Добитник на „Златен венец“ за 2021 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е британската поетеса, есеист, драматург, професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер метрополитен“, Керол Ен Дафи. Според возобновената традиција, оваа одлука беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО. Наградата ќе му биде врачена на лауреатот на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на Фестивалот предвидена да се одржи од 25 до 30 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, потенцира: „Поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето. Таа ги предизвикува родовите стереотипи, како манипулативни, позајмувајќи им го притоа својот моќен глас, духовитоста, проникливоста и игривоста на дотогаш премолчаните, изоставени, иако даровити жени, заробени во улогата на тивки статисти зад сцената на историјата.“

Керол Ен Дафи е родена во 1955 година во Глазгов, во семејство со ирски корени. Таа се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика, што во неа инстантно препозна „расен, нов глас во поезијата“. Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: „Искреност“, „Панаѓур на студот“. Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања, од кои највисокото е почесната титула „Дама заповедник на Редот на Британската Империја“, што го доби во 2015 година.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Керол Ен Дафи вели: „Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на ’Златниот венец‘. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни. Годинава изразот ’ме изневерија зборовите‘ се здоби со тажно значење за мене како поетеса, па така оваа прекрасна награда од Северна Македонија духовно ме поткрена и ме усреќи со тоа што сум добредојдена во оваа голема европска традиција на вреднување поезија“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.