Да бидеш љубопитен и да поставуваш прашања и многу поважно отколку да мислиш дека ги знаеш сите одговори и да се спротивставуваш на туѓите мислења. Токму тоа е фокусот на книгата „Што ако…?“ која ќе биде промовирана онлајн oвоj петок (9 април) во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Модератор ќе биде уредникот Филип Видиновски, кој ќе разговора со Мет Мури, кој заедно со Ендрју Р. Мекхју, е автор на оваа книга. Воедно, свое мислење за книгата ќе даде и м-р Киро Јорданов, кој е наставник во основното училиште „Славејко Арсов“ и досега има работено со неговите ученици, користејќи го ова издание.

Поднасловот на книгата е „Прашања и активности за љубопитни умови“, тргнувајќи од ставот дека сите значајни активности почнуваат токму со прашања: „Што ако можевме да патуваме низ времето или да одиме во вселената?“, „Што ако јадевме бубачки или ако броколи имаат ист вкус како чоколадо?“ или „Што ако можете да го промените светот кога ќе пораснете?“

Мет Мури се залага за свет во кој љубопитноста се третира како природно богатство. Во текот на повеќе од една декада има држено предавања во пет држави и на три континенти. Служел како волонтер во Мировниот корпус и има напишано шест книги заедно со неговиот татко Стив Мури. Денес е социјален претприемач и едукатор. Ендрју Р. Мекхју ги разложува сложените работи во парчиња и во моментов е на докторски студии на универзитетот „Карнеги Мелон“, каде што ја студира интеракцијата помеѓу човек-компјутер. Има искуство во дизајн, филозофија, технологија и луѓе, математика и физика.

„Што ако…?“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.