Веста која деновиве навистина не направи горди сите нас, а не само љубителите на филмот и почитувачите на културните вредности, е дека младата режисерка Ана Алексовска на штотуку завршениот „Кустендорф“, филмски и музички фестивал кој го осмисли и го води прославениот режисер Емир Кустурица, го освои Бронзеното јајце за нејзиниот филм „Господата од Современа“.

Филмот „Господата од Современа“, работен според оригиналната идеја на Анжелика Апсис е краткометражен документарец кој светлината на денот ја здогледа ланската година, а приказната веднаш ја заинтригира јавноста.

„Господата од Современа“ е приказна за повозрасна публика, која ја сака уметноста и која постојано ги следи сите културни случувања и настани во градот. Сепак, дали тоа го прави само заради љубовта кон уметноста, или има тука и нешто друго?!

Останува да го погледнеме филмот, додека Ана Алексовска за „Анторис“ ги споделува впечатоците по освоената награда…

Што за Вас лично претставува наградата Бронзено јајце, која ја добивте на последниот „Кустендорф“?

– Верувам дека сите имаме некоја премиса по која се водиме, и во оние моменти кога не иде лесно да се остварат нештата, си ја наоѓаме таа премиса како мантра и од неа црпиме надеж, утеха и инспирација.

Неколку такви мисли – водилки, додека студирав, слушнав и залепив за себе токму на „Кустендорф“.

Од непроценливо значење ми се разговорите кои Емир Кустурица ги водеше со неговите тогашни гости, а мои долгогодишни идоли – Ким Ки Дук, браќата Дарден и голем број на автори кои токму таму и ги запознав пред да ги засакам.

Така што, наградата од овој фестивал е како признание од најсаканиот ментор кој ти вели: „Те подготвив, сега можеш да одиш сам по светот“. Во тие денови, платното на кино салата во Дрвенград се чинеше недостижно бидејќи припаѓаше на некој свет кој е замислен, речиси утописки совршен. Целата атмосфера на „Кустендорф“ е поблиску до бајка отколку до реалноста. Токму затоа, оваа награда е и покана во тој магичен, замислен и утописки свет што за нас е само потврда дека тој постои и не била залудна вербата во него и во „невозможното“.

Жал ми е за сите пријатели од тимот кој го создаде овој филм што не успеавме годинава да појдеме во Дрвенград и да ја почуствуваме заедно реалноста на тој свет кој лебди неколку слоја над оваа секојдневна реалност на која сме навикнати. Но Бронзеното јајце ќе ни донесе многу нови контакти, инспиративни разговори и секако она што за нас е најважно – полесен пат до реализацијата на наредниот филм.


Што го очекува филмот, со оглед на пандемијата и на фактот дека тој до сега не можел да го има адекватното претставување?

– „Господата од Современа“ имаше домашна премиера на 10-тото издание на нашиот „Македокс“, која помина прекрасно. Приказната е локална и лична и сакавме токму овде да биде првата средба со публиката. Сите седишта беа распродадени и дел од гостите се сложија и стоечки да ја следат проекцијата.

Потоа се случи пандемијата и секоја следна средба на филмот и публиката беше онлајн, нешто кое нам не лиши од чувствување на впечатокот кој го остава приказната.

А, филмот е меѓудругото и дело чие доживување расте додека се восприема во друштво, кога повеќе енергии конвергираат да создадат едно задничко воодушевување или негодување. Смеата е погласна во кино – салите, како и тагата. Секоја емоција е тогаш засилена.

Што го очекува овој филм не знам бидејќи ништо не е извесно ниту со состојбата со пандемијата. За сега, да останеме во добро здравје сите а потоа – ќе делуваме како сметаме дека е најумно и корисно за сите учесници во филмот, вклучувајќи ги и актерите.

Работите ли на следен филм, и, што после “Господата од Современа” би можеле да очекуваме?

– Во моментов работам како проектен асистент и видео продуцент и режисер во Институтот за комуникациски студии, односно, платформата за еколошка едукација ДОМА. Таму создаваме куси едукативни документарци на многу важни теми.

Но, авторски развивам и една друга докуемнтарна приказна. Пред помалку од 10 години следев група мои врсници кои сакаа да го променат светот и тврдеа дека не е легитимно да се жалат подоцна на реалноста која ги опкружува доколку не се обидат сега да ја променат. Парадираа по улиците со слогани „сакам да живеам дома“.

Сега сакам да дознаам каде се идеолошки и да направам паралела помеѓу созревањето на една личност и едно општество.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.