Неуморниот поет и писател Ристо Лазаров има нова книга. Во издание на „Везилка 2011“ (без поддршка на Министерството за култура), излезе од печат неговата најнова книга „Лилјаци“.

Оваа обемна издание, на 172 страници, е структуирано како и последните десетина книги на овој автор (7 циклуси по 7 песни плус една воведна песна), и интензивно комуницира со стварноста. Во поговорот на книгата, писателот Васе Манчев подвлекува дека сета поетска уметност на Лазаров е длабоко и цврсто втемелена во објективната реалност.

Таа, следствено, и се раѓа, и функционира само во границите на познатата човекова стварност и она што во таа реалност е човековиот свет. Услов за значенско пеење кај таквиот тип уметничко создавање е, освен контекстот во кој настанува и поетскиот текст да биде целосно во реалноста.

Тоа, всушност, во пресудна мера го определува и овозможува високиот квалитет на поетска уметност на овој наш поет.

– Насппроти императивниот реализам на поетот Лазаров – продолжува Манчев – оваа негова книга посебно значајна и занимлива ја прави и впечатливо присутната фантастика, од елемнти до развиени облици, речиси во сите песни.
Но. нужно е да се нагласи дека таа фантастика, во оваа негова книга посебно, не е интендирана, ниту однапред планирана, подготвена и вградена во чистото реалистичко ткиво, туку настанува и се пројавува како резултат на новооткриените и изменетите значења на зборовите, ситагмите и стиховите во самите песни, во дури најнеочекуваните споеви со нив.

– Во „Лилјаци“ – го завршува својот предговор Васе Манчев – точно се знае што се пее, за што се пее, какво е секое значење во уметничката комуникација и зошто поетското дело е богата уметничка повеќезначност. Со таква творечка постапка, со толку скапоцени плодови од неа (мора да се признае не само во оваа книга, туку и во претходните), поетот Ристо Лазаров постигнува творечки нивоа високи колку највисоките постигања на многу поети, чии дела се во врвот на светската книжевност.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.