Договорот меѓу Пекинг и Москва за изградба на лунарна вселенска станица значи продолжување на амбициите на Кина во вселената и враќање на Русија во „истражувачката трка“, но и продлабочување на геополитичките односи меѓу двете земји развиени за време на заладување на односите со Соединетите држави.

Кина и Русија најавија планови за изградба на заедничка лунарна вселенска станица, која, според плановите, ќе спроведе широк спектар на научни истражувања, вклучително и проучување на Месечината.

Руската вселенска агенција Роскосмос и Националната вселенска управа на Кина потпишаа договор за развој на истражувачки објекти на површината на Месечината, во орбитата или на обете. Беше најавено дека двете земји ќе соработуваат во планирањето, дизајнирањето, развојот и работењето на истражувачката станица.

Кина, која напредуваше релативно доцна во истражувањето на вселената, минатиот декември забележа успешно враќање на вселенското летало „Чанг-5“, кое донесе карпи и почва од Месечината на Земјата, што беше оценето како уште една демонстрација на растечката способност на земјата во вселената.

Соопштението од Кина и Русија дека планираат да изградат станица за истражување на Месечината, означува почеток на нова ера во вселенската соработка меѓу двете земји.

Кина планираше четири мисии со екипаж веќе оваа година. Таа работи на својата прва постојана вселенска станица во орбитата, чиј основен модул може да биде лансиран веќе во април.


Кина во вселенската трка се вклучи релативно доцна – својот прв сателит го испрати во орбитата дури во 1970 година – ја забрза својата вселенска програма и во тек се плановите за испраќање астронаути на Месечината до 2030-та.

Доколку биде успешна, Кина ќе стане втора земја по Соединетите Американски Држави што слета човек на Месечината.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.