Eco Sun Central  за целосно намалување на трошоците за загревање, преку пренослив систем на сончевите зраци. Со примена на системот Eco Sun Central, трошоците за  загревање и ладење би можеле значително да се намалат, а во некои случаи и да се сведат на НУЛА. Ова го тврди Марјан Ненов (дипломиран електро инженер, енергетски менаџер, иноватор, добитник на десетина златни медали за иновации во енергетиката).

Загадениот, затруениот, воздух не може брзо да се прочисти. Потребни се комплексни и комбинирани мерки, за што е потребна значителна сума пари. Сума која се мери во милиони евра за да се дојде до резултат за прифатливо еколошко ниво на живеење. Енергијата ја имаме во разни форми од обновливи и необновливи извори.

Eco Sun Central за целосно намалување на трошоците за загревање 

Ненов вели дека е подобро да се занимаваме со причините на загадувањето, отколку да се лечат последиците, зашто така многу поевтино и побезболно ќе поминеме. За жал, во нашава држава се доцни, па потоа се преземаат мерки за лекување. Од друга страна секој производствен капацитет и секое домаќинство има потреба од некаков вид енергија.

Енергијата околу нас не ја забележуваме доволно

Енергијата е присутна секаде околу нас, тоа го тврдеше и Никола Тесла. Проблемот е што ние не ја забележуваме доволно, што не ја почитуваме, се расфрламе со првиот извор на кој ќе наидеме и до кој полесно можеме да дојдеме и на крај на што поевтин начин да го користиме. Тоа светот го правеше долг период со користење на фосилните горива и успеа да ја направи планетата неподносливо место за живеење. Но, кога дојде критичниот момент, односно прашање на преживување на целото човештво, почнавме да се префрламе на обновливите извори. А за нивното искористување се потребни научни решенија, можеби и поголеми вложувања. Но со нивната експлоатација, инвестициите многу бргу се враќаат, бидејќи обновливите извори се бесплатни, како ветерот, сонцето, биомасата итн.

 

Современата наука и движењето го детектира како извор на енергија, па дури и звукот. Лидер во искористувањето на сончевата енергија е Германија на чија географска положба нема толку сонце колку што имаме ние. Значи, ние можеме да бидеме пред Германија, ако тој проект се сфати сериозно и почне конечно да се реализира.

Ние имаме нов Закон за енергетика, но ги немаме подзаконските акти. Ако сакаме денес да направиме една поголема фотоволтаична централа ќе наидеме на некои  прашања на кои нема да знаат да дадат одговор ни надлежните институции. Сета таа регулативна материја е оставена да чека за понатаму за да се допрецизира и дури тогаш ќе можеме да се надеваме дека инвеститорите ќе пројават интерес за да можеме конечно нешто да сработиме.

Сончевата енергија, најисплатлива во Македонија

Во Македонија е надобро и најисплатливо да се користи сончевата енергија. Таа е најиздашен, но и најнеискоритен капацитет. Ја имаме со најголем интензитет во три региони, во Овчеполието, Пелагонија ( Битола, Прилеп) и Струмичко- гевгелискиот регион. Таму има најголемо зрачење на сонцето и таму е пожелно да се постават најголемите фотоволтаични централи.

  • За овие теории за искористување на обновливите извори кај нас се дебатира со децении, но нема некој видлив ефект и некој значаен процент на учество на енергијата од обновливи еколошки извори во енергетскиот биланс на Македонија. Зошто сето тоа оди бавно?

– Затоа што во Македонија постои борба на две струи. Едната е конзервативната, која заработува добро и нема намера да прави промени. Другата е прогесивната струја, која сака пробив и либерализација на пазарот на енергија и воопшто брзо реализирање на овие проекти.

На прогресивната струја и припаѓаат експертите, а на конзервативната бирокаратите и корумпираните бизнисмени, кои не сакаат и не се подготвени да се ангажираат во измена на сегашната регулатива и состојба. Сметам дека овие промени можат  да се направат многу побргу. Можам да кажам дека одредена наклоност за соработка со нас експертите, енергетските контролори и енергетските менаџери,  пројавуваат општините. Ние сакаме тоа да биде и на повисоко ниво.

  • Вие имате добиено голем број награди за иновации во енергетската ефикасност. За што конкретно и најмногу сте наградуван?

– Да, имам добиено награди. Посебно сакам да го истакнам проектот за подобрување на ефикасноста на класичните фотоволтаици, бидејќи нивната ефикасност се движи од 15 – 20 проценти. Значи, огромно количество од сончевата енергија тие не ја „впиваат“, односно не ја користат. Тоа значи дека има огромни енергетски загуби, па така времето на поврат на инвестицијата е многу подолг. Од тие причини, се обидов на друг начин да ја соберам сончевата светлина и да ја транспортирам на друга локација и тоа не со спроводник, туку со изолатор, што е невообичаено!

Опис на Eco Sun Central 

  • Каков е тој систем?

-Eco Sun Central е систем за собирање, концентрација, транспорт и трансформација на сончевата енергија. Системот се состои од соларни концентратори, светловоден кабел и темна комора составена од електричен модул, модул за греење и модул за ладење. Целиот систем е дополнително опремен со единици за контрола на напон и безбедносен систем управуван од паметен потсистем или апликација.

Соларните концентратори можат да се прицврстат на покривната конструкција, на фасадата или да се одделат од самите предмети. Се насочени кон јужната страна под прав агол на движењето на Сонцето. Нивната задача е да ја концентрираат сончевата светлина од поголема на помала површина, без големи загуби.

 

Пристигнатата сончева светлина се собира, односно се концентрира на помала површина така што навлегува во кабелот за транспорт на светлина. Преку сноповите на светлината од сите светловодни кабли, светлината се вметнува во електричниот модул на темната комора. Во неа се прави трансформација на светлосната енергија во електрична. Топлината што се создава во овој процес во модулите за греење, преку разменувачи на топлина, воздух – вода или преку систем за вентилација, се користи за загревање санитарна топла вода и за просториите.

Најмалиот систем за дом Eco Sun е наменет за станбени или деловни простории до 150 м2. Ги опфаќа енергетските потреби во сончевите периоди, како што се:

  • – 3KWh електрична енергија
  • – 300 литри топла вода дневно
  • – 15 KWh енергија за греење или ладење за објект, за просечен изолиран објект или 6 KWh за добро изолиран објект.

Системот „ECo Sun Central 60KW“ е наменет за згради или деловни центри.

Постои можност за изведување на поголеми системи ECo Sun Central кои би снабдувале енергија за станбени блокови, болници, трговски центри, спортски комплекси и многу повеќе.

Ако го користиме првиот дел од системот, односно фокусирачкиот и транспортниот дел за светлината, и ги додадеме топлинските батерии за греење, тогаш добиваме нов производ наменет за подобрување на производството на зеленчук и лековити билки во стакленици и пластеници.

Пресметки и претпоставки за производство на енергија

Просечната големина на сончевата инсолација зависи од локацијата, просечната вредност во пресметките ќе биде 1,3KWh / m2.

Ние користевме во овој тест:

– пластичен ПВЦ Френел леќа со дебелина од 3мм и димензии 15 * 20см и

– пластичен 50 повеќежичен кабел со должина од 10m и дебелина од 1 mm жица без надворешна изолација.

Тестот траеше 20 секунди и немаше забележливо топење на материјалот и негова деформација.

Со овој тест успеавме да докажеме дека е можно пренесување на сончева светлина преку леќата за освежување и пластичниот кабел. Како и дека добар дел од светлината успешно се транспортира до крајот на кабелот.

Светлински загуби

Суштинско за постигнување на што е можно помалку време за враќање на инвестицијата е да се постигне што поголема ефикасност во концентрацијата, преносот и трансформацијата на светлосната енергија. Целта е да се постигнат дадените параметри со помалку материјал, односно да се постигне ефикасност со помалку загуби.

  • Каде може да се примени овој систем?

-Овој систем на „заробување“ на светлината може да има  повеќе намени. Како што реков, една можност е во енергетскиот дел. Следна можност е во производството на раноградинарски култури, за одгледување цвеќиња и лековити билки. Овој систем може да се користи за засилување на ефектот од природното сонце во стакленикот. Дел од оваа светлина можеме да ја искористиме за полнење на т.н. „топлински батерии“, што ќе бидат сместени в земја, под стаклениците. Додека има сонце, тие ќе акумулираат топлина, односно ќе вршат преобразба на светлината во топлинска енергија. Кога нема да има сонце ќе почнат топлината да ја испуштаат во земјата, а таа топлина ќе се качува нагоре и ќе дојде до воздухот. Вака, сегашните трошоци за загревање ќе  можат да се сведат на нула.

 

Eнергетските компании во Македонија не се заинтересирани за истражувачко инвестирање

 

  • Во која фаза е вашиот проект?

– За реализација на еден ваков проект, да се направи прототип потребни се 300 до 500 илјади евра. Во овој проект може да се влезе во партнерство со некоја поголема компанија. Ако не се најде партнер или ако не помогне Фондот за иновации, проектот најверојатно ќе се реазлиира во некоја друга земја…!

 

 

  • Дали има заинтересиран потенцијален инвеститор за проектот да се појави на голема врата на македонскиот енергетски пазар?

– Досега ниедна од поголемите енергетски компании во Македонија не изрази интерес за истражувачко инвестирање. Пронајдокот е заштитен со патенти и надвор од Мекедонија, што го прави сигурен и за соработка со странски инвеститори.

 

Морам да нагласам  дека ова е еден мал дел од цела лепеза производи и системи кои ќе произлезат ако се добие “proof of concept” на преносот на сончева енергија на големи далечини. На овој начин би овозможиле еден ден да се поврземе глобално со помош на нов енергетски алтернативен дистрибутивен систем. Со него ќе постигнеме користење на сончевата енергија 24/7 со што ќе се обезбеди широка енергетска стабилност. Воедно, еколошките стандарди ќе бидат задоволени и енергијата ќе биде речиси бесплатна и достапна до секого.

Ова секако дека нема да им се допадне на постоечките енергетско фосилни гиганти, но сигурен сум дека ќе се најдат храбри инвеститори за пробив на нови енергетско–технолошки инсталации.

Бране Стефановски

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.