Јавни набавки без јавен оглас. Расте примената на нетранспарентноста со меѓусебно преговарање, објави денес Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) . Таа го презентира Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година.

Во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра. Тоа е  за 15  отсто повеќе од истиот период претходната година.

Јавни набавки без јавен оглас

Поништени над 27 отсто од тендетите

Во првите шест месеци од 2020 година вкупно биле поништени 2.604 тендери, од кои целосно 1.838 тендери (71 отсто), а делумно 766 тендери (29 отсто). Доколку бројот на поништени тендери (2.604) се стави во сооднос со објавените огласи за јавни набавки во истиот период (9.537) произлегува дека се поништени 27  отсто од тендерите.

Во првото полугодие од 2020 година, одлуки за поништување на тендерите донеле 567 институции (вкупно на ЕСЈН се регистрирани 1.455 договорни органи). Но од нив 188 имаа поништено по само еден тендер, а 118 институции по  два тендери. На врвот со поништени од 10 до 96 тендери се 60 институции, од кои некои, како што е Министерството за внатрешни работи, имаат поголем број објавени известувања за поништување на тендерите (56) отколку што објавиле огласи за јавни набавки (39).

Неприфатлива понуда – услов за поништување

Гледано од аспект на причините за поништување на тендерите, доминантна е причината дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда. Врз оваа законска основа се поништени дури 59  отсто од тендерите, што е за 17 процентни поени повеќе од истиот период претходната година.

На второ место според застапеноста се поништувањата со образложение дека понудените цени биле понеповолни од пазарните. Врз таа основа се  поништени 17  отсто од постапките за јавни набавки.

На трето место според бројноста се поништувањата поради битни пропусти во тендерските документации. Поради тоа биле поништени 13 отсто од тендерите.

На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период 2019 година, но и на влошување во однос на цела 2019 година.

Во првото полугодие од 2020 година, уделот на тендери на коишто имало задоволително ниво на конкуренција (три и повеќе учесници) е евидентиран кај 55  отсто од мониторираните тендери. Кај пет отсто не е добиена ниту една понуда. Додека една понуда е добиена кај 27 отсто или максимум  две понуди  во13 отсто јавни набавки.

Пречекорувања кои треба да се надминат

Институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4  отсто од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.

Аналитичарите препорачуваат договорните органи да ја сведат на минимум нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас. Особено затоа што најчесто ја применуваат за преговарање само со една фирма, и оттука се зголемуваат ризиците од корупција.

Поништувањата на тендерите во првото полугодие од 2020 година бележат раст во однос на истиот период претходната година за 27 отсто. Доминантен дел од тендерите се целосно поништени. Најголем број на поништувања имале АД Електрани, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

Оттука произлегува дека цената била единствен параметар за евалуација во дури 96  отсто од тендерите во првото полугодие од 2020 година. Практично со тоа е задржан неповолниот тренд од претходната година. Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот ’најниска цена‘ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.

Електронската аукција е користена во дури 92  отсто од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки. Покрај најниската цена, висока е примената и на електронската аукција (е-аукција) за намалување на цените. Од вкупно објавените 9.537 тендери во првото полугодие од 2020 година, во дури 8.813 била предвидена е-аукција, наспроти само 724 тендери во коишто тоа не било случај.

Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.

На локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.