Неговиот култен албум од 1966 година, насловен „Swinging Macedonia“ се смета за есенцијален џез албум и во светски рамки.

Светски познатиот џез трубач и композитор Душко Гојковиќ, роден пред 90 години (1931 Јајце), кој живее во Минхен, е награден со „Беркли мајстор на глобалниот џез “, признание за голем придонес кој џез-мајсторот Гојковиќ го има глобална џез сцена.

Наградата „Мајстор на глобалниот џез“ се доделува на уметници кои служат како пример со презентирање на практиките и вредностите на познатиот американски музички колеџ Беркли. Имено, Душко Гојковиќ и самиот беше студент на престижниот Беркли колеџ.

Вредностите негувани од Глобалниот џез институт Беркли се создадени за да им овозможат на студентите можноста да ја истражат нивната креативност и да ја донесат својата музика на највисоко можно ниво. Да ја подобрат социјалната моќ на музиката како алатка за подобрување на општеството и да го поврзат музичкото креативно размислување со природната средина.

Церемонијатa на доделување на наградите за Душко Гојковиќ ќе се одржи во рамките на концертот на добитниците на „Kurt Maas Jazz Award“ за 2021 година.

Душко Гојковиќ и тоа како и е познат на македонската публика, каде е почитуван и обожуван.

Неговиот култен албум од 1966 година, насловен „Swinging Macedonia“ се смета за есенцијален џез албум, не само во локални, туку и пошироко – европски и светски рамки. Прво винилно издание на овој извонреден албум на пазарот на винили достигнува висока цена и важи за многу ретко.

Гостувањето на „Скопје џез фестивал“ во 90-те беше крунисано со репрезентативно издание Dusko Gojkovich & Gianni Basso Quintet ‎– „The Nights Of Skopje“, извонреден концертен албум.

Во неговата свиречка мајсторија македонската публика се увери и во декември 2016-та, кога во Македонска Филхармонија настапи со својот квартет, во состав: Ренато Кико на пијано, Мартин Ѓаконовски – Шпато, синот на македонската легенда Драган Ѓаконовски на контрабас и Владимир Костадиновиќ на тапани.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.