Комерцијална, Стопанска и НЛБ Банка водат над половина од банкарскиот бизнис во земјава. Според извештајот на Народната банка за големината на билансите на состојба на банките за 2020 година, 57,47 отсто од банкарскиот бизнис припаѓа на овие три банки.Тие заедно со останатите две големи, Халк банка и Охридска банка зафаќаат 76,72 проценти од банкарскиот пазар.

Средните банки зафаќаат 20,42 проценти од банкарскиот бизнис, а малите банки само 2,86 проценти.

Комерцијална, Стопанска и НЛБ Банка водат над половина од банкарскиот бизнис во земјава

Активата на банките  се зголемила- добивка, намалена

Македонскиот банкарски сектор кој го сочинуваат 14 банки, успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.

Според податоците на Народната банка, пет од нив се големи банки со билансна сума од над една милијарда евра, шест се средни и три се мали банки.

Минатата година убедливо на првата позиција котира Комерцијална банка, малку со заостанување, но сепак чекор со неа фаќаат и втората најголема банка според актива во земјава Стопанска банка и НЛБ банка како трета

Според податоците на Народната банка активата на Комерцијална банка лани пораснала за 156.000.000 евра и достигнала 2,15 милијарди евра.

Активата на Стопанска банка АД Скопје на крајот на минатата година изнесувала 1,7 милијарди евра. Банката ја зголемила активата за 103 милиони повеќе во однос на 2019 година.

Според податоците лани и третата најголема банка во земјава НЛБ банка АД Скопје исто така успеала да ја зголеми активата за 137 милиони евра во однос на претходната година. Така активата а крајот на 2020 година изнесувала 1,4 милијарди евра.

Вкупната добивка на трите најголеми банки лани е намалена за 12.200.000 евра. Имено  нивната вкупна добивка лани изнесува 101.100.000 милиони евра, наспроти 113.300.000 евра во 2019 година.

Од трите банки Стопанска банка има остварено највисока бруто добивка од 2.177.457 илјади денари, потоа следи Комерцијална со 1,986.753 илјади денари и НЛБ со бруто добивка од 1.857.334 илјади денари.

Високата добивка на Стопанска банка доаѓа од остварените приходи од камата во бруто износ од 4.136.546 илјади денари. Нето приходите од камата, пак кај НЛБ Банка се 2,913.186 илјади денари, а кај Kомерцијална изнесуваат 2.419.344 илјади денари.

Депозитите- најголем извор

Показателите покажуваат дека и кај трите банки најголем извор на средства претставуваат депозитите. Тие во Комерцијална банка учествуваат со 87 отсто во пасивата, во НЛБ со 82 отсто и во Стопанска со 81 процент. Од депозитите Стопанска банка околу 82 отсто ги пласира во кредити, НЛБ 73 проценти, а Комерцијална околу 44 проценти.

И останатите две банки од петорката покажуваат значаен напредок. Така активата на Халк банка достигнала 1,2 милијарди евра или за една година пораснала за 156 милиони евра.

Охридска банка, пак  лани имала актива од 738 милиони евра, што е за 49 милиони евра повеќе од претходната 2019 година. Меѓутоа, оваа банка е споена со Шпаркасе банка на која активата лани ѝ достигна  429.000.000 евра. Таа  засега се вбројува како средна банка иили редоследно е на седма позиција.

Прокредит банка, исто така средна банка, со актива од 574 милиони евра, е на шесто место според големината. Осма е УНИ Банка, со актива од 386 милиони евра. Таа бележи раст од 17 милиони евра во однос на претходната година. Развојната банка на Северна Македонија има актива од 195 милиони евра.  Стопанска банка Битола со 179 милиони евра е на десетто место, а последната средна банка е Централно-кооперативна банка, со актива од 172 милиони евра.

Во групата на мали банки прва е ТТК банка, со актива од 114 милиони евра. Потоа следува Силк Роуд банка со актива од 113 милиони евра. Најмала е Капитал банка, чија актива изнесува 44,5 милиони евра.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.