ИКТ индустријата е ‘рбетот за просперитет и развој на една земја. МАСИТ веќе 20 години се бори ИКТ индустријата да го добие вистинското место и третман во земјава.  Стопанската комора за инфоматички и комуникациски технологии – МАСИТ на крајот на 2020-та година го заокружи своето дводецениско постоење. Како секторот се развиваше низ овие 20 години? За ретроспективата на почетоците, но и визиите во иднина, разговаравме со Елена Петрушевска, проектната менаџерка во МАСИТ.

 

ИКТ индустријата е ‘рбетот за просперитет и развој на една земја

ИКТ секторот покажува висока мобилност и флексибилност за работа од дома

Јубилеј во време на пандемија. Како пандемијата од ковид-19 се одрази на работењето на комапниите и нивните економски резултати?

*Да, навистина сме горди на тоа дека МАСИТ изминатата година, во декември месец,  одбележа 20 години од постоењето на комората. Иако, секторот на информатички и комуникациски технологии (ИКТ) не е директно погоден од здравствено-економската криза, сепак тој го чувствува ударот бидејќи голем дел од компаниите со кои соработува доаѓаат токму од најпогодените сектори, како што се туризмот, транспортот и автомобилската индустрија. Секако, дека во зависност од природата и видот на работата, процесот на прилагодување со себе донесе и одредени предизвици во делот на одржување на продуктивноста, начинот на ангажирање на вработените, комуникацијата со корисниците и сл. Но, земајќи ја во предвид агилноста и мобилноста на ИКТ секторот може да се каже дека засега последиците се на релативно ниско ниво. Особено доколку се направи споредба со другите сектори кои навистина имаа и се  уште имаат значителен застој во работењето. Соочени со новонастанатата ситуација, голем број од компаниите мораа да превземат брзи мерки за прилагодување и да направат план за функционирање во наредниот период. Во тие услови, најголем број од компаниите пристапија кон организирање на дел од вработените за работа од дома. ИКТ секторот покажува висока мобилност и флексибилност за работа од дома, особено ако се земе предвид податокот дека 62 отсто од компаниите се во можност целосно да го прилагодат своето работење независно од работниот простор, а 37 отсто делумно. Чести мерки на прилагодување на кризата кај ИКТ компаниите се и намалување на работното време, прилагодување и подобрување на санитарно техничките услови за работење. Но, од друга страна, застапени се и мерките за стопирање на исплатата на награди и бонуси, намалување на месечните примања на вработените, неисплата на дивиденда и сл.

Какво е влијанието на ковид-19 во однос на вработените во овој сектор?

*Тоа што ИКТ-индустријата претходно веќе нудеше опција за работа од дома и целосно онлајн функционирање, сметаме дека придонесе побрзо вработените во ИКТ секторот да се приспособат на оваа ситуација. Поголемиот дел од ИКТ-компаниите работат од дома. Но, тоа во најголема мера исклучиво зависи од природата и динамиката на индустријата во која се наоѓаат тие. Дел од вработените кај некои од компаниите, се ротираат во смени во смисла една недела одат на работа, една недела работат од дома итн. Но секако дека, и покрај сите привилегии кои ги имаат вработените од овој сектор, кризата со ковид – 19, донесе многу предизвици, потреба за адаптирање и прилагодување кон секојдневните обврски за вработените од овој сектор.

Технолошкиот развој на земјата е поврзан со развојот на ИКТ секторот

Колку во овие две декади успеавте македонската ИКТ индустрија да ја направите конкурентна и препознатлива во домашни и светски рамки? Колку сте задоволни од постигнатото досега? Колку државата помага секторот да се движи во вистинска насока?

*ИКТ индустријата е редок пример за дел од македонската економија кој има потенцијал да генерира силен економски раст и бенефити кои се чувствуваат не само во економијата, туку и во целото општество воопшто. Тоа е индустрија каде постојат директни инвестиции без експлоатација на природни богатства, нема загадување на човековата околина. А притоа државата од суровинско извозна, може да се претвори во извозник на производи и услуги со висока додадена вредност.

Експанзијата на оваа индустрија значи зголемување на девизните приливи, развој на сите други сектори, дигитализација на стопанството и на самата држава. Денес, технолошкиот развој на една земја е непосредно поврзан со развојот и напредокот на ИКТ секторот затоа што тој е носител на најмодерните концепти на управување, производство, маркетинг и тн. ИКТ секторот има неограничен потенцијал и бележи константен раст на вработувањето, додека вработените се едни од најплатените професионалци. Работат во убедливо најдобри услови и придонесуваат најмногу со даноци и придонеси во државата.

Според најновиот извештај за македонската ИКТ индустрија, презентиран во 2020 година, во 2019 година имало 1957 економски активни компании, со вкупно 15 093 вработени. Приходите на целиот сектор изнесувале 879 милиони евра, трошоците 772 милиони, а профитот бил 103 милиони евра. Особено е важно, дека, извозот бил 210 милиони евра, а увозот 88 милиони евра.

Во последниве години, има раст од 51 отсто на економско активните компании, како и раст од 37 отсто на бројот на вработените. Тоа е 10 отсто годишно . Односно од 10 900  на 15 090 вработени во 2019 година. Исто така се бележи и раст на приходите од 17  проценти особено кај компаниите на софтвер и ИТ услуги. Профитот бележи раст од 74 отсто, извозот 40  отсто и увозот 18  проценти.

МАСИТ веќе 20 години ги претставува и застапува интересите на ИКТ индустријата во државата, притоа борејќи се да го добие вистинското место и третман. Затоа што сметаме дека сме се уште далеку, иако значаен дел од нашите предлози и забелешки во изминатите години беа прифатени и реализирани. Залагањата на МАСИТ, не се поврзани само за стимулирање на ИКТ секторот, туку за подигање на свеста на целокупното општество дека без ИКТ индустријата е невозможен раст на вкупната економија во сите гранки на стопанството и нејзина конкурентност. Потребно е да се промени перцепцијата за ИКТ индустријата. Треба да се прифати фактот, дека таа не претставува само услужна дејност на другите гранки, туку дека таа е ‘рбетот за просперитет и развој. Ние веруваме во потенцијалот на ИКТ индустријата која може да направи подобрување на целокупната економија и на квалитетот на живот на сите граѓани во нашата држава. За сето ова да се оствари, секако дека е потребна континуирана поддршка од државата, и токму во оваа насока секојневно работиме и соработуваме со Владата и сите надлежни министерства.

Платформата за јавно – приватен дијалог

Неколку години наназад, индустријата неспорно дека има постојан раст и развој. Што е потребно да се преземе за секторот да биде поконкурентен?

*Прво, преку намалување на фискалните давачки за вработените во ИКТ секторот неопходно е да се промовира конкурентноста на македонските ИКТ компании на меѓународниот пазар. Второ, преку поддршка на образованието, како формално, така и неформалното образование, потребно е да се продуцираат нови квалитетни кадри и дообразба на постојните вработени кои во иднина ќе бидат носители на индустријата. Трето, преку различни мерки треба да се создадат подобри услови за работа на вработените во ИКТ секторот што ќе биде мотив тие да останат во државата.

Покрај овие три групи на предлог мерки, потребно е државата преку сите нејзини политики да води сметка за потребите и специфичностите на ИКТ индустријата и разните државни политики. А, исто така и за правилата кои можат да се одразат на работењето и конкурентноста на фирмите, и да ги прилагоди на нивните потреби.

Кои ќе бидат главните аспекти на кои ќе се фокусира МАСИТ во 2021 година?

*Дефинитивно, главниот фокус ни е насочен во активностите поврзани со работата на Платформата за јавно – приватен дијалог (Основана од четирите стопански комори и тоа: Стопанска Комора на Македонија, Сојуз на Стопански Комори, Стопанска Комора на северозападна Македонија, и МАСИТ – Стопанска Комора за ИКТ). Таа се воспостави како одговор на потребите за претставување на компаниите во разговорите со Владата, за подобрување на бизнис климата и учество во процесот на носење на нови законски решенија, како и примена на подобри решенија на актуелни закони кои ги засегаат компаниите.

Во моментов, МАСИТ е Претседавач на платформата и активно работи и будно ги следи, сите потреби и барања од компаниите кои во моментов треба да се адресираат до Владата и ресорните министерства. Секако, дека активностите поврзани со работа на проекти поддржани од разни донатори присутни во државава, се, биле и ќе останат наш приоритет и во 2021 година. Секако тука се и извозните активности, на кои МАСИТ посветено работи изминативе години со цел  за поконкурентна и препознатлива ИКТ индустрија во државата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.