Комерцијална банка лани со добивка од 31,1 милиони евра. Комерцијална банка АД Скопје од своето работење на консолидирана основа оствари нето добивка за финансиската 2020 година во износ од 1.939,1 милион денари (31,1 милиони евра). Вкупната актива на консолидирана основа изнесува 132.726,2 милиони денари, додека консолидираниот износ на капиталот и резервите со состојба 31.12.2020 година достигнуваат 13.997,1 милион денари. Вака го опишува своето работење Комерцијална банка во коментарот за неконсолидираниот неревидиран биланс на успех и биланс на состојба за 2020 година доставен до Македoнска берза.

Комерцијална банка лани со добивка од 31,1 милиони евра

Остварена бруто добивка со 105,4 отсто

Комерцијална банка ланската финансиската година оствари нето добивка од 1.912,0 милиони денари. Таа е поголема за 5,8 проценти во однос на остварената нето добивка за 2019 година. Планираната бруто-добивка за 2020 година е остварена со 105,4 отсто. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 33,4 отсто поголема во однос на истиот период во претходната година.

Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи. Односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиенти: Прототип ДООЕЛ Скопје, Технометал Вардар АД Скопје и ФКН Неготино.

Повисокиот износ на добивка е остварен во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио, како резултат на кризата предизвикана од ковид-19. Имено, исправката на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето основа достигна 1.369,7 милиони денари на крајот на 2020 година, наспроти 588,5 милиони денари во 2019 година.

Позитивни резултати речиси во сите сегменти

Позитивниот резултат од работењето, Банката и покрај прогласената вонредна и кризна состојба во државата, оствари речиси во сите сгменти.

Вкупните приходи од работењето бележат зголемување од 23,2 отсто во однос на 2019 година.Тие изнесуваат 5.384,3 милиони денари.

 Раст бележат и нето-приходите од камата за 0,7 отсто во однос на претходната година. Пред се како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,2 проценти.

Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2020 година изнесуваат 165,1 милиони денари и бележат зголемување од 39,8 проценти. Планот за анализираниот период е остварен со 139,9 отсто.

Повеќекратно зголемување Банката бележи кај останатите приходи од работењето во 2020 година. По тој основ легнуваат  1.830,4 милион денари, односно 29,8 милиони евра Повеќекратно зголемување во оваа ставка е главно резултат на зголемување на приходите од капитална добивка. Таа е реализирана по основ на продажба на преземен имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот за извештајниот период е трикратно надминат.

Намалување е забележано кај нето приходите од провизии и надоместоци од 5,8 проценти. Ова намалување е остварено како резултат на намалениот обем на работа, поголемо користење на електронското банкарство од страна на клиентите,  како и поради укинати надоместоци за електронско банкарство за физички лица во периодот на постоење вонредна состојба. Планот за анализираниот период е остварен со 92,4 отсто.

Општествено одговорна компанија

Лани Банката прикажала оперативни расходи  од 1.943,1 милион денари. Тие во однос на  2019 година се зголемени за 8,5 отсто како резултат на:

  • зголемени премии за осигурување на депозитите,
  • зголемени трошоци за компјутерска опрема заради прилагодување за работа од дома,
  •  за хигиена и ангажирање редари согласно ковид-мерките,
  •  како и зголемени трошоци за амортизација и за спонзорства и донации.

Во услови на кризата Банката направи повеќекратни улати за помош на здравствениот систем. Исто така, Банката вложи поголем износ за спонзорства во областа на спортот врз основа на ваучери издадени од Агенцијата за млади и спорт, со што се стекнува со право за намалување на данокот на добивка во висина на вкупниот износ на донираните средства. Планот кај оваа позиција е остварен со 117,7 проценти.

Во периодот од 01.01-31.12.2020 година Банката прокнижи 4,4 милиони денари исправка на вредност на нефинансиски средства, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ.

Забележително вложувања во државни обврзници

Вкупната актива на Банката на 31.12.2020 година достигна износ од 132.709,2 милиони денари. Во однос на декември 2019 година  активата бележи зголемување од 7,9 проценти. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел произлегува од порастот на паричните средства, кредитите дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност. Планот е остварен со 103,9 проценти.

Банката има позитивна реализација со 94,3 отсто на планот кај паричните средства и паричните еквиваленти.

Средствата за тргување во износ од 45,1 милиони денари бележат намалување од 77,1 отсто. Ова е резултат на продажбата на акциите од TIRANA BANK SH.A. Albania. Планот е остварен со 123,6проценти.

Финансиските средства по објективна вредност преку билансот на успех (определени како такви при почетното признавање) во износ од 344,5 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Значително зголемување од 91 отсто банката бележи кај вложувањата во хартии од вредност. Тоа се должи  главно на поголем износ на купени континуирани државни обврзници во денари и еврообврзници во странска валута. Планот е остварен со 192,9 отсто.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката  во 2020 година достигнаа износ од 13.899,1 милиони денари. Тие во однос на 2019 година се зголемени за пет отсто.

Пад на кредитите

Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 78,2 проценти. Тоа е главно поради доспевање на орочените депозити во странска валута и нивно преорочување на пократки рокови. Покрај тоа, намалувањето во помал дел е резултат на продолжување со активностите за реструктурирање на активата во странска валута. Оваа услуга започна минатата година, со цел да се обезбедат поголеми приноси преку пласирање средства во должнички хартии од вредност. Планот е исполнет со 22,3 отсто.

 Кредитите и побарувањата од други комитенти бележат минимално зголемување од 0,3 проценти. Во овој период кредитирањето на домаќинства забележа помала динамика на раст споредено со кредитите на нефинансиски друштва. Банката во извештајниот период учествуваше заедно со уште пет банки во кредитирање на Министерството за финансии за потребите на буџетско финансирање. Планот е остварен со 96,5 проценти.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 116.773,7 милиони денари и бележат зголемување од 8,5 отсот. Планот е остварен со 104,8 отсто.

  Очекувања за претстојниот период

Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2021 година се условени од ефектите од здравствената и економската криза која започна на почетокот на 2020 година.

Реализацијата на макроекономските проекции е придружена со ризици кои се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, интензитетот на ефектите врз економијата и резултатите од економските мерки за нејзино ублажување, како и ризиците поврзани со евроинтеграциските процеси и задржувањето на политичката стабилност во земјата.

Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.