Дали вакцините ќе го спасат туризмот? И скромни понуди и мал интерес за патување – туристичките агенции спасот го гледаат во вакцините.

Веќе една година ги нема стандардните дестинации за патување на „менито“ на туристичките агенции. Во услови на пандемија, понудите се прилично оскудни. Во пресрет на празникот на жената, она што го нудат агенциите, се претежно за домашните дестинации Охрид и Струга, како и познати места во Србија, Албанија и Косово, земји за каде не е потребен ПЦР тест за македонските граѓани. За домашните, велат од агенциите, дури и да постои интерес, граѓаните закажуваат директно со хотелите за престој, а не преку нив.

Ова се најчестите дестинации помеѓу кои може да се избира, иако агенциите организираат патувања и во соседна Бугарија. Во турата од пред половина месец, цел автобус до 30 патници тргнал кон источниот сосед со лажни ПЦР тестови. Но, агенциите велат дека таквата постапка е одговорност на самите лица, бидејќи тие не се лаборанти да проверуваат за нивната валидност.

26 февруари е денот кога во Македонија е регистриран првиот случај на ковид-19. Оттогаш, вели Марија Јовановска од туристичката агенција „Травити“ работата е сведена на минимум. А загубите, како што потенцира, се книжат.

Константен план

– Ние 2020-та година ја завршивме со загуба од високи 92 отсто во споредба со 2019. Од друга страна, помошта е минимална. Мерките во Македонија се неконстантни, се носат од месец за месец, наместо како во европските земји за една година. Агенциите добија грантови до 7 000 евра неповратни пари. Но, загубите се многу поголеми. Тие 7 000 евра се фиксни трошоци, вработени, режиски трошоци, обезбедување, без воопшто да ја рачунаме загубата за цела година. Мерките имаа ефект во месеците,  април мај и јуни, во кои се даваа плати без придонеси, придонесите сами ги плаќавме. Јули, август и септември – продававме апартмани во Македонија, а работевме за смешна заработка, со која не можеш ни ДДВ да платиш. Потребен е константен план, оценува Јовановска.

Дали вакцините ќе го спасат туризмот?

Во моментот, тие нудат рана резервација за летување во Турција, земја за чиј влез е потребен ПЦР тест. Се надева дека тој нема да биде потребен до летото, но, стравува со динамиката на процесот на вакцинација во земјава.

Граѓаните не се комотни да патуваат подолго

„И што ќе се случи повторно? Хотелите пак нема да ги вратат парите, а со тоа и ние на граѓаните.  Ние сме сите као алка оштетени“, смета Јовановска.

Егзотичните патувања речиси и да ги нема. Нејзината агенција генерално до пред пандемијата нудеше тури во соседна Грција. Но, дури и јужниот сосед да ги отвори границите за трети земји со ПЦР тест, Јовановска смета дека одморот на краците ќе можат да си го дозволат повторно само оние со подлабок џеб.

„Србија и Грција си направија договор за патување. Додека кај нас ќе биде проблем вакцинацијата со ова темпо. Од друга страна, едно истражување вели дека граѓаните не се комотни да патуваат надвор од дома повеќе од три часа. Во ваков случај, најчест избор на граѓаните би била Грција, како најблиска дестинација. Но, ако се врати ПЦР тестот, тоа просечно македонско семејство од четири члена ќе го чини 12 000 денари. Многумина не можат да си го дозволат. Тоа е цел еден одмор во нормални услови. Каде е тука храната, потребите, желбите на луѓето? Се чини дека само најбогатите би можеле да одат во Грција,“ вели Јовановска.  

Кризата во секторот туризам се отсликува и во статистиката на Државниот завод. Бројката на туристи е речиси преполовена. Споредбено, бројот на туристи во декември 2019 во однос на истиот период во 2020 година е намален за околу 50 насто. Бројот на ноќевањата, пак, паднал за речиси исто толку.

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.