Градежништвото движечка сила за закрепнување на економијата. -Градежниот сектор има потенцијал и капацитет да биде движечка сила во идниот период кој е пресуден за стабилизирање и закрепнување на македонската економија, вели претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски, директор ГД „Гранит“ АД Скопје.

 

Градежништвото движечка сила за закрепнување на економијата

  1. Каков е бизнис амбиентот за градежната индустрија во услови на здравствената криза?

-Градежните компании, иако не беа најпогодени од здравствено – економската криза, ги почувствуваа последиците од кризата и се соочија со низа проблеми поврзани со продуктивноста на трудот, организацијата на работата на тековните проекти, ликвидноста и наплатата на побарувањата. Особено беше погодена индустријата на градежни материјали. Еден период некои производствени капацитети беа во целосен прекин, а други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери. Плановите на компаниите и очекуваните остварувања не се реализираа во целост, што во најголем дел се должи на намалената продуктивност на трудот и организацијата на работењето во новонастанатите услови.

Градежништвото и ковид-кризата 

  1. Дали е намален интензитетот на изградба?

 –Според волуменските индекси на Бруто-домашниот производ во 2020 година градежништвото бележи пад од 2,1  отсто споредено со 2019 година. Градежната оператива во 2020 година извршила градежни работи во вкупна номинална вредност од 28.802 милиони денари.Тоа претставува раст од 2,7 проценти во споредба со 2019 година кога градежната оператива извршила градежни работи во вкупна номинална вредност од 28.043 милиони денари. Нискоградбата, во компарираниот период, бележи раст од  седум отсто, додека високоградбата бележи пад од 3,1 отсто. Kај обемот на договорени градежни работи во компарираниот период се забележува пад од 6,9 проценти, што пред се’ се должи на падот во високоградбата од 13,7 проценти додека кај нискоградбата има раст од 1,9 отсто.

  1. Дали има загуби или неостварена добивка во однос на проектираната? 

-Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите се уште нема конкретни сознанија за резултатите од работењето на компаниите и ќе може да даде одговор на прашањето откако ќе има податоци од завршните сметки. Сепак, со оглед на досегашната комуникација со членките и состојбите на терен во текот на годината може да се очекува пад на приходите, но и на добивката на компаниите.

Работните процеси забавени и отежнати

  1. Дали има градежни фирми што се принудени да престанат со работа?

 –Пандемијата со различен интензитет ги погоди деловните субјекти, при што особено се одрази врз работењето на малите и средните претпријатија. Градежните компании кои ги исполнуваа условите имаа право да користат дел од општите мерки за ублажување на економските последици од пандемијата: бескаматни кредити за подобрување на ликвидноста, субвенционирање на платите, субвенционирање на придонесите од социјално осигурување, олеснувања во подмирувањето на доспеаните обврски по основа на кредит кон банките и финансиските друштва и други. Сепак, постојат и компании кои не успеаја да се справат со притисокот и последиците од здравствено – економската криза и беа принудени да ги прекинат своите деловни активности и да престанат со работа.

  1. Дали има отпуштање на работници?

-Градежништвото немаше директна забрана за вршење на дејноста, како што е тоа случај со деловните субјекти од услужниот и трговскиот сектор. Меѓутоа, неговата поврзаност со транспортот, угостителството и други сектори кои беа најпогодени од кризата, придонесе одредени работни процеси и кај компаниите што продолжија со работа да се одвиваат забавено или отежнато. Сепак, не постои тренд на отпуштање на работници и компаниите се трудат да ги задржат работниците, имајќи предвид дека градежниот сектор се соочува со тешкотии и од аспект на наоѓање и ангажман на квалификуван кадар.

  1. Како се снаоѓаат големите градежни компании?

-Компаниите кои успеаја да се приспособат на новонастанатите состојби и соодветно да се организираат продолжија со работа и за време на пандемијата.  Сепак, градежништвото се соочува со многу предизвици како резултат на преземените мерки за заштита на здравјето на градежните работници. Природата на изведување на градежните активности подразбира претежно физичка работа, ангажман на поголемиот број вработени во компаниите на отворено и неможност за вршење на работа од дома, што влијае на работните процеси и врз реализацијата на проектите.

Годината што измина беше особено тешка од здравствен и економски аспект, поради што може да има намалени приходи и добивка и на претпријатијата и кај компаниите кои продолжија со работа.

Пад на градежните работи во странство

  1. Дали има активности во странство?

 -Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство бележи пад од 31,1  отсто во споредба со 2019 година. Во наведениот период, градежната оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 162.755.000 денари, што е за 42,7  проценти помалку во споредба со истиот период од 2019 година.

Домашните градежни претпријатија имаат стекнато високи референци во проектирање и изведување инвестициски работи во земјите на Блискиот Исток, Русија, Украина, Албанија, Бугарија, Германија, Чешка, Србија, Црна Гора и други земји. Меѓутоа, покрај капацитетите и искуството со кое располагаат домашните компании, во последните години се забележува пад на извршените градежни работи во странство, а компаниите претежно се присутни во земјите од регионот, пред се’ во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

За поголема присутност во странство потребен е стратешки пристап и определување мерки за поддршка на компаниите во соработка со надлежните институции. Тие би можеле да вклучуваат развивање на економската дипломатија и ставање на институционалниот потенцијал во функција на промоција на капацитетите и интересите на компаниите, регионално вмрежување, формирање на гарантни фондови и слично.

  1. Колку се погодени индустриите–кооперанти на градежниците?

 –Градежништвото е поврзано со околу дваесетина други стопански гранки. Дел од нив како транспортот и угостителството беа најпогодени од кризата што се одрази и врз работењето на градежните компании и зголемување на нивните трошоци за тековно работење (пример трошоците за превоз на работници и слично).

Продажба на недвижности

  1. Како оди продажбата на станови?

 -Станбената изградба подолго време е најатрактивен сегмент од високоградбата, а од регионите најатрактивен за градење е Скопскиот регион. Според последните достапни податоци, во согласност со Извештајот од Регистарот на цени и закупнини, за третиот квартал од 2020 година во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 13.505 листови за предбележување на градба. Тоа укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Во третиот квартал од 2020 година се забележува зголемен обем на продажбата на недвижности во однос на третиот квартал од 2019 година. А, истото се однесува и на новоградбите, односно продажбите од инвеститор.

Според последните податоците на Државниот завод за статистика пак, во четвртиот квартал од 2020 година бројот на издадени одобренија за градење во високоградбата бележи раст од 9,1 отсто во однос на четвртиот квартал од 2019 година. Оттука, може да забележиме дека продажбата на недвижности успева да и одолее на кризата и дека може да се очекува ангажман на високоградбата во следниот период.

 

  1. Колкаво е учеството на градежната индустрија во Бруто домашниот производ?

-Градежништвото е еден од секторите двигатели на домашната економија. Тоа во последните три години учествува во структурата на Бруто-домашниот производ со 5,4 до шест отсто. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите тврди дека градежниот сектор има потенцијал и капацитет да биде движечка сила во идниот период кој е пресуден за стабилизирање и закрепнување на македонската економија.

Бране Стефановски

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.