Програмата на Националната установа Стоби за 2021 година опфаќа 17 проекти, од кои: 11 директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и на недвижното културно наследство; три проекти од музејската дејност и заштитата на нематеријално културно наследство; еден проект во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот; еден проект во областа на инвестициското и тековно одржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата; еден проект од меѓународната дејност.

Сите тие ќе бидат финансирани од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2021 година во вредност од 10 милиони 6 илјади и 700 денари.

Оваа година се предвидени повеќе активности, меѓу кои и: археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и на гробницата на јужниот брод на Епископската базилика; заштитни истражувања во Теодосијанската палата – Просторија 2 со цел презентација на мозаикот од истата просторија (враќање на веќе конзервираниот мозаик на малтерна подлога); изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и презентација на античката синагога од Стоби; доистражување и конзервација на римскиот мозаик од источната страна на внатрешниот бедем на Стоби; конзервација и реставрација на сегмент од јужниот градски бедем и римската порта во Стоби и друго.

– И покрај моменталната кризна состојба во нашата земја, ние сме задоволни од поддршката што ни ја дава Министерството за култура и ни овозможува да продолжиме со истражувањата и конзервацијата на културното наследство со кое располага археолошкиот локалитет Стоби – вели директорот на оваа национална установа, Спасе Перовски.

Тој потсетува дека во изминатата, 2020 година вкупно 15 проекти на НУ Стоби биле прифатени од страна на Министерството за култура и вметнати во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2020 година. Од овие 15 проекти, 4 проекти беа одложени поради кризната состојба настаната поради коронавирусот (КОВИД-19), и тоа 2 проекта од нивна страна, а другите 2 од страна на Министерството за култура.

Mинатата година беа одложени меѓународните летни школи во Стоби.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.