Во морето на литература која секојдневно се објавува, една книга предизвикува посебно внимание. Тоа е поетската збирка на академикот Душан Ковачевиќ, авторот на легендарните драми: „Кој тоа таму пее“, „Маратонци…“, „Балкански шпион“, „Професионалец“…, едноставно насловена „Јас тоа таму пеам“, објавена под закрилата на белградска „Лагуна“. Со неа, Ковачевиќ, искусен писател, режисер и сценарист, управител на театар…, додава во своето богато портфолио уште една значајна титула – Поет!

– „Поминаа повеќе од 40 години откако се појави филмот ‘Кој тоа таму пее’. Досега, барем илјада пати, прашањето беше поставено во разни наслови: кој тоа таму пее. Никој не одговори, освен оној несреќен хит-пејач во филмот, кој рече: ‘Јас тоа таму пеам’, кој го играше мојот пријател Драган Николиќ. Мислев дека би било добро и јас да се пријавам…“ – изјави Ковачевиќ неодамна, во „одбрана“ на својата книга.

Академикот Ковачевиќ, драматург и сценарист, објасни како е создадена неговата неодамна објавена книга песни „Јас тоа таму пеам“, која се појавува во време кога очекувавме да го видиме неговиот последен во низа филмови „Не е лошо да се биде човек“.

Книгата е поделена во четири циклуси „Кој тоа таму пее “, „Дванаесет песни за дванаесет месеци“, „Не е лошо да се биде човек“ и „Од семеен албум“.

Книгата на Ковачевиќ содржи песни што многумина ќе ги препознаат од неговите претстави и филмови…

– „Секоја песна и сите настани во книгата ‘Ја тоа таму пеам’ има некакво објаснување и сеќавање на времето од веќе половина век. Од раното детство, се сеќаваме дека некој викаше: Кој тоа таму пее, кој вика, кој таму пее… Тоа прашање беше со нас цел живот, затоа тој наслов се користеше толку многу. Поднасловот на книгата може да биде и „Археологија на едно сеќавање“, бидејќи всушност тоа е потрага по сопствениот живот, уште од моите први претстави…“ – вели Ковачевиќ.

Се што чини во уметноста – успева да преживее. Како што преживеа и стихот „За Београд, с’ фирмом Крстиќ“, од филмот „Кој тоа таму пее“…

– „Зборуваме за годините пред Втората светска војна, кога приватниот сообраќај беше навистина развиен. Луѓето се моторизираа и животот започна да личи на животот на луѓето во Европа. Кој знае како би живееле денес, како потомци на тие луѓе, да не дојдеше Втората светска војна, која ја обезглави Србија во вистинска смисла на зборот. Со бројот на жртви, убиени за време на војната, убиени во концентрациони логори, нашата несреќна братоубиствена војна на партизани и четници и ликвидација на непријателот по завршувањето на војната, оние 60.000 луѓе кои беа убиени како непријатели на државата…

Нашите предци поминаа низ пекол, а и ние преживеавме мал пекол во текот на 90-тите години на минатиот век, и ги почувствувавме сите ужаси на војната за три месеци бомбардирање. И сега, тука нè погоди оваа чума што се прошири низ целиот свет и нема семејство, семејство во кое некој не е болен. И секој ден секој стравува. Кога некој кашла, веднаш ќе помисли дека ѓаволот е дојден по свое. Значи, на целата мака и мизерија, мизеријата што, патем, ја имавме во борбата за егзистенција и за нормален живот, се појави нешто во коренот: вината на човекот.

Сега природата ни го возвраќа назад ударот, бидејќи од десетте можни теории на заговор, сите можат да бидат точни, освен таа дека тоа е испратено од вселената. Тоа е најмалку веројатно, но сите други теории се пострашни – колку што човекот е виновен за оваа чума што владее со светот. Човекот ја нападнал природата, која тој безмилосно ја уништува, сече, потопува… Исчезнуваат животински и растителни видови секој ден од оваа планета. Потоа, планетата која е постара, попаметна, помудра од човекот, возвраќа. Јас сум скептичен дека ова ќе се реши со вакцините што сега се пронајдени, ова чудо ќе мутира и ќе имаме ужасен проблем со вирусите во иднина“ – заклучува на крајот, ниту малку оптимистично академикот Душан Ковачевиќ.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.