Дека денес винилите се на цена, многу пати пишувавме. Како и тоа дека народите од регионот не можат да го прежалат ненадејното заминување на Панонскиот морнар Ѓорѓе Балашевиќ…

Но, дека неговите албуми, по смртта, ќе достигнат висока, астрономска цена, тоа никој не го очекувал.

Имено, на Дискогс (интернет продавница за носачи на звук, каде што луѓето од целиот свет нудат се и сешто), неговиот албум „Марим ја“, винилно издание од 1991 година, се продава за 800 и 999 евра, плус достава.

Дека не се работи за шега, и двајцата понудувачи, имаат одличен фидбек. Поточно, не се измамници. Продавале до сега, а луѓето им стискале позитивни лајкови.

Еден понудувач (800 евра) е од Хрватска, а другиот (999 евра) од Македонија. Плус шипинг, секако…

Реално, тешко дека некој ќе им ја даде бараната сума, но, хипотетички, ништо не е невозможно.

За многумина ваквиот начин на заработка е „мрднат“, и е надвор од здравиот разум, за што зборуваат и коментарите на социјалните мрежи, кои го осудуваат заработувањето на мртвите, со потенцирање дека овој винил, иако е редок, тешко дека некогаш во virgo состојба ја остварил цената од 80 до 100 евра.

Но, секој има право да си ја цени својата стока, колку што мисли дека вреди.
Па, ако се најде некој…

Инаку, „Марим ја“ на Ѓоле е навистина ретко издание.

Беше објавено во август, несреќната 1991 година за сараевскиот „Дискотон“, на три формати – аудио-касета, винил и компакт-диск.

Заради војната во Словенија и во Хрватска, пракично албумот никогаш не се најде во тамошните музички продавници, туку само во „овој“ дел на Југославија: Босна, Србија, Црна Гора и Македонија.

Кога во април 1992 започна војната во Босна и Херцеговина, објектот во кој беше стациониран „Дискотон“ во Сараево, прв беше запален. А со него и многуте мастери на Бијело дугме (три албуми), Горан Бреговиќ (филмска музика), Здравко Чолиќ, Балашевиќ…

Непознато е дали резервната копија од мастерот на овој извонреден албум го имаше и самиот Ѓоле, како и, што, после се, со тоа издание планира во иднина да направи семејството Балашевиќ…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.