипови, на светскиот пазар има проблеми со набавка на делови. А, европската автомобилска индустрија во голема мера зависи од азиските партнери.

Друг аспект што игра важна улога во пресметките на „Фолксваген“ е обемот на производството. Со неговото зголемување, трошоците за самопроизводство треба да се намалат. А намалувањето на трошоците за производство на батерии ќе му овозможи на германскиот концерн да понуди е-автомобили по пониски цени од сегашните.

Оваа стратегија може да се толкува како фронтален напад на „Тесла“. Шефот на американската компанија Илон Маск најави дека новата фабрика „Тесла“ покрај Берлин треба истовремено да стане најголемата фабрика за батерии во светот за електронски автомобили.

Американците исто така најавија дека во иднина сакаат да им понудат на клиентите повеќе модели во сегментот на средната и компактната класа – а тоа се токму сегментите во кои доминира „Фолксваген“.

Шест „гига-фабрики“

Според сегашните планови, во шесте „гига-фабрики“ на „Фолксваген“ до 2030 година може да се произведат батерии со вкупна енергетска вредност од 240 гигават-часови годишно. Тоа би било просечно 40 гигават-часови по фабрика. Според премиерот на Долна Саксонија Вајл, добра локација „за барем една фабрика на Фолксваген, би бил брегот на Долна Саксонија“.

При тоа првенствено смета на енергијата од ветерот, бидејќи производството на батерии треба да се одвива со помош на еколошка енергија, со минимални емисии на јаглерод диоксид. Според планот, батериите во најголем дел ќе се рециклираат. Поради што Зелената партија ги поздравува намерите на „Фолксваген“.

Покрај тоа, концернот објави дека, во соработка со енергетските концерни „ БП / Арал“ од Велика Британија и Германија, односно „Ибедрол“ од Шпанија и „Енел“ од Италија, планира значително проширување на мрежата на „станици за полнење“ за електрични автомобили во Европа.

 

-До 2025 година треба да инсталираме околу 18 000 пунктови за брзо полнење на батериите. Полнењето на батеријата треба да биде едноставно како полнење гориво“, најави шефот на концернот „Фолксваген“, Херберт Дис.

Според плановите на германската компанија, со заедничката иницијатива до 2025 година треба да биде покриена приближно една третина од потребите на пазарот на јавно достапни „бензински пумпи“ во Европа.

Програма за заштеда

Пред објавувањето на плановите за проширување во областа на електро-мобилноста, раководството на „Фолксваген“ постигнало договор со Работничкиот совет за концепт за намалување на бројот на вработени. Според весникот „Ханделсблат“ кој се повикува на извори од концернот, станува збор за околу 5 000 работни места.

„Фолксваген“ нема да започне масовно да дели откази.  Напротив бројот на работници ќе се намали во согласност со социјалниот план и заштитата на постоењето на работниците. Ова значи дека „Фолксваген“ ќе им понуди на своите работници, на пример, предвремено пензионирање под повластени услови. А, и некои други концепти договорени во договор со претставниците на работниците.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.