Во театарот „Бошко Буха“ во Белград започнаа пробите за претставата „Мачорот во чизми“ според текстот на Игор Бојовиќ, а во режија на Југ Радивојевиќ.

Истата претстава веќе е изведена со голем успех на оваа сцена (режија Милан Караџиќ) – повеќе од триста пати. Во 1995 година, претставата освои многу награди.

Она што овој „Мачор“ го прави посебен е тоа што музиката за претставата ја работи легендарниот Бајага, заедно со Саша Локнер, член на неговите Инструктори.

Од детскиот театар „Бошко Буха“ се горди што Бајага, токму за нив, за прв пат работи музика за претстава наменета за најмладата публика.  Бајага, пак, смета дека ова ќе биде ново, убаво искуство за него. Режисерот Радивојевиќ неодамна, инспириран од безвременските хитови на Бајага, го постави мјузиклот „Од другата страна на перницата“ во Театарот Теразије, па „Мачорот“ ќе биде нова заедничка соработка…

– Пишував музика за многу театарски претстави, како и мјузикли, но ова е нешто поразлично. Добро се согласувам со Југ, а и со Локнер, кој е член на мојот бенд. Убаво е да се компонира за деца, иако нема многу разлика помеѓу работата за нив и за возрасните. Се разбира, темите и текстовите се различни, но во основа не можете да ги залажувате децата со некаква „детска“ музика.

Тоа мора да се направи сериозно, но прилагодено на нивниот сензибилитет. Обично е посреќно, по-шаренолико, повеќе разиграно отколку за возрасните. За да биде поубаво од вообичаеното…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.