Има една песна Влатко Стефановски на албумот на „Леб и сол“ – „Чекам кишу“ и е насловот…

„Шта је са временом,
природа штрајкује?!
Шта је са људима,
Нико не смеје се?!

Како да знаеше што го чека светот во 2020-та година. Во време на пандемијата.

Концертите се невозможни додека трае пандемијата!

Влатко е светски патник. Со актуелниот албум „Taftalidze Shuffle“ далеко дофрла. Регионот му е тесен. И со право. Најголемиот македонски музички амбасадор. Една од боите на Македонија.

Заради пандемијата, овој прекрасен албум кој знае кога ќе биде промовиран во живо во Македонија и на Балканот. Чекаме…

Не дождот, како во песната, туку вакцината да земе замав, пандемијата да попушти.

Концерти нема. И, ќе нема и во 2021-ва, како стојат работиве.

Нешто малку летово и во раната есен. Д-фестивал на „Пасворд продукција“, Амира Медуњанин, Дарко Рундек, Бајага, „Електрични оргазам“… – во организација на „Авалон“.

Потоа се случи втор бран, па онлајн ги гледавме „Скопје џез фестивал“ и „Офф-фест“…
Авалон кажаа дека во вакви услови не се работи и кренаа рачна. Во нивна режија видовме еден спонзориран концерт на телевизија и за онлајн-публика, а и „Last Expedition“ не изненадија во новогодишната ноќ, со експлозивен настап. Онлајн, секако. Мошне витални, полни со адреналин, контра Берни Сандерс, на инагурацијата на Џо Бајден…

И, толку од настаните. Никој ништо да смомене, да најави.

„…a mi smo gurnuti u ilegalu, na kom tajnom kanalu naći bazu i spas?“
– се запраша и Балашевиќ, многу одамна. Како да пееше за нас, сега…

Актуелниве случувања не ни одат на рака…

Неодамнешното откажување на најголемиот музички фестивал во светот -„Гластонбери“, веќе втора година по ред, како и шпекулациите дека концертите и големите настани на српските музичари, веќе навикнати на лоши вести, повторно се доведени во прашање низ цела Европа, не не изненадија.

Како и да е, веќе безмалку една година, сите нивни планови се или непостоечки или се на „стаклени нозе“. Сите се надеваат на вакцинација до лето, но свесни се дека повторно ќе имаат „сушна“ концертна година.

Трета среќа за „Оргазам!

Срѓан Гојковиќ Гиле, фронтменот на „Електричен оргазам“, веќе не знае ни што да каже на оваа тема. Исто така, тој веќе не се осмелува ниту да предвиди ништо. Бидејќи само во текот на минатата година, концертната прослава – четири децении од основањето на „Електричен оргазам“ беше одложена во два наврати. Засега, новиот датум, трета среќа за концертот е 24 април. Иако, многу, многу тешко…

– Очекувам оваа година работите некако да се вратат во нормала, но кога навистина – не знам. Веројатно никој не знае. Секако, страшно ми недостигаат концерти, но не можеме да работиме кога луѓето умираат и кога е таква ситуацијата со коронавирусот. Но, имајќи предвид дека започна вакцинацијата, се надевам дека конечно ќе имаме барем малку светло на крајот од тунелот и дека ќе има концерти. За жал, сè зависи од луѓето што одлучуваат, а ништо од музичарите – вели Гиле.

Со слично мислење е и Никола Чутурило, некогашен гитарист на „Рибља чорба“, кој повеќе од три децении гради соло-кариера…

– Ако концертите започнат да се одржуваат на есен, ќе бидам многу пресреќен… Но, мислам дека тоа е многу оптимистичко размислување. Колку што ми е познато, нешто што беше планирано и наводно закажано за напролет, моментално е на „разнишани нозе“. И јас сум скептичен дека нешто конечно може да започне дури и во септември – признава Чутура.

Бајага и Инструктори се подготвени, но светот не е!

Од друга страна, Момчило Бајагиќ Бајага има големи надежи за лето и за вакцинацијата, доколку, како што вели, продолжи со ова темпо. Тој е охрабрен од друга работа:

– Групата „Genеsis“ ја имаше најавената светска турнеја „Домино“ за мај. Само пред некој ден, видов кратко видео на нивниот канал на Јутјуб со натпис: „Подготвени сме, но светот не е“. Целата турнеја ја преместија за во септември. Но, се надевам дека сè ќе започне кај нас малку порано – вели Бајагиќ.

Иако истакнува дека денес ништо не може да се каже со сигурност, неговите репери се „Genеsis“…

– Фил Колинс и онака е во лоша здравствена состојба, тој не свири повеќе тапани, туку неговиот син, но беа инвестирани многу пари во таа турнеја, закажани се концерти со голем капацитет, меѓу другото и на стадионот „Вембли“. Ако тие се преместија за во септември, очекувам дека тогаш ситуацијата ќе биде малку подобра.

Слоганот на групата „Genеsis“, според Бајага, може да се примени и на бендот што тој го води. Значи, „Бајага и Инструкторите се подготвени, но светот не е“.

Концерти во балон – не, благодариме!

Бајага и тоа како се сеќава на есенскиот концерт во Скопје, кој несомнено беше нешто најдобро што се случило во нашиот град во 2020-та…

– За сето ова време на пандемијата, успеавме да имаме неколку онлајн концерти, снимивме албум. Ние работиме што е можно повеќе, иако минимално во овие услови. Но, јас сум оптимист, ми се чини дека кога ќе дојде убавото време, некаде во јули, сепак ќе биде можно да се работи на отворено.

Оваа есен свиревме во Скопје, на помошниот стадион на Вардар, каде што нормално може да собере околу 12.000 луѓе. Поради епидемиолошки мерки, имаше околу 4.000 лица со дистанца и со сè, и баш помина без никакви проблеми. Никој не се заразил. За сега, имаме договор да настапиме на голем фестивал во Медулин, на крајот на јули. Неодамна ни се јавија за да потврдат дека ќе има фестивал.

Горан Бреговиќ и ние требаше да свириме минатата година, но тоа беше одложено поради коронавирусот за оваа, 2021 година. Засега сметаме на тоа и тоа е единствениот концерт што за сега го имаме во оваа година – вели Бајага.

Спомнувајќи го неодамнешниот експеримент на групата „Flaming Lips“ која одржа „концерт“ во Оклахома, така што членовите на групата и публиката беа во балони, за да бидат безбедни, Момчило Бајагиќ во смеа вели дека тоа е невозможно кај нас!

За Маја Цветковиќ од популарниот белградски состав „E-Play“ овој „потфат“ изгледа забавно и би било убаво да се проба еднаш, но…

– Тоа не е решението. Концертите се специфични по тоа што оваа интеракција меѓу музичарите на сцената и публиката е многу важна.

Како и да е, ќе има забава. Во најмала рака rock and roll…

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.