Долгоочекуваната едиција на детективско-криминалистички дела на Агата Кристи е објавена на македонски јазик. Неодамна излегоа од печат следниве шест наслови од оваа авторка:

„Мистериозниот случај во Стајлс“
„Убиството на Роџер Акројд“
„Лорд Еџвер е мртов“,
„Убиство во Ориент експрес“
„Смрт на Нил“
„Зло под сонцето“.

Книгите можат да се купат поединечно, а наскоро и како сет од 6 наслови.

Агата Кристи е една од најпознатите авторки на криминалистички романи и воедно креаторка на еден од најпроникливите детективи на сите времиња, Херкул Поаро. Во нејзината 56-годишна кариера Кристи има создадено и над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели.

Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња.

Таа е креатор на едни од најпознатите ликови во крими-литературата, Херкул Поаро и госпоѓицата Џејн Марпл. Воедно е и најпродавана авторка на сите времиња со повеќе од 70 крими-книги и збирки раскази, драми и шест новели што ги има пишувано под псевдоним и се во жанрот романса.

„Мистериозниот случај на Стајлс“ е објавен во 1920 година и е првиот роман каде се сретнува ликот на Херкул Поаро. Дејството се одвива во Англија за време на Првата светска војна на имотот „Стајлс Корт“, каде што живеат повеќе членови од семејството на Емили Инглторп. Едно утро Емили ја наоѓаат мртва, со голема веројатност дека била отруена, што само по себе веднаш станува мистерија.

Со романот „Убиството на Роџер Акројд“ кој излегол во 1926 година, Агата Кристи стекнува голема популарност и поширока читателска публика. Кога вдовицата госпоѓа Ферарс си го одзема животот, а богатиот индустријалец Роџер Акројд следниот ден го наоѓаат убиен во неговата работна соба, во малото англиско село Кингс Абот се јавуваат уште повеќе озборувања од вообичаеното.

„Лорд Еџвер е мртов“ претставува една од најинтересните криминалистички сложувалки на Агата Кристи со уште погенијален расплет. Случајот со смртта на ексцентричниот лорд Еџвер е еден од најнеобичните што прочуениот белгиски детектив Херкул Поаро мора да го реши.

Едно од најпознатите дела на Кристи е „Убиство во Ориент Експрес“ кое има добиено многу филмувани верзии, меѓу кои последната е достапна на „Ејч-би-о“, а познатиот актер Кенет Брана го толкува ликот на Поаро. Романот е објавен во 1934 година, а Кристи го посветила на својот втор сопруг, Макс Едгар Лусиен Малован.

Романот „Смрт на Нил“ е објавен во 1937 година и во истиот миг станува бестселер. Се работи за роман со Херкул Поаро што ја обработува темата на љубовниот триаголник, како и љубомората и предавството, па така станува и еден од најомилените на публиката.

„Зло под сонцето“ е роман за кој Агата Кристи добива високи книжевни критики, доживува и неколку екранизации и адаптација за радиодрама, а во поново време и адаптација како видеоигра.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.