Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар на „ВЕДА“- имиџ производ на државата?Иновативниот производ за брзо гасење на пожар доаѓа како имиџ производ на државата, затоа би сакал да се произведува овде во Македонија, вели иноваторот и сопственик на претпријатието за дизајн и производство ВЕДА, Борис Јанковски.

Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар на „ВЕДА“-имиџ производ на државата?- Инаку, целиот асортиман во компанијата, сите машини се наша конструкција, сами ги склопивме потребните елементи, а технологијата е наш изум и креација.

 На пример имиџ производ на Лихтенштајн се хилти и клинци, на САД, пилињата, а ние конструиравме еколошки аеросолен систем за елиминирање на пожарот, преку кој можеме да бидеме препознатливи. Ние сме единствени во светот што имаме современ, автоматизиран, нетоксичен систем за спречување на ширење на пожарот. Ја постигнавме суштината, да го спречите, а не да го гасите пожарот, вели Јанкоски во разговор за Анторис магазин.

„Веда“ на македонскиот пазар постои од 1991 година и се занимава со истражување на нови технологии, кои досега се пласирани на различни пазари низ светот. Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар е првата нивна иновација која планираат и би сакале да се произведува и да се продава од Македонија. Поради светските регулативи за исфрлање на халонот и ф-гасовите како средства за гасење на пожари се очекува дека во блиска иднина аеросолните системи за гаснење ќе преовладуваат како решенија во системите во борба против пожарите, што на овој продукт му отвора широки перспективи на светскиот пазар.

 

Со аеросолниот систем -времето за гасење пожар помалку од една секунда

Креаторот на иновацијата за читателите на Анторис подетално објаснува за каков иновативен противпожарен систем станува збор.

-Значи нашиот аеросолен систем не е систем за гасење туку за спречување на ширење на пожар во затворен простор, во којшто не учествува човек. Зборуваме за сосема нов систем, врз база на технологија на сензори, инсталиран на одредени места во затворено (градби или во уреди) што сам се активира и веднаш делува на сите причинители на пожар, односно при избивање на потенцијални пожари.

Со принципот на самоактивирање се спречува и ослободување на гасови, експлозија, зафаќање на електричниот систем. “ Вака Јанковски го опишува својот иновативен производ, продолжувајќи со акцентирање на позитивните карактеристики: „Зборуваме за сув систем што нема вода. На пример, штетата на Нотердамската палата во Париз е поголема од гасењето отколку од пожарот. Нашиот уред може да се постави на секое место каде постои ризик од пожар на затворено, вклучувајќи и автомобили и други возни средства. Практично, доколку настане пожар во автомобил, во којшто има вградено аеросолен систем, возачот не треба да излезе од колата. Од автомобилот (под хаубата) излегува само пареа, дим кој не е токсичен. Всушност, ние според светски стандарди докажавме дека сме први во свет што имаме нетоксична супстанца, да не речам единствени.

Доказ за тоа е нашиот, Сертификат за нетоксичност на супстанцијата која се шири при неутрализирање на пожарот. За таа цел спроведовме експеримент (под посебни протоколи на 64 стаорци) во соработка со Институтот за биологија на природно математички факултет  и Ветеринарниот Факултет во Скопје, по што следеше и атестот,“ раскажува Јанковски.

Инаку,  времето за гасење  на пожарот со овој иновативен систем е објективно помалку од една секунда.  Од моментот на иницирање, препознавање, активирање, гасење, се се случува за една десетина од секундата. (Зборуваме за специјални случаи). Објективно за 100 мили секунди настанува гасење на пожарот.

ВЕДА, веќе има порачка за заштита на компјутерски сервери за што Јанковски вели дека е потребен покомплексен пристап.

Технологијата за производство на ракетно гориво и на системот за гасење е идентичен

Производот е креиран во лабораторијата на ВЕДА (која Јанковски милува да ја нарече „ забавиште за возрасни луѓе“) од идеја до реализација преку, контрола на квалитет до финален производ.

-Практично со истите знаења, кои се базираат на технологијата за производство на ракетно гориво дојдовме до заклучок дека можеме да направиме систем за гасење пожар. Значи технологијата за производство на ракетно гориво и за производство на систем за гасење е идентичен, речиси и по компонентите. (Опозит едното на другото).

Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар на „ВЕДА“-имиџ производ на државата?

Всушност не станува збор само за противпожарните уреди, туку за цел сет на електроника со сензор. Системот за гаснење пожар се состои од супстанција во цврста состојба, сместена во каросерија од 100 процентен алуминиум што може да се рециклира. За да се постигне брза реакција, технологијата на ВЕДА е програмирана со помош на вештачка интелигенција којашто може ефикасно да ги открие најраните форми на појава на пожар, да ја пресметува секоја постапка-да донесе одлука дали да исклучи струја, вентилатори или други критични и запаливи продукти. „Значи ние нема да гаснеме рафинерија, но ќе ги заштитиме сите мотори, вентили кои се погодни за појава на пожар, “ објаснува Јанковски.

Уредот и другата компонента- сензорот со логистика којшто го управува, има улога да препознае дали е пожар или е лажно светло. Всушност, ракетната техника влегува во основата на разни системи во нашето секојдневие, вели Јанковски, иако не ја препознаваме. Добар пример за тоа се системите каде се користи ЕРБЕГ системот како во перничињата во автомобилите.

Каде се инсталираат аеросолните системи?

Јанковски објаснува дека безконтактниот систем треба да се инсталира секаде каде има потреба од заштита од пожар, а каде до сега не постоел. Покрај во станбени и институционални единици, фабрики, ресторани, болници, училишта, градинки, игротеки противпожарниот систем треба да се инсталира и кај генератори за струја, компресор за воздух, градежни машини, виљушкари, воени возила. Особено кај механички системи за вентилација, кои се едни од најкритичните поради брзото насочено ширење на отровниот гас што се ослободува при пожар. И како што вели нашиот соговорник: Со аеросолниот систем, тоа се решава едноставно  –  со само една „пилула“ во вентилациониот канал.

-Сега работиме на надградба на системот. Развивме електронски уред за логистика на системот со којшто се управува. Ако во еден објект, куќа го вградиме овој уред  на сите критични места, доколку дојде до состојба за пожар,  тој ќе може да ја исклучи струјата, да ја извести пожарната, сопственикот на објектот. Практично тоа би биле карактеристики на идниот производ.

Јанковски е горд на тоа што по неколку производи креирани во ВЕДА се единствени во светот.

Прво со нетоксичниот гас од аеросолниот систем: „Направивме симулација и го докажавме тоа, како што веќе објаснив“.

Потоа, целиот концепт се заснова на модуларни уреди. Тие се скриени, доволно естетски. Потоа, имам намера да вградиме генератори за негативни јони. Тоа е најдобра заштита од било какви бактерии, вируси и други штетни супстанци – Уред со апликација за мониторинг на здравата средина.

 

За постигнувања во областа за млазна пропулзија во ракетните достигнувања, односно  како ракетна техника се користи во противпожарниот систем, систем за нотификација и уреди, системот за спасување на подморници или вадење на тешки терети од море,  Јанковски заедно со друг колега има објавен труд од 36 страници- во Алманах на Springer –Сеопфатно истражување на енергетски материјали.

 

Аеросолниот систем -решение и за електричните автомобили

Нашиот соговорник користејќи го своето искуство смета дека има решение за примена на аеросолниот систем во заштита на електрични возила.

-Работиме на идејата да го решиме проблемот на гаснење на пожарот во батериите, но гасење од внатре. Ние не го гасиме автомобилот, туку пожарот во батериите пред да излезе од автомобилот. На тоа ме поттикнаа и честите примери со горење на тротинети, што може да предизвика големи последици околу себе во зависност од тоа каде се наоѓа. Процесот на пожар е ланчана реакција. Поентата е да се реагира да не излезе од контрола. За гаснење на пожар за една кола потребни се 11 тони вода и може да тлее 20 часа и пак да се обнови. Аеросолниот систем делува секундарно.

Аеросолниот систем е проект на иднина и ќе го има во секој автомобил – пожарот ќе се гаси од внатре, без да излезе од касетата.

Ќе се произведува ли овој производ во македонска фабрика?

Како сега стојат работите,  Јанковски вели дека се уште нема озбилно заинтересиран клиент, партнер што би финансирал во производство на аеросолниот систем – фабрика, производство , хомологација.

Опремата на ВЕДА е дизајнирана, составена и произведена според сопствена документација и користи компјутеризиран систем за управување со технолошките процеси со софтвер исто така развиен од самата компанија.

Инаку, според физибилити студијата за старт на производство на аеросолниот систем иноваторот пресметал дека се потребни околу седум до 10 милиони евра: објект, машини, обука, хомологација и секако маркетинг.

-Јас не успеав да создадам таков тим.  Кај нас нема соговорник за технологија, за да се постават проблемите во производството. Прво поради тоа што имаме страшна ерозија на квалитетен технички кадар. Второ, состојбата е уште покомплексна, затоа што ние го изгубивме меѓугенерацискиот трансфер на знаење меѓу луѓето.

Според Јанковски  аеросолниот систем е доходовен производ. На пример, ако за заштита на електрични возила се понуди по два долара од парче приходот е 10-милионски. Добивката од производство на аеросолниот систем е многу поголема ако се земат во предвид на пример вредностите на батериите за некои марки. „ На пример, една батерија од Мерцедес се движи околу 17 000 евра. Во ваков случај, нашиот систем би можел да се понуди по 500 евра, во спротивно би изгледало како непристојна цена.“ Врз основа на вакви анализи може да се долови и оцени профитабилноста од воспотавување на производство на аеросолниот систем.

ВЕДА- технологија и знаење

„ВЕДА“ е развојно биро кое се базира на технологија и знаења, или како што вели Јанкоски:  моето хоби од детството преку образованието со завршување на машинскиот ф-к во Белград го претворив во професија. Јас отсекогаш сум се занимавал со примена на ракетна техника во мирнодопски цели. Ракетната техника е штетна. Меѓутоа,  нејзиниот развој генерира просперитет. Индиректно во комуникации, материјали со високи карактеристики.

Приказната за иновативниот пристап кон технолошките новини започнува уште во студентските денови, раскажува Јанковски. – На факултетот најдов истомисленици со кои подоцна формиравме една група, тим – за ракетни истражувања околу воздухопловните технологии во ерата кога започна појавата на сателитите. Но, тоа е една технологија што не може да се купи бидејќи е врзана со воени технологии, а нас не интересираше леталото како техничко решение. Правевме сондажни ракети- тоа значи вградувавме инструменти, меревме температури, брзини. Што мора да признаам дека во тоа време беше навистина тешко, бидејќи немаше дигитална техника. Од тогаш се договоривме кој прв ке дојде до соодветни услови да направиме нешто по наше видување.

Со тимот со којшто соработував отворивме фирма во Малта, 90 –те години по предлог на Либијците. Тие ни дадоа голема работа, а тогаш кај нас немаше банкарски систем, немаше каде да се отвори банкарска гаранција. Јас од тогаш за 30 години немам ниту една фактура во Македонија. Фирмата  „Мак интернешенел“- беше отворена заради тимот. И мора да признаам дека тимот… моите колеги и денес се најдобри во Србија.

-Јас овде во нашата држава продолжив како проектантска организација продавајќи ги идеите како nou-hau.  И покрај моите бројни иницијативи, не успеав да постигнам заинтересираност од страна на државата за иновациите, вели Јанковски.

–Борис Јанковски е еден од иницијаторите и градителите на фабриката за противградни ракети „Макпетрол- Теас темко“- Систем во кој се развија четири производни единици: композитни материјали, радиостаници, специјални виљушкари и ракетни горива за ракети, како комплетен систем за оружје. Станавме одличен субјект и кога го постигнавме максимумот се растури државата.

„Досега со нашата електроника и технологија опремивме 11 фабрики. Последната фабрика што ја направивме е на LG. Тие ја купија нашата технологија. А познато е дека тие ги прават црните кутии на авионите врз база на што се развија видеорекордерите, плеерите, а нивни производ е и џи пи ес.

Производство на биодизел од семе од тутун

Нашиот соговорник открива дека „ВЕДА“ располага и со технологија за производство на биодизел од семе од тутун, коешто е тестирано во млазен мотор. Овој доходовен интересен проект за биодизел од семе од тутун, тие го осмислиле и креирале уште во 2008 година. ( Кога говориме за значењето на оваа суровина- Боинг 2014 година отвори проект со Јужноафриканската унија од Холандија, компанија за производство на биодизел од семе од тутун). Семето од тутунот инаку не се користи, но за жал – 14 години не може да го подигнеме овој доходовен проект, -вели Јанковски.

-Институт за тутун е најголем  противник  на нашиот проект. Инаку доколку се стави во функција проектот,  Македонија со искористување на само 15 проценти од расположливото земјоделско земјиште би имала 100 000 вработувања и 2,5 милијарди бруто производ. Но, најголем проблем е немање конструктивна поддршка, иако политичарите дадоа вербална поддршка.

ВЕДА располага со сопствена лабораторија за истражување и развој, технолошка линија со полуиндустриски производствен капацитет, како и специјално дизајнирана опрема со високо ниво на флексибилност што овозможува брзо прилагодување на идните финални производи и можност за брзи промени во параметрите.

Нашата лабораторија има цела линија за биодизел. Но во овој проект суштината не е во биодизелот, туку во ќоспето. Биодизелот е 25 отсто од семето, а 75 проценти е ќоспе.  Ќоспето има енергетска вредност од 4.590 килокалории. Килограм и 100 грама ќоспе е еквивалентно на еден килограм пилешко месо.

Кај нас на нивите семето не се користи. Тоа значи дека нива од еден хектар е еквивалентна на три тони пилешко месо. Значи, исто како тоа месо да го фрламе да изгние. Ако семето се собере и се стави во производство ќе се користи во технолошки процеси. На пример, ќоспето по цена е поскапо од биодизелот. Од него се добива повеќе пари. На пример „Макпетрол“ направи фабрика за биодизел, но има проблеми со суровини. А, семе  во Македонија има. Се обработуваат до 30 хектари со тутун што е доволно да работи фабриката. Дополнително ќе работи и маслодајната која ќе прави екстракти и ќе има суровина за храна за пилиња. А, сега Македонија дава најмалку 300 милиони за увоз на пилешко месо, иако ние буквално имаме суровина со што да ги храниме пилињата. Имајќи ги во предвид бенефитите од реализација на мојот проект, ние велиме дека сме за зголемување на овие површини за неконвенционално искористување. Но се уште не успеавме да се убедиме.

Инаку од тутун се добива екстракција на К2 и Q 10 – се екстрахира еден корисен, здрав и скап протеин што се користи како храна за космонаутите…

– Електрониката, системот за гасење како производ (ЦЕО- сензор) е големо по производство, а 10 пати помало по простор.

Наместо порака, Јанковски вели: „Ние како држава сме колку едно одделение за развој на корејската компанија LG. Тие имаат 2500 вработени и  четири милијарди БДП, а ние како држава имаме исто толку. Затоа јас во една прилика на тогашниот премиер му реков дека го гледам како директор на не многу голема фирма. Додека, министрите како директори на одделенија, кои би требало повеќе да се заинтересираат иновативните производи да ги преточат во крајни производи како бренд на државата.“  

М.Балдазарска

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.