Глобалниот долг на историски максимум. Тој е најголем од Втората светска војна и достигна 277 трилиони американски долари. Иако масовната вакцинација укажува на крај на пандемијата, се чини дека не обезбедува имунитет против долгорочните економски штети што ги предизвика оваа чума во целиот свет.

Глобалниот долг на историски максимум

Светот лежи на „буре барут“

На овој историски максимум му кумуваше задолженоста на многу држави. Тие во обид да им помогнат на своите економии со разни мерки, влијаеа на нагло зголемување на долгот. Па така светскиот долг лани порасна за 19,5 трилиони американски долари, што е скоро двојно повеќе од 2019 година, кога беше забележано зголемување од 10,8 трилиони американски долари.

Либан, Кина, Малезија и Турција се особено загрижени затоа што најголемиот пораст на долгот на нефинансискиот сектор е таму.

Токму овој факт, според предупредувањата на експертите, укажува на тоа дека најлошото допрва доаѓа и дека светот лежи на буре барут што може да експлодира и да остави несогледливи последици.

Имено, огромниот раст на државните трошоци резултираше со нагло зголемување на глобалниот долг. Централните банки засега ги одржуваат ниските стапки, но штом растат цените на позајмиците, должничката бомба може да експлодира.

Корпоративните хартии од вредност со низок рејтинг

Според Институтот за меѓународни финансии (IIF), кој обединува повеќе од 400 банки и кредитни организации низ целиот свет, денес сите се во долгови и владите и компаниите. За ваквиот тренд придонесува и фактот што корпорациите, охрабрени од невообичаената државна поддршка на пазарот, започнаа невидена продажба на обврзници. Овие корпоративни хартии од вредност имаат многу низок рејтинг на сигурност.

Според агенцијата за кредитен рејтинг „ Standard & Poor’s“, инвеститорите имаат скоро четири трилиони долари во такви обврзници.

Глобалниот долг на историски максимум

Во извештајот на IIF се наведува и дека скоро половина од зголемувањето на јавниот долг падна на терет на напредните економии. А, лидери се САД, Велика Британија, еврозоната, Јапонија и Јужна Кореја.

Вкупниот долг на земјите во развој во третиот квартал од 2020 година е 250 проценти од БДП, а кинескиот 305 проценти. Долгот на развиените земји е 432 проценти. Нејасно е како глобалната економија во иднина ќе го намали толку големиот износ на позајмени средства без значителни негативни последици врз економската активност. Особено затоа што многу земји и компании веќе не се во можност да добијат нови заеми за да ги отплатат претходните.

Експертите за IIF се особено загрижени за пазарите во развој. Пред се поради Либан, Кина, Малезија и Турција, бидејќи има најголем пораст на долгот на нефинансискиот сектор.

САД со најголем долг од 80 трилиони долари

Сепак, САД  акумулираа најмногу долг, што е опасно за светската економија. Станува збор за 335 проценти од БДП, или 80 трилиони долари. Од нив, 28 трилиони се државни заеми, така што до 2028 година, Американците ќе потрошат една петтина од државниот буџет само за камати.

ММФ пак предупреди дека во случај на економска криза, скоро 40 проценти од корпоративниот долг во големите економии ќе заврши со банкрот. Особено, во САД, според проценките на водечката инвестициска банка Голдман Сакс. Според која индикаторите ќе бидат полоши отколку во 2008 година, во времето на претходниот кредитен колапс.

„Седиме на должничка бомба и не знаеме кога ќе експлодира. Штом кризата ќе попушти, а централните банки ќе почнат да ги зголемуваат каматните стапки, светот ќе биде погоден од бран на банкрот – можеби најлош од сите“, истакнува  Емре Тифтик, експерт за долгови.

И Македонија во глобалниот должнички сад

Македонија е исто така во тој глобален сад затоа што мораше и да позајмува за да им помогне на економијата и граѓаните за време на пандемијата. На крајот нa третиот квартал од 2020 година, според НБРМ, бруто надворешниот долг изнесува 9.087 милиони евра (83,4 отсто од БДП) и забележа квартален раст. Зголемување на квартална основа забележаа и бруто надворешните побарувања, коишто на крајот на кварталот изнесуваат 5.946 милиони евра (54,6 отсто од БДП).

При повисок квартален раст на обврските во однос на побарувањата, нето надворешниот долг забележа раст од 187 милиони евра. Па, на крајот на септември 2020 година тој изнесува 3.141 милион евра (28,8 отсто од БДП). Притоа, зголемувањето на нето надворешниот долг во третиот квартал произлегува од зголемениот јавен нето-долг (за 201 милион евра), при намалување на приватниот нето-долг (за 14 милиони евра).

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.