Халкбанк со поддршка од матичната банка од Турција ќе го зголеми капиталот за нови 20 милиони евра. Халкбанк АШ Турција, како главен акционер на Халкбанк АД Скопје, на 26 март свика вонредно собрание и донесе одлука со која ја поддржа Халкбанк АД Скопје со одобрена докапитализација во износ од значајни 20 милиони евра. Основна цел на оваа докапитализација е зајакнување на банкарскиот капитал во земјата и поддршка на реалниот сектор во земјава, особено годинава кога истиот има потреба за тоа.

Халкбанк со поддршка од матичната банка од Турција ќе го зголеми капиталот за нови 20 милиони евра

Најбрзо растечка банка во земјата

И минатата година, со стартот на кризата предизвикана со Ковид-19, Халкбанк АШ Турција експресно одговори на новонастанатата состојба со докапитализација од 20 милиони евра. Тоа и овозможи Халкбанк АД Скопје да одговори на ургентно донесените мерки кои се однесуваа на државата и на граѓаните. Односно, предвремено плаќање на данокот на добивка за 2020 година, мерки за одложување на плаќање на обврските на граѓаните и стопанството, како и  зголемено кредитирање. Минатата година вкупните кредити издадени од Халкбанк забележаа пораст од 14,10 отсто во однос на декември претходната година. Односно во апсолутен износ, растот на кредитирањето беше за околу 101,2 милиони евра. Истовремено и заштедите пораснаа за 18,63 отсто.

„Исклучително сме задоволни што Халк Банка А.Д. Скопје од самиот влез во банкарскиот сектор во Северна Македонија во 2011 година, секоја година е најбрзо растечка банка во земјата. Имавме за цел да создадеме стабилна банка која секогаш ќе биде прв избор во секторот. Пред се, преку двојно зголемување на бројот на нашите филијали, како и бројот на вработени. Исто така и воведување нови и иновативни услуги според потребите на клиентите. И секако, горди сме што успеавме во тоа.

Во овие десет години го стимулиравме развојот на банкарскиот систем во земјата, развивме стабилна банка од аспект на капиталот. Обезбедивме одржлив и здрав раст на банката во земјава. Благодарение на искуството на нашата банка, ќе ја зголемиме нашата поддршка и во наредниот период“, изјави Осман Арслан, главен извршен директор на Халкбанк АШ Турција.

Четврта најголема банка на пазарот според активата

Халкбанк е еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар. Како најбрзорастечка банка на пазарот, Халкбанк АД Скопје е четврта најголема банка на пазарот според активата. Банката, благодарение на успешното работење, 2020 година ја заврши со актива од над милијарда евра. Односно со раст од 14 отсто во однос на крајот на претходната година. Од нив 140 милиони евра се сопствени средства.

„Поддршката која постојано ја имаме од нашата матична банка значи многу за Халкбанк АД Скопје. Бидејќи тоа ни овозможува остварување на сите наши планови и активности. Со зголемување на капиталот ќе имаме можност, навремено и соодветно да одговориме на потребите на реалниот сектор. Исто како и досега, особено во овој предизвикувачки период. На тој начин докажуваме дека сме цврсто фокусирани да ја реализираме нашата стратегија за долгорочен развој во земјава“, изјави Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

Халкбанк АД Скопје, која годинава одбележува 10 години успешно работење на македонскиот пазар, во овој период неколкупати има извршено докапитализација со поддршка од нејзиниот единствен акционер, Халкбанк АШ Турција. Овие средства, заедно со остварениот профит на Банката сите овие години не се издвојува. Напротив се реинвестира и останува во земјава. А тоа е значајна поддршка за финансискиот сектор и економијата на државата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.