2,5 милиони евра кредит за Комерцијална банка од ЕБОР и ЕУ за поттикнување на конкурентноста на малите бизниси. Комерцијална банка АД Скопје доби кредит од 2,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за кредитирање на мали и средни претпријатија со цел поттикнување на нивната конкурентност.

Финансиската поддршка е наменета за инвестиции во надградба на производни капацитети и усогласување со Директивите на ЕУ во областа на заштита на животната средина, безбедноста на работниците и квалитет и безбедност на производите. Уште една поволност на кредитите е што овозможуваат грант од 15 проценти од вредноста на вкупната сума на кредитот, при што повратот на вложените средства се врши по успешно завршување на проектот.

Освен кредити, за малите и средните бизниси се предвидени и персонализирана техничка помош и поддршка на ресурсите од услугите да-се-знае-како. Техничката помош и грантовите се финансирани преку ЕУ Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата (European Union Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility – WB EDIF). Зголемувањето на конкурентноста ќе ги подобри можностите на компаниите на локалните пазари и на меѓународно ниво. Истовремено, клиентите ќе имаат корист од подобрениот квалитет на производите и поголемиот избор.

„Ни претставува големо задоволство што ја обновуваме соработката со Комерцијална банка АД Скопје, нашиот долгорочен партнер од доверба, сѐ со цел локалната економија да има придобивки. Оваа програма им нуди на локалните МСП поддршка во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравство и безбедност и квалитет на производот. Новото финансирање значително ќе го олесни пристапот до многу потребното финансирање на малите бизниси, кои се клуч за економско заздравување во овие времиња на предизвици, правејќи ги бизнисите поконкурентни и отпорни, овозможувајќи им подобро интегрирање во регионалните и европските ланци на вредности”, изјави Анди Аранитаси, претставник за ЕБОР за Северна Македонија.

Кредити со уникатни поволни услови и грант компонента

Според Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, секторот на МСП како целина е мошне важен за економијата на нашата земја.

„Ни претставува задоволство што во овој период на предизвици заради Ковид-19 имаме можност во партнерство со ЕБОР и ЕУ да им обезбедиме на малите и средните претпријатија дополнителна поддршка преку новиот кредит, кој има уникатни поволни услови и грант компонента. Веруваме дека овој кредит ќе пружи корисна поддршка за прифаќање на новите трендови и технологии и ќе креира нови работни места”, изјави Стевкова Штериева.

Амбасадорот Гир, претставник на ЕУ Делегацијата, истакна дека малите и средните претпријатија се поддршката на секоја економија и се критични за иновацијата, конкурентноста и креирањето работни места. „Европската Унија ќе продолжи да обезбедува поддршка на овој сектор во Северна Македонија преку Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата, со цел да помогне во забрзувањето на економското обновување, подготовката за зелена и дигитална транзиција и целосно учество на МСП на единствениот пазар на ЕУ по пристапување во него. Особено сакаме да ги охрабриме партнерите од Западен Балкан 6 да ги искористат можностите на заедничкиот регионален пазар и да работат кон неговите цели”, изјави Гир.

Ова е втор кредит од ЕБОР за Комерцијална банка за финансиска поддршка на мали и средни претпријатија. Во 2018 година, на Банката ѝ беше одобрен кредит од пет милиони евра од ЕБОР Програмата за Западен Балкан за поддршка на конкурентноста на МСП, програма поддржана од средства од ЕУ.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над две милијарди евра во повеќе од 140 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.