Вечерва (четврток, 25-ти март), во галеријата на Завод и Музеј Струмица ќе биде отворена самостојната изложба на младиот ликовен уметник Ѓорги Динев. Изложбата носи наслов „Црно небо“, на која уметникот ќе се претстави со дваесет дела работени во комбинирани техники.

Делата на Ѓорги Динев се структурални, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред.

Во каталогот за изложбата стои:

– Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Ликовните закони не секогаш се во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело е озаконет преку отисоците и трагите од плотта и крвта на самиот автор, креаторот. Тие отисоци се видливи во овие дела. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А порите наполнети со таинствена течност. Мувлата на ѕидот има своја функција во светот на визуелното. Пајажината во аглите на собата, темната мрснотија во фугите на тулите. Тука се судрени графичарот и сликарот со своите концепти и од овие дела ние се уште не можеме да видиме кој концепт ќе победи. Тој судир е жесток, на места со искрење и неподнослива (не)склопливост. Но, делата функционираат како такви…

Инаку, Ѓорги Динев е роден 1994 година во Струмица. Има завршено Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје. Член е на ДЛУМ. Активно се занимава со сликарство и графика, а оваа е негова втора самостојна изложба.

Оваа изложба е дел од проектот „Инспирација од изолација-уметничка реинтеграција“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.