Фондот за Западен Балкан го отвори процесот за аплицирање за проекти од земјите во регионот. Почнувајќи од 8. ноември, земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора може да аплицираат со предлог проекти. Ова е четврти повик од формирањето на Фондот, но прв што ќе се кофинансира со регионални грантови преку Инструментот за претпристапување (ИПА).

Апликациите може да се поднесат преку системот за аплицирање што се наоѓа на официјалната веб-страница на Фондот.

– Примарни корисници на заедничката акција на Европската Унија и Фондот се граѓанските организации, а други подобни потенцијални грантисти се непрофитни здруженија и организации, фондации, образовни институции, регионални мрежи, локални и регионални јавни субјекти, информираат од Фондот.
Повикот ќе биде отворен до 23 декември 2021 година, а тимот на Фондот за Западен Балкан низ регионот ќе се сретне со засегнатите страни и потенцијални грантисти на Инфо сесиите. За време на средбите тимот на Фондот ќе ги информира учесниците како да аплицираат и како да формираат партнерства во регионот.
Инфо-сесиите во земјава стартуваат денес (16 ноември) во Битола во просториите на Универзитет „Св. Климент Охридски“ (Свечена сала на УКЛО – Факултет за правни науки I кат, Тодор Скаловски 8)  во период од 11:00 до 13:00 часот. Следните се во Скопје во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на 26 ноември (петок) во период од 17:00 до 19:00 часот.
Фондот за Западен Балкан е меѓувладина организација за регионална соработка на граѓаните од регионот, основана од договорните страни, со седиште во Тирана. Целта на Фондот е да промовира заеднички вредности меѓу граѓаните, граѓанските организации и институциите во регионот, вклучително и зајакнување на соработката и директните контакти меѓу луѓето од Западен Балкан.

На изминатите регионални повици учествувале 890 граѓански организации и други засегнати страни, директно вклучувајќи 3.430 организации, кои допреа до повеќе од 10.000 граѓани.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.