Енергетска транзиција во Македонија- зеленото сценарио во ажурираната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е најоптимално за развојот на земјата. Но, за енергетската транзиција предвидена во стратегијата, неопходни се од 800 до 900 милиони евра  годишни инвестиции до 2040 година. Ова е заклучокот од конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“.

Конференцијата е дел од Проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“. А, е финансиран од Британската амбасада во Скопје преку Фондот за добро управување (GGF).

Енергетска транзиција во Македонија

Проектната цел се заснова на поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Исто така и за изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период.

Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј посочи дека меѓународните донатори ќе продолжат со поддршката за имплементација на стратегијата за енергетската транзиција и за реформите во државата.

Зелено сценарио

-Предизвиците во однос на климатските промени се уште стојат пред нас, а зеленото сценарио е тоа кое ќе овозможи позелена и поодржлива иднина за земјата со искористување на хидро, соларната и енергијата на ветерот. Воедно ова сценарио овозможува и инвестиции во обновливите извори на енергија (ОИЕ). Токму со инвестирање во ОИЕ до 2030 година ќе се отворат многу поголем број на работни места, рече Галовеј.

-Носењето на новиот Закон за енергетика овозможи поголеми вложувања во енергетиката и енергетската ефикасност со промената на моделот на поддршка од фидинг во премиум тарифи, посочи советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот. Тоа, според него, овозможува реализација  на фотоволтаични електрани со инсталирана моќ од 60 мегавати на државно и приватно земјиште, од кои две се веќе во функција.

Како клучен енергетски проект за зголемени инвестиции во ОИЕ е проектот за изградба на хидроелектраната Чебрен по пат на јавно-приватно партнерство. Тоа  ќе има суштинска улога за балансирањето и одржувањето на стабилноста  на системот.

Блок 1 во РЕК „Битола“ ќе стане гасна електрана до 2026 година

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски објасни дека компанијата планира до 2024 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола.  Наместо него да ќе се изгради когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати. Додека другите два блока треба да се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри. А, до 2026 година и со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење. Паралелно ќе се подобри и еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди.

Блок 1 во РЕК „Битола“ ќе стане гасна електрана до 2026 година

Воедно потсети дека се планира целосно затворање на ТЕЦ Осломеј. Изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати. А исто така и претворање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана и зголемување на моќта на ветерниот парк Богданци. Соларни електрани, додаде, ќе се прават во близина на сите наши постоечки објекти.

Замена на електричната енергија од јаглен со ОИЕ

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски истакна дека суштината на енергетската транзиција е производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од ОИЕ.

-Енергетска транзиција во Македонија е неопходно да се развива чекор по чекор. Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио. Односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер. Меѓутоа, мора тоа да биде постепено.

Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за мегават час , додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра. Притоа од ОИЕ во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни, но не може енергетскиот систем да се базира исклучиво на таквите извори, семта Бислимоски.

Во однос на либерализацијата на пазарот на електрична енергија посочи дека цената што ја нуди Универзалниот снабдувач останува најповолна за домаќинствата. Пред се, оти е за 25 отсто пониска од онаа што се нуди на слободниот пазар и токму тоа, како што рече, е причината што само околу 100 домаќинства се излезени на слободниот пазар.

-Придобивките од либерализираниот пазар на електрична енергија доведоа до 30 отсто пониски сметки за малите производствени капацитети, и малите и микро претпријатија. Домаќинствата се уште имаат најповолна цена обезбедена од универзалниот снабдувач, за разлика од цената што се нуди на слободниот пазар која е 25 отсто повисока од регулираната цена.

Минатата година дури 15 отсто од потрошувачите го промениле својот снабдувач што укажува на зголемена конкурентност на пазарот на електрична енергија во кој има девет активни снабдувачи што е на исто ниво со  Австрија, Финска и Данска, рече Бислимоски.

Наскоро гасовод од пренослива мрежа

Директорот на НЕР Бајрам Реџепи посочи дека наскоро во земјава ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа во државата.

-Во моментов имаме три делници кои се во градба. Делницата од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри е 100 проценти завршена. Делницата од Неготино до Битола од 92 километри е реализирана 94 проценти. А, од Скопје до Тетово и Гостивар се реализирани 75 проценти. До крајот на годинава планираме да имаме изградено 274 километри гасовод. Доколку го додадеме делот од Крива Паланка до Скопје во должина од 98 километри ќе имаме 372 километри до крајот на годинава, рече Реџепи.

 

Наскоро во земјава ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа во државата.

Потсети дека  веќе е изработен проектот за продолжување на гасоводот од Гостивар до Кичево. Во изработка се и деловите од Кичево до Охрид и од Охрид до Битола. Така целосно ќе се затвори гасоводниот прстен и ќе се обезбеди стабилност на системот. Наскоро, како што рече, треба да се гради интерконекторот со Грција што ќе обезбеди енергетска независност.

Се планира и изградба на интерконектори со Косово и Србија. Притоа  со транзитирањето на гас преку земјава ќе се влијае  за намалување на цената на гасот.

Генералниот директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани посочи дека компанијата е подготвена да одговори на барањата во зелената стратегија.

-Генерално сме насочени кон одржување, реконструкција и ревитализација на постојните далекуводи, изградба на нови далекуводи и воведување на смарт технологија. Секоја година ги следиме состојбите и правиме 10 годишни развојни планови. МЕПСО е подготвен за пенетрација на ОИЕ.

Веќе, се детектирани точките каде би имало поголем приклучок од ОИЕ и тоа, како што рече се централно-источниот и централно-западниот дел.

-Во тек се 14 проекти. Но Рамадани очекува во наредниот период да започнат и со други проекти. Тие би требало да се реализираат во наредните две до три години. А, нивната вредност  ќе биде  околу 80 милиони евра. Поголема пенетрација на ОИЕ се очекува во Дуброво-Богданци, делот кај Струмица и од Гостивар до Тетово и Битола.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.