„Автобиографија“ на најпознатиот македонски собирач на народни умотворби, Марко Цепенков, со осовременет јазик, чиј концепт е адаптиран за децата, конечно ја здогледа светлината на денот.

Марко Цепенков е истакнат македонски собирач на народни умотворби и еден од првите раскажувачи во историјата на македонската книжевност.

Речиси целиот свој живот го посветил на собирање на народни приказни, песни, гатанки, поговорки, верувања, клетви, благослови, обичаи и др.

Својата „Автобиографија“ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби, a ова издание („Либи“/ Литература.мк), со осовременет јазик, има цел текстот да го направи достапен на најмладата публика и уште од најмлада возраст да ù ја приближи големината на Марко Цепенков.

„Автобиографија“ е адаптирана на осовременет јазик наместо прилепскиот дијалект на којшто оригинално е напишана, а на овој дел работеше Анета Пауноска. Книгата е конципирана за најмладите читатели со поделба во посебни поглавја, речник на помалку познати зборови што се користат и кои го водат читателот низ книгата, како и прашања на крајот од делото насочени кон тоа што научило детето од ова издание.

– Цепенков имал опсесија да ги слуша приказните, да влегува во дискусија со тој со којшто зборува и да го бележи сето тоа. Цепенков е значаен не само како собирач туку и како автор, а факт е дека ова дело е значајно за запознавање на една историска фаза од развојот на македонската култура. Со трендовите на инстантно консумирање информации, концентрацијата попушта. Но, кај оние љубопитни и заинтересирани умови отвора нови светови од минатото – истакна професорката Србиновска, која воедно додаде дека денес информациите ги добиваме со притискање на едно копче на интернет, додека во тоа време сè се засновало на ширење на гласот за Цепенков и неговата желба да ги собира народните умотворби и приказни, поради што и денес знаеме како функционирал тој период од македонското творештво.

„Автобиографија“ не е само животна приказна на Цепенков и воедно негово комплетно авторско дело туку и сегмент од таа историска фаза со која може да поставиме компарација кон тоа како живееме денес. „Автобиографија“ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби. Но, ова осовременето издание има цел да го приближи текстот до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со делата на Марко Цепенков уште во училишните клупи. Марко Цепенков речиси целиот свој живот го посветил на собирање народни приказни, песни и други фолклорни форми и неговата важност за македонската книжевност е непроценлива. Неговото богато творештво со објавени и необјавени дела го сочинуваат повеќе од 5500 поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, верувања и клетви, баења, соништа и нивни толкувања, детски игри, речници, описи на занаети итн.

Во ова издание на „Автобиографијата“ на Цепенков направени се неколку адаптации од оригиналниот текст: неговиот прилепски говор е осовременет, според правилата на стандардниот литературен јазик, а текстот е поделен на поглавја за да се олесни процесот на читање.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.