„Балканскиот“ воздух – заеднички ресурс. Веќе никој од нас не се интересира за загаденоста на воздухот, обземени од страшните апокалиптични вести за бројот на жртвите на Ковид-пандемијата. Повеќе од една година не сме слушнале вест за тоа колку и какви честички дишиме и колку жртви однела годината, иако во „мирновременски услови“ загадениот воздух е првиот фактор на смртноста (во Македонија околу 1700 жртви годишно).

„Балканскиот“ воздух – заеднички ресурс

 

Експертите велат дека известувањето за загадувањето на воздухот е исто толку важно како и известувањето за другите природни катастрофи.

Без разлика дали дишеме загаден воздух или едноставно стануваме посвесни за тоа, благодарение на популарните апликации, а особено на активистичките кампањи, јавниот притисок останува клучен за подобрување на системот за мерење и за остварување на правото да бидеме информирани за нивото на загадување.

„Обединет Балкан за чист воздух“

Во најавата за кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ се вели:

„За овој систем на регистрирање, на информирање и на предупредување се надлежни државите и локалните самоуправи. Тие се должни да обезбедат пристап до информации за загадувањето на воздухот во секое време. Известувањето за квалитетот на воздухот е дури и поважно од известувањето преку медиумите за временски услови (временската прогноза). Податоците мораат да бидат навремени и лесно достапни, а презентацијата разбирлива“.

Жителите на Западниот Балкан имаат право да знаат колку има загадување на воздухот и да бидат информирани за какви било промени. Локалните и државните институции мораат да ги информираат навремено, исто како кога се влошува квалитетот на водата во системот за водоснабдување или кога се зголемува ултравиолетовото зрачење на сонцето.

И покрај значителниот напредок од почетокот на воспоставувањето на мрежата на мерни станици за квалитет на воздухот, територијата на Балканот не е покриена доволно. Дури и во урбаните области, недостасуваат информации за некои загадувачи, особено за најмалата прашинака од категоријата PM 2,5, која е една од најопасните материи. Податоците од многу станици се објавуваат со задоцнување, а тие се релевантни за населението само ако се гледаат на секој час.

Квалитет и чистотата на воздухот во Македонија

Македонскиот систем за набљудување исто така ја нема таа совршеност за да ги исполни овие критериуми, велат експертите. Др. Пеце Ристевски, метеоролог, вели:

„Балканскиот“ воздух – заеднички ресурс.

– Секако дека  треба да постои мониторинг на мерењата и достапност на инфомрациите за квалитетот на воздухот и на државно и на регионално ниво. Ова постоеше во изминатиот период во претходниот состав на Министерството за животна средина, но заради, ми се чини, политички причини, престанаа да се објавуваат информациие за квалитетот или за чистотата на воздухот. Можеби проблемот е и во материјалните трошоци и во другите опслужувања на инструментите и опремата, која е скапа и некои мерни пунктови не функционираа во секој момет.

Сега главната преокупација е префрлена на актуелните состојби со пандемијата, но и оваа активност е многу важна за животот и здравјето на населението кај нас, а се разбира и во регионот. Значи, сега, поради пандемијата овој проблем се става на страна и се претпоставува дека не е важен. Но е исто така важен, биејќи и од загаденоста на водухот има, не само здравсвени, туку и други последици, вели Ристевски.

Состојбата во регионот

Повеќето земји во регионот немаат прецизен список на извори и количини на емисии на загадувачи. Упатените велат дека без тоа не можат да се праземат вистински  мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и да се вложат сериозни инвестиции во мерни станици.

Со потпишување на Софиската декларација, Србија ја прифати Зелената агенда за Западниот Балкан. Декларацијата ги утврдува обврските на земјите од регионот за подобрување на мерењето и известувањето и го отвора патот за финансирање од Европската унија.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ првично беше покрената од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со Правото на градот Белград, со Институтот за регулирање на обновлива енергија и животна средина (Белград),  Отворено училиште во Белград, Институтот за животна средина и територијално управување од Тирана, Екофорум од Зеница и Центарот за економија и екологија од Тузла, Сбункер од Приштина, Воздушна нега од Скопје и ОЗОН од Подгорица.

ОН: чистиот воздух е човеково право

Загадувањето на воздухот во светот предизвикува предвремена смрт на седум милиони луѓе секоја година, вклучително и на околу 600 илјади деца. За да ги принудат владите на акција, ОН го прогласуваат чистиот воздух за човеково право.

„Бројката од седум милиони смртни случаи секоја година е поголема  од комбинираната бројка на жртви од војни, убиства, туберкулоза, ХИВ, СИДА и маларија“, вели експертот на ОН Дејвид Бојд за агенцијата Ројтерс.

„Тоа е глобална здравствена криза која навистина треба да се решава. Загадувањето на воздухот го нарушува правото на живот, на здравје, правата на децата. И исто така го нарушува правото на живот во здрава и одржлива околина“, вели тој.

Борба за чист воздух

Експертите потсетуваат дека земјите имаат законска обврска да преземат мерки против загадувањето на воздухот. Инсистирањето на Бојд – правото на чист воздух, односно  опасноста од неговото загадување, да се смета како човеково право, односно негово нарушување, може да поттикне милијарди луѓе ширум светот да се борат за тоа свое право за да дишат чист воздух.

Катарина Рал, истражувач во одделот за животна средина и човекови права на „Хјуман Рајтс Воч“, вели:- Некои влади веќе се соочиле со тужби за нарушување на човековите права поради загадувањето на воздухот, и притоа биле принудени да преземат мерки.

Затоа, на владите останува да се охрабрат и, повикувајќи се на споменатото човеково право,  да преземат мерки пред да бидат тужени.

Бране Стефановски

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.